Моќни земји внатре во ЕУ што се категорично против проширувањето на Унијата со земјите од Западен Балкан ја користат Бугарија како обична маша за да го опструираат преговарачкиот процес во недоглед. Софија нема ништо против да биде злоупотребена на таков начин бидејќи така се факторизира на Балканот, но што е уште поважно за неа, може слободно да ги наметнува сопствените хегемонистички аспирации во однос на Македонија. Затоа се случува сегашната експлозија на националистички изблици на бугарски европратеник и други бугарски националисти среде Скопје, со единствена намера да предизвикаат возвратна реакција со која сакаат да ја оддалечат земјава од Европа
ЕУ ја задушува реалната европска перспектива, неопходен е поинаков
пристап кон бугарските уцени
Во време на тензични односи со соседна Бугарија и во пресрет на одбележувањето на годишнината од раѓањето на македонскиот идеолог и револуционер Гоце Делчев, на кое се најавува присуство на поголем број бугарски граѓани, Македонија мора да покаже исклучително висок институционален одговор на сите предизвици што ќе се појават во периодот што следува.
Очигледната бугарска местенка само да се прикаже пред очите на Европа некакво македонско „неевропско однесување“ резултира со сосема спротивен ефект од она што искрено го посакуваше Софија, дополнително да го подели македонското општество. Наместо тоа, бугарските провокации како никогаш досега ги обединија граѓаните во заштита на македонското достоинство и дигнитет.
Од друга страна, задоцнетата реакција на Европската Унија на сите провокации што му претходеа на инцидентот во Охрид само говори за неконзистентниот европски став околу проширувањето. Да беше поинаку, официјален Брисел уште многу одамна ќе ѝ ги скратеше крилјата на Бугарија, особено во оној момент кога одново почна да лета носена од ветриштата на фашизмот отворајќи ги таканаречените културни клубови во земјава именувани според директни соработници на фашистите.
Тоа јасно упатува на еден логичен заклучок дека ако проширувањето на Унијата беше приоритет, тогаш Македонија ќе ги почнеше преговорите веднаш по потпишувањето на Преспанската спогодба уште летото 2018 година, а Грција повторно ќе го имаше ветото како алатка ако случајно спогодбата не се ратификуваше навреме во македонското собрание.
Така, Европа ќе демонстрираше искрена желба за проширување, исто онака како што ги зачлени Хрватска со нерешен територијален спор со Словенија, Бугарија и Романија без исполнети европски критериуми, а Кипар како поделена земја без целосна контрола над својата територија.
Овој пат тоа не е случај и затоа Македонија најпрво се соочи со француска, а потоа и со бугарска блокада, што е јасна индиција дека има моќни земји внатре во ЕУ што се категорично против проширувањето на Унијата со земјите од Западен Балкан, па во овој момент ја користат Бугарија како обична маша во балканското огниште за да го опструираат преговарачкиот процес во недоглед. Софија нема ништо против да биде злоупотребена на таков начин бидејќи така конечно се факторизира на Балканот, но што е уште поважно за неа, може слободно да ги наметнува сопствените хегемонистички планови во однос на Македонија и тоа да го претставува како некакви европски вредности. Затоа се случува сегашната експлозија на националистички изблици на бугарски европратеник и други бугарски националисти среде Скопје, со единствена намера да предизвикаат реакција со која сакаат да ја оддалечат земјава од Европа. Веројатно, авионот што бугарскиот претседател Радев го испрати да го префрли повредениот Пендиков во Софија веќе турирал на софиската писта уште пред да се случи тепачката во охридското кафуле, чекајќи го сигналното знаменце на главниот навигатор и пилот во целата операција.
Бојко Борисов гледал некаков обид за враќање на Македонија под руско влијание?!
Повеќето европски интелектуалци, експерти, новинари неодамна упатија јасни пораки до граѓаните од земјите на Западен Балкан дека членството во Унијата „не е повеќе во излогот“ и дека мора да се посветат на средувањето на состојбите дома, па во фонот на таквите одгласи би било паметно и прагматично Македонија соодветно да одговори на навредливите пораки и говорот на омраза што пристига од Бугарија.
Тоа подразбира одговор од страна на македонските власти кон Бугарија што нема да биде темелен врз емоции, туку врз принципот на европските практики и европските искуства на решавање на отворените прашања меѓу европските земји. Германија и Франција имаат различно толкување на историјата и ден-денес, нивните историски комисии седум децении ги утврдуваат историските факти, но тоа не ги спречува овие две земји со заеднички сили да бидат моторот на ЕУ.
Затоа е потребно разговорите со Бугарија околу отворените прашања да продолжат и во иднина, но врз основа на реципроцитет и меѓусебно почитување, без никакви рокови и притисоци. За да се случи тоа, Софија мора, како што забележуваат европските познавачи и хроничари, да расчисти со силните руски влијанија и врските, кои не може да ги раскине подолго од 100 години. Не случајно партијата Преродба, која е во силен подем на бугарската политичка сцена и чиј претседател среде Скопје скандираше дека „Македонија е бугарска“, отворено ги поддржува Русија и нејзините дејства во Украина и е најголемиот заговорник земјава да биде блокирана во евроинтеграциите. Истовремено, бугарските политичари соочени со силните руски влијанија во своите редови се обидуваат извртувајќи ги тезите да наметнат наратив дека, всушност, во Македонија има изразено антиевропско-руско влијание (?!), иако земјава никогаш во историјата немала некакви посебни врски со Русија, со чиј амин историски беше распарчена на три дела, за разлика од Бугарија, која своето постоење како држава ѝ го должи токму на Москва, која барем за кратко ѝ го направи реален санстефанскиот сон за држава од Охрид до Црно Море.
– Жалам што Путин не направи блицкриг во Украина – порача неодамна Николај Дренчев од Преродба, гостувајќи во емисија на бугарската БНТ, одбивајќи директно да одговори на прашањето на водителот дали го оправдува она што го прави Путин во Украина.
Сега и поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов гледал некаков обид за враќање на Македонија под руско влијание, повторувајќи ја оркестрираната мантра на тамошните политичари дека Бугарија сака да ја види земјава во ЕУ.
Сето ова најдобро ја отсликува вистинската слика за политичката сцена во Бугарија, на русофили и приврзаници на Западот, кои заеднички ја злоупотребуваат Македонија за време на секој изборен циклус, наметнувајќи нарација дека македонскиот народ е тој што ги мрази и тепа Бугарите, дека не им дава никакви права, дека им ги ограничува слободите и дека не сака да ги впише во Уставот, премолчувајќи го фактот дека истата таа Бугарија е пред исклучување од Советот на Европа затоа што одбива да спроведе 16 пресуди на Европскиот суд за човекови права во Стразбур што ги добија претставниците на македонското малцинство во Бугарија.
Да се посветиме на себе, да заборавиме на Бугарија
Имајќи ја предвид комплетната