Најстариот универзитет во Македонија на 30 мај избира ректор. За лидерската позиција се пријавени шестмина професори. „Нова Македонија“ ви ги претставува кандидатите за ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Во овој број разговараме со проф. д-р Христина Спасевска, која е актуелна проректорка за настава на УКИМ
Проф. д-р Христина Спасевска, кандидатка за ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“
Кој е вашиот мотив да се кандидирате за водечката позиција на УКИМ?
– Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е местото каде што од почетокот ја градам мојата академска кариера, од денот кога дипломирав на Природно-математичкиот факултет во Скопје и вработувањето на Факултетот за електротехника и информациски технологии. Бев ангажирана како професорка по физика и на други факултети, некогаш имајќи и повеќе од 100 студенти во група. Во мојот 33-годишен наставен ангажман, секогаш блиску до студентите, ги увидов нивните потреби и размислувања за студирањето. Како научник што објавува трудови во референтни меѓународни списанија, имам воспоставено меѓународна мрежа и повеќе од 20 проекти финансирани од странски програми, со моето искуство можам да придонесам во етаблирањето на УКИМ на меѓународно ниво. Тука е и мојот долгогодишен општествен ангажман во професионални организации што работат со младите, што ќе ја зајакне соработката на нашите студенти и македонските компании. И секако, како проректорка за настава на УКИМ, ги согледав сите проблеми со кои се сочувува нашиот универзитет. Тоа ми даде мотив дека ќе можам да се справам со предизвиците и да придонесам за негов развој.
Кој ќе биде вашиот прв фокус доколку бидете ректорка?
– Кога го имате првото место помеѓу еднаквите, со задача да се вложите дополнително, надвор од своите секојдневни професионални ангажмани, секогаш треба да бидете пример. Затоа, најпрво ќе го намалам додатокот за ректор, да биде споредлив со просечната плата на професор на УКИМ, а средствата ќе бидат насочени во нова програма за финансирање на младите истражувачи и нивните ментори. Со нови системски правила ќе се ревидира начинот на зафаќање на 5 отсто од меѓународните проекти, во согласност со програмата од која се финансираат. Овие средства што досега ги користеа дел од управните органи на УКИМ, сега ќе се вклучат во новиот фонд за аплицирање на проекти.
Но секако студентите, како и досега, ќе бидат мојот најзначаен фокус од првиот ден. Веднаш ќе се воспостави е-индекс, со што ќе се намали хартиеното администрирање. Исто така ќе се воведе студентско практикантство на УКИМ, па студентите ќе можат директно да се вклучат во работата на универзитетот.
Во каков универзитет реално може да прерасне УКИМ под ваше водство?
– Во соработка со професорите, студентите и јавноста, заедно можеме да го промениме УКИМ во универзитет што ќе биде лидер на секое поле. Универзитет што нуди европско образование за нашите студенти, вложува во научноистражувачката дејност и притоа постигнува врвни резултати, но пред сѐ УКИМ што ќе работи транспарентно и отчетно, воспоставувајќи академска и студентска автономија, го подигнува квалитетот на образование и поттикнува меѓународно вмрежување на професорите и студентите. Ова е УКИМ кон кој заеднички целиме. Програмата за ректор ќе биде дел и од програмата за работа и развој на УКИМ, доколку бидам избрана да го водам нашиот универзитет. Таа се состои од седум приоритетни столба за европско образование на УКИМ, реално остварливи преку конкретни проекти. Суштински ќе го промениме и начинот на функционирање на УКИМ, со тоа што во процесот на одлучување ќе бидат вклучени проректорите, професорите и студентите, со цел заеднички да ги креираме промените што следуваат. Ова беа некои и од барањата и предлозите на колегите професори и студенти во широката консултација додека ја изработував програмата, што сега се дел од мојата програма.
Со какви проблеми очекувате да се соочите?
– Овие речиси три години како проректорка за настава можев да ја согледам состојбата во ректоратот, но и на факултетите и институтите. Предизвици има многу, особено кога треба да се реализира сеопфатна програма за работа и развој на УКИМ во наредниот тригодишен период.
