Доследните или т.н. конзистентни политички ставови кај политичарите се клучот во демократските општества, каде што врз основа на тие ставови секој човек точно знае во која насока ќе се движи неговата држава и дали ќе бидат зачувани националните интереси. Во оној момент кога некој функционер ќе почувствува дека актуелните политики се спротивни на ставовите што ги застапува, едноставно ја напушта функцијата
Неконзистентноста и менувањето на политичките ставови на носителите на државни функции ги збунуваат и граѓаните и институциите
Ако е нешто конзистентно на македонската политичка сцена сите овие триесет и нешто години, тоа е неконзистентноста, односно непостојаноста и недоследноста во ставовите на политичарите и на политичките партии, поради што веќе никој не знае во кој правец се движи државата.
Имено, од независноста до денес македонската јавност буквално се изнаслуша секакви „цврсти“ ставови, беше сведок на повлекување разни „црвени“ линии, за на крајот повторно ништо да не излезе од „бетонираните“ позиции, бидејќи политичарите буквално во од го менуваат мислењето во зависност од дневнополитичките потреби.
Најновиот таков пример на неконзистентност во ставовите доаѓа од шефот на државата, кој пред нецела година беше цврсто против каква било промена на Уставот и внесување на Бугарите во него, за по извесно време да ретерира и да каже дека нема ништо против да се направат уставни измени, но дека не треба да се брза, за пред некој ден, пред германскиот претседател Штајнамјер, да изјави дека се залага уставните промени да се направат што поскоро!?
Низа примери на непостојаност во политичките ставови за суштински прашања
Не многу одамна и поранешниот премиер се колнеше во „воздухот што го дише“ дека нема да има промена на Уставот поради промената на името на државата, но по некој месец и тој заборави на она што го изнел како став пред македонската јавност и не само што се промени Уставот поради новото име на државата туку се отвори и Пандорината кутија, од која излезе сè и сешто, па сега Македонија не знае од која страна да се брани.
Неконзистентноста беше одлика и на поранешните шефови на државата, кои еднаш даваат амнестија, па се премислуваат, на собраниските пратеници, кои прво носат резолуција за името, а потоа ја погазуваат, на министрите, кои во зависност од партиските потреби знаат во рок од 24 часа да изнесат и по два-три различни става.
За политичките партии воопшто и не станува збор, бидејќи толку се неконзистентни во функционирањето, што граѓаните, за жал, веќе не препознаваат во нив политички субјекти со идеолошка матрица, туку обични акционерски друштва за вработување партиски подобници и добивање што повеќе тендери.
Конзистентните ставови кај политичарите се клучот во демократските општества, каде што врз основа на тие ставови, секој човек точно знае во која насока ќе се движи неговата држава и дали ќе бидат зачувани националните интереси. Во оној момент кога некој функционер ќе почувствува дека актуелните политики се спротивни на ставовите што ги застапува, едноставно ја напушта функцијата.
За жал, кај нас политичарите ги менуваат ставовите како чорапи, па затоа и не треба да зачудува колку лесно поминуваат сите уцени и нови услови што ги поставува Европа, бидејќи знае дека овдешните политичари се „флексибилни“ во секој поглед. Тука треба да се бараат причините зошто оваа држава не мрда напред, туку продолжува да тоне во корупција, поради која сè повеќе граѓани се иселуваат.
Причини за политичка недоследност и непостојаност и заземање дијаметрално спротивни ставови
Социологот Илија Ацевски преку три моменти ги лоцира причините што доведуваат до таа неконзистентност во ставовите кај политичарите, што од друга страна води кон целосна ерозија на институциите и, генерално, на државните политики.
– Има неколку причини што се длабоки и кои доведуваат до тоа нашите политичари да не бидат постојани во ставовите што ги искажуваат. Ќе се задржам на три клучни причини. Прво, македонскиот политички блок е толку поделен во однос на некои стратегиски прашања во однос на Македонија, што едноставно е невозможно да се изгради цврст став што ќе го следат сите. Ако едните се за прифаќање на некои европски барања, другите се против и така се вртиме во круг 30 години. Нема консензус за ништо. Во една таква ситуација, овие политичари што треба да ги застапуваат сите граѓани, во некаков моментален изблик кажуваат нешто различно од тоа што го тврделе претходно. На почетокот ќе кажат нема промена на Уставот, подоцна, кога ќе ги притиснат однадвор, го менуваат ставот – вели Ацевски.
Според него, на македонската политичка сцена нема конзистентност за прашањата што се важни за државните интереси, туку секој кажува што мисли тој.
– Потребна ни е една постојаност, една константа во врска со прашањата важни за државата за кои никој нема да разговара. Можеме да тврдиме за Бугарите што сакаме, но кај нив подолго од сто години постои единствен став во однос на Македонија и таму не се појавил политичар со поинаков став. Кај нас го нема тоа – појаснува Ацевски.
За него од клучна важност е тоа што водечките политичари во земјава немаат квалитетни советници што ќе им помогнат да изградат издржан став за важни прашања.
– Втора причина е тоа што овие што ги држат врвните функции во земјава немаат советници што ќе им помогнат да изградат издржан став, кој нема да може лесно да се менува, а со кој ќе бидат заштитени сите национални интереси. Да имаше поранешниот премиер подобри советници, можеше да издејствува при потпишувањето на Преспанската спогодба безусловен почеток на преговорите со ЕУ. Тоа сигурно ќе го добиеја во тој момент. Кај нас нема советници и затоа доаѓа до таа непостојаност во ставовите на политичарите – нагласува Ацевски.
За него, погубен е третиот момент што го лоцира во таа непостојаност на политичките ставови, а тоа е губењето на довербата кај граѓаните, кои секојдневно ги гледаат политичарите како постојано кажуваат различни ставови по исто прашање.
– Сега доаѓа третиот момент, што ние како граѓани веќе не им веруваме на политичарите кога гледаме дека денеска зборуваат едно, утре друго. Се урнисува тој кредибилитет на луѓето што треба да имаат авторитет и да ја водат државата, па затоа веќе тука не се цени ниту институцијата претседател ниту премиер, едноставно овие државни функции се девастирани. Тоа е ерозија на една државна политика во целост – заклучува Ацевски.
Поранешниот вицепремиер за евроинтеграции и амбасадор Ивица Боцевски смета дека неконзистентноста во политиката лошо завршува на избори.
– Кај граѓаните секогаш останува последната опција – гласот на изборите. Неконзистентноста лошо завршува на изборите – вели Боцевски.
Според него, на земјава ѝ се потребни целосно нови политичари, кои нема да ги менуваат ставовите и кои ќе одговараат исклучиво пред граѓаните.
– Потребна е реставрација на демократијата во Македонија, избори и потоа ново зачекорување напред со нови политичари, кои ќе одговараат пред граѓаните наместо пред непознатите центри на моќ што ги доведоа и сега ги одржуваат на власт Зоран Заев и неговата елита – смета Боцевски.