Фото: Игор Бансколиев

Промотивната поддршка на еден историски инкриминиран лик како Ванчо Михајлов од страна на политички претставници на земја-членка на ЕУ (Бугарија), и тоа на територија на соседна суверена држава, освен што е провокација и понижување за нашата држава домаќин, таа постапка сериозно ги предизвикува вредностите, принципите и владеењето на правото во Европската Унија, чија членка е Бугарија. Очигледно, државната врхушка на Софија западнала во „временска дупка“ и ја идентификува ЕУ со „Третиот рајх“ и силите на Oската каде што и Бугарија била членка, пред осумдесетина години, и сѐ уште не се разбудила… Веројатно и Брисел веќе е свесен за ова

Софија води шизофрена „европска политика“ со Македонија

Доколку не стануваше збор за политика, во која лицемерството е дел од дипломатската умешност, контрадикторниот развој на македонско-бугарските односи во последниве три години, манифестиран со декларирање голема желба и поддршка на Бугарија да ја види Македонија во ЕУ, а истовремено ѝ става вето за почеток на преговорите, ќе требаше да се третира како психијатриска дијагноза за поделена личност. За нова ескалација на оваа веќе воспоставена политичко-психијатриска состојба на билатералните односи, изминатиот викенд придонесе посетата на висока бугарска делегација на Битола, која сакаше да му даде особено значење на отворањето на бугарскиот културен клуб именуван според контроверзен историски лик Ванчо Михајлов, докажан како соработник на фашизмот и нацизмот за време на Втората светска војна. Промотивната поддршка на еден таков историски инкриминиран лик, од страна на политички претставници на земја-членка на ЕУ (Бугарија), и тоа на територија на соседна суверена држава, освен што е провокација за Македонија, сериозно ги предизвикува и вредностите и критериумите на Европската Унија, поставена на антифашистичките вредности, вградено во основачките документи на Унијата.
По подгревањето на тензиите во билатералните односи на Македонија и Бугарија со настаните и изјавите на бугарските политичари при отворањето на бугарскиот културен клуб во Битола, бугарскиот европратеник и известувач за Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук, изрази став дека „Софија треба да ја ревидира позицијата кон Скопје“. Ќучук признава дека „многу е тешко да им се објасни на европски партнери кои се причините за запирање на патот на Македонија кон Европската Унија, особено откако од Бугарија произлезе идејата за нејзино проширување кон Западен Балкан“.

– Стратегиски интерес на Бугарија е да се граничи со демократски земји што можат да обезбедат простор на безбедност, просперитет и можности. Другото не можам да си го објаснам. Секогаш тенденциозно им се дава гласност на луѓето што сакаат С. Македонија да не биде дел од Европската Унија. Политиките треба да се градат на малку подолг временски период. И ако погледнеме низ оваа призма на односите меѓу Софија и Скопје, ми се чини дека ќе најдеме многу посериозни аргументи Република С. Македонија да биде дел од Европската Унија – истакнува Ќучук.
И покрај бурната реакција на македонската јавност за настанот во Битола, пред сѐ поради провокативниот ревизионизам за релативизирање на фашизмот преку именувањето на бугарскиот културен клуб во Битола со името на фашистичкиот соработник Ванчо Михајлов, истата таа јавност очекува и реакција од претставници на ЕУ, со оглед дека е создадена перцепција за промоција на фашизмот во Македонија од страна на политичари од земја-членка на ЕУ.
– Не изненадува нереакцијата (или млаката реакција) на македонските власти на отворањето на бугарскиот културен центар „Ванчо Михајлов“, бидејќи на таквиот однос македонската јавност подолго време сведочи. Меѓутоа, би било многу поинтересно да се види како ЕУ и „меѓународната заедница“ би реагирале кога во некоја земја (сеедно која) би се отворил „културен“ центар, именуван според Димитрие Љотиќ, Анте Павелиќ, Бенито Мусолини, Адолф Хитлер, Хајнрих Химлер или Миколош Хорти, особено ако на отворањето присуствува највисокото државно раководство на некоја земја, како бугарското во Битола – пишува на социјалните мрежи универзитетскиот професор и филозоф Љубомир Цуцуловски.
Во интерес на јавноста, редакцијата на „Нова Македонија“ се обрати до Делегацијата на ЕУ во Скопје и до амбасадата на Франција, како претставништво во Македонија на актуелниот претседавач со Советот на ЕУ, за нивните позиции во однос на настанот во Битола, реакциите предизвикани од отворањето на бугарскиот културен клуб, како и за влијанието на новосоздадениот контекст врз развојот на македонско-бугарските односи и европерспективата на Македонија.

До затворањето на денешниот број на весникот, одговор добивме од амбасадорот на Франција, Сирил Бомгартнер.
– Што се однесува до суштината на иницијативата за отворање бугарски културен клуб во Битола, немам што да додадам на она што во тој поглед го вели претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, во изјавата за МИА од 17 април дека: „…Се работи за граѓанска иницијатива, во согласност со Европската конвенција за човекови права…“. Што се однесува, пак, до можните последици врз тековниот билатерален процес меѓу С. Македонија и Бугарија, тоа сигурно не е нешто што може да се посака. Решавањето на овој билатерален спор, во рамките на заемно прифатливо решение, е од најголем интерес за двете засегнати земји, како и за ЕУ во целина, а уште повеќе сега, во новиот меѓународен геополитички контекст – вели францускиот амбасадор Бомгартнер.


ЕК и молчи и замижува за афирмирањето фашистичка идеологија од државна делегација на ЕУ-членка

Европската комисија уште еднаш го повтори ставот дека Бугарија и Македонија треба да најдат „заедничко прифатливо решение“ за спорот, без да го прокоментира настанот со бугарската државна делегација во Битола, која присуствуваше на отворање бугарски центар именуван според соработник на фашистите.
– Нашата дамнешна позиција е дека и С. Македонија и Албанија ги исполнија условите за почеток на пристапните преговори, како што знаете следните чекори се во рацете на Советот, од наша страна јасно продолжуваме да ги охрабруваме С. Македонија и Бугарија да постигнат заеднички прифатливо решение за постојните билатерални прашања и се надеваме дека ќе видиме што е можно поскоро отворање на формалните пристапни преговори со двете земји, што поскоро – порача портпаролката на ЕК, Ана Писонеро.