Како најстар и најголем универзитет со традиција во негувањето на сите научни подрачја и голем број високообразовни единици, УКИМ има диверзитет во однос на бројот на вработени во секоја од единиците, голем број студенти и студиски програми, делумна интегрираност и дисперзираност на единиците во кампуси на различни локации. Комплексноста на УКИМ и малата транспарентност, по секоја од овие основи се рефлектира врз неговото целокупно работење, особено кога станува збор за управувањето со документи, интердисциплинарната соработка и директната вклученост на академскиот кадар во создавањето заеднички стратегиски политики од значење за универзитетот, но и за опкружувањето. Но, секако, најголеми проблеми се малото буџетско финансирање на дејноста, малите плати на вработените и старите објекти за настава. Но проблем се и горливите прашања поврзани со инфраструктурните објекти на дел од нашите единици, како и спортската сала во кампусот на ректоратот, потоа објектите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство и на Факултетот за физичко образование спорт и здравје се недовршени, а Факултетот за драмски уметности и Институтот за социолошко и политичкоправни истражувања имаат потреба од нови функционални објекти.
Државата издвојува недоволно пари за наука и истражување. Како би го решавале овој сериозен проблем?
– Вложување во наука и научноистражувачки проекти е еден од клучните механизми за поставувањето на УКИМ на светските ранг-листи, како приоритет во кој потфрливме изминативе години и како држава и како академска средина. На УКИМ научноистражувачката дејност на годишно ниво се финансира од сопствени средства, со поддршка на мали научноистражувачки проекти, доделени по еден на секоја единица, како и објавени трудови со фактор на влијание што не се поддржани од Министерството за образование и наука. Но досега немаше сеопфатен ангажман од УКИМ за почнување партнерство со државните институции со кои заеднички ќе одиме кон овие цели. Решението го гледам во креирање детална програма за финансирање, со пропишани правила за избор на најдобрите и проекти со кои ќе почнеме силно партнерство со Владата и надлежните министерства, но пред сѐ трансформација на УКИМ во високообразовна институција што ќе биде лидер во креирањето на образовните политики. Дополнително, навремено со наменски проекти ќе аплицираме за искористување на фондовите за посебни намени од Министерството за образование и наука, обезбедени од основниот буџет или преку билатерални или мултилатерални донатори. За поголемо искористување на овие фондови, единиците на УКИМ ќе имаат целосни и сеопфатни информации за навремено доставување наменски проекти.
Најважно од сè, УКИМ мора да понуди транспарентност и отчетност во своето работење, за што досегашните извештаи и начин на работење покажуваат дека е сериозен недостаток. Носењето на буџетот и распределбата на средствата, како од сопствени приходи, така и од основниот буџет на државата, ќе бидат транспарентно разгледувани, преку отворени седници, со широки консултации и мислења од единиците на УКИМ.
Проблем за високото образование е и ниското рангирање на меѓународните листи. Како може да се подобри тоа?
-Поставувањето на УКИМ високо на меѓународните ранг-листи е долгорочен процес на кој ќе му пристапиме сеопфатно, искористувајќи го целиот потенцијал што го имаме на нашиот универзитет. Рангирањето се определува во неколку категории, пред сè поврзани со успешноста во објавувањето научни резултати во списанија, цитираноста, како и воспоставување поголема видливост на трудовите и научните активности на УКИМ. Секако дека овде голема улога има и финансирањето, за што ќе испорачаме директни и конкретни барања до државните институции за финансиска поддршка. Подигањето на УКИМ на светските ранг-листи може да се случи само со инволвираност на целиот научноистражувачки потенцијал од нашиот универзитет и политичка одлука на државата да има национален универзитет помеѓу првите 1.000. Веднаш ќе пристапиме кон зајакнување на соработката помеѓу единиците за остварување интердисциплинарни истражувања, целосна поддршка на младиот истражувачки потенцијал и многукратно зголемување на поддршката од нашите алумни што работат во странски истражувачки центри. Универзитетот има врвни научници, со веќе воспоставена меѓународна соработка, но, за жал, поради административните предизвици при конкурирањето и имплементацијата на меѓународните проекти, нивната иницијатива во таа насока е многу мала. Меѓународната соработка ќе ја отсликаме и во формалното образование со воспоставување систем за поголем број студиски програми со двојни дипломи од странски универзитети и развој на Универзитетската школа за докторски студии, што ќе ги зголеми интердисциплинарноста и квалитетот на докторските трудови, како предуслов за врвна наука. Ова се дел од чекорите на кои сериозно ќе им пристапиме, а со цел подигнување на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје на светските ранг-листи. Н.Б.З.