Обилните врнежи од дожд го вклучија алармот кај земјоделците
Ако продолжат обилните врнежи од дожд и студеното време ќе нема ниту овошје ниту зеленчук. А уште помалку мед, вино и млеко. Пчеларите се жалат дека климатските промени си го земаат својот данок. Велат дека оваа година количествата на медот може да бидат минимални, а тоа ќе предизвика и покачување на цената.
– Ако потрае ваквото време, медот и другите пчелни производи може да станат луксуз. Навистина не паметам, јас пчелар работам 40 години ваква несудна година не сум видел. Пред 20 години мај беше врнежлив, меѓутоа не беше ладен месец. Сега се случи април да биде врнежлив, мај исто така, па и јуни. Но не само врнежливо туку и ладно време, тоа се одрази на самата вегетација – вели Перо Дабески, пчелар.
Лошите временски услови се одразуваат и на сточарството. Цените на млекото и млечните производи во маркетите стануваат недостижни, а откупната цена на млекото од производителите стагнира, велат сточарите.
– Климатските промени на секого влијаат. Со растот на цените мораме да се приспособиме ние како фарма, да не биде многу скапо и да не биде многу евтино. Не е лесно, турбуленциите се константни – велат сточарите.
И лозарите се разочарани. Некои од нив не ќе можат да скинат ниту еден квалитетен грозд оваа година ако продолжат обилните дождови.
– Многу дожд и болести има на лозовите насади. Не можеме да работиме… и да прскаме навреме. Цените на грозјето се многу ниски, се надеваме дека оваа година ќе бидат повисоки – велат лозарите.
Експертите ценат дека поради екстремните временски појави оваа година, штетите ќе бидат неизбежни.
– Македонија е земја што е позната по земјоделството и многу е важно да се работи и на климатските промени. И државата треба да се бори за изнаоѓање решенија за борба против климатските промени. Односно адаптација за да обезбедиме производи во кои сме познати – вели Искра Стојанова, проектна координаторка на ОН за животна средина.
Предвидувањата се дека до 2050 година температурата во Македонија просечно ќе се зголеми за 1,9 степен, а во летните месеци за 2,5 степена, додека количеството врнежи годишно ќе се намалат за пет отсто, а во летните месеци и до 17 отсто. Најранлива локација, според овие анализи, ќе биде Повардарието каде што се произведува грозјето, а ќе биде критично и во Струмичкиот и во Гевгелискиот Регион, но и за производството на доматите, а во Скопско-кумановската Долина и Овчеполието загрозено може да биде производството на зимската пченица.
Климатските промени и македонското земјоделство
Климатските промени се директна закана, во овој период дождовите влијаат исклучително лошо врз земјоделството. Производителите на храна предупредуваат ќе се соочиме со недостиг од овошје и зеленчук. Велат секоја година губат огромни финансиски средства за да го заштитат родот и на крајот пак тоа не се исплати.
– Климатските промени ни се реалност. Штетите врз земјоделството се огромни. Веќе една деценија без прекин секоја година имаме загуби – вели Васка Мојсовска, претседателка на Националната федерација на фармери.
За да се заштитат производите, потребни се поголема поддршка и финансиска помош од државата. Земјоделците со апел, што поскоро да се донесе долгорочна стратегија за заштита на земјоделските производи од климатските промени.
– Нам ни се потребни долгорочни мерки за заштита на земјоделското производство од климатските промени. Тие мерки, кои се финансиски многу скапи, земјоделците сами не можат да си ги дозволат и затоа бараме поголеми поддршки од националните програми, од руралната програма, од ИПАРД-програмата со повисока стапка на поврат на средствата – вели Мојсовска. Р,Н.М.