Има такви времиња кога тиранократијата од идеја се претвора во стварност. Има такви ситуации кога властољубието се сведува на лично, клановско и племенско користољубие. Власта лишена од сомилост спрема општото национално и државно добро е во суштина тиранија. Тиранијата е матрица на секој авторитарен режим, независно како се именува: демократски, мултиетнички, проевропски, прозападен. И секогаш почива врз некоја полувистина која сее страв и трепет: ако не се интегрираме, ќе останеме на пусија, сами, боси, гладни, апокалиптични…
А светот е голем, интеграциите и партнерствата треба да бидат прашање на слободен избор, заемна почит, заемен интерес, без ултиматуми, без апсурдни ситуации, без загуба на суверенитетот, без закани со воени конфликти, санкции и распад. Ако не сме дораснале за одредена интеграција, нема зошто да растеме под притисок, закана, делегетимирани и колонизирани… Рационални алтернативи и решенија секогаш има. Прво, основно и врховно правило треба да биде почитувањето на универзалните конвенции на Обединетите нации за човекови, колективни, национални, културни, јазични и други права…
Штом некој предлага нешто кое отстапува од тие меѓународни конвенции кои важат за сите освен за „Нас“, значи дека нешто е гнило, сомнително, нелегално, нелегитимно, штетно и непоправливо… Таквите непристојни предлози учтиво се одбиваат. Уставот на Република Македонија од 1991/1993 година беше оценет со висока оценка, како сосема европски и според врвните стандарди на ЕУ. Во мигот кога започна да се доведува во прашање исправноста на тој европски конципиран Устав на Р Македонија, требаше секому да му биде јасно дека се прави обид да се дезавуира востановениот функционален, национален, граѓански и демократски концепт на државата. На мнозинството му беше јасно, но малобројната политичка „авангарда“ се направи недоветна и допушти, под закана и од позиција на виша сила, некој да го започне процесот на ревизија на Уставот.
Уставот сам по себе не е цел, тој е алатка за да се променат одредена државна структура и политички систем, да се смени и да се изгуби стекнатиот државотворен статус, во случајов на македонскиот народ, да се деградира македонската нација, затоа што само деградирана нација генерира племенски и мултиетнички режими.
Само недемократска „мултиетничка демократија“ ја дезинтегрира нацијата и ги деградира заедничките национални/државни интереси. Само дезинтегрирана нација може да биде предмет на оспорувања од внатре и од надвор. Само оспорена нација може да биде прибежиште на криминогени структури и политики. Само оспорена нација може секоја и најмала заедница да ја признае како државотворна без да бара реципроцитет за своето малцинство во другите држави. Само оспорена нација и неодржлива држава може да дозволи други да ѝ кажуваат дека нејзиниот официјален јазик е нечиј дијалект и дека како дијалект нема свој дијалектен систем надвор од државата. Само држава која нема свој национален стожер може да потпишува протоколи кои предвидуваат агонија на поставување вето без крај. Само држава која не ги почитува меѓународните конвенции кои се во нејзин интерес може да први ревизија на својата историја, да го ретушира својот уставотворен наратив, да го менува своето уставно име, своето уставно знаме… Само држава со којашто владеат сомнителни структури може да склучува штетни трговски и политички договори на нетранспарентен начин, претворајќи ги во полувистини. Дали полувистините создаваат полудржави? Дали сме ние нешто помеѓу, „ни смоква, ни грозје“, што би рекле Французите?
Архетипот „раздели, па владеј“ и овој пат се покажа како ефикасен метод за тоа како да се распадне една држава од внатре, преку ревизии на Уставот и законите, преку ревизија на идентитетите и редистрибуција на власта и моќта, преку миграциски процеси и пописни манипулации, преку политика на исклучоци и ултиматуми. Исклучокот не потврдил ниту едно правило, само покажал дека правилата се релативни и дека кога се бара изземање од правилата тогаш се бара меѓу еднаквите некој да биде поеднаков, да може да прави што сака без ограничувања и без санкции…
Така се глобализира авторитарниот ум и се универзализира тиранијата. А тиранијата над териториите и ресурсите во основа е тиранија над луѓето. Таа нема крај, таа е агонија без крај. Иронијата да биде поголема, на тиранинот му се заблагодаруваат и го величаат. И така се создаваат дистопии, негативни утопии, апокалиптични светови, така се рушат цивилизациските придобивки, а хуманизмот и хуманитарноста се бришат со еден потег.
Држава без темелно, компаративно и научно утврден национален геополитички и стратешки интерес не може да го штити својот интерес оти го нема. Таа ќе штити нечиј туѓ интерес замислувајќи го како свој, претставувајќи го како свој. Така се создаваат новите политички религии, фетиши, илузии, катастрофални грешки… Така се губат пријатели. Така, всушност, никој и не работи на создавање свое лоби за заштита на својот, во случајов македонскиот интерес. Така, дури и кога умни личности од разни профили укажуваат на апсурдноста на некои актуелни политички решенија и опции, истите тие се игнорираат, се деградираат, се отфрлаат априори.
Да не зборуваме за тоа како се маргинализираат и омаловажуваат обидите за разумен и аргументиран дијалог кои доаѓаат од внатре. Меѓупартискиот анимозитет и партискиот интерес се толку силни што нема простор за критички дијалог. Јамката ни ја ставаат најблиските. Трагедијата се случува дома, меѓу блиските, како и секогаш што било во историјата на човештвото. Иако, да бидеме чесни, не сите трагедии имаат иста приказна и исти последици, македонскава е вистинска реткост, нешто помеѓу комедија и трагедија, помеѓу травестија и пародија, мошне ритуална, паганска, вулгарна…
Ќе препорачам да погледнете два филма пред да донесете каков било заклучок за моиве навидум теориски тези. Станува збор за филмовите „Службени тајни“ (Official Secrets, 2019) и „Ненадеен напад“ (Shock and Awe, 2017), кои покажуваат како врз однапред параполитички/парадржавно одредени цели и интереси се конструираат аргументи, докази и медиумски покритија, а во меѓувреме се водат војни, страдаат луѓе, народи, култури. Понекогаш треба не само да се прашаме туку и да се свестиме колку се рамнодушни злосторниците, колку се бесчувствителни, безобѕирни и лукави освојувачките политики зад коишто стојат сомнителни лукративни и неморални интереси. Или, зошто да не, искривената, извитоперена логика на тиранијата: властољубива, ненаситна, брутална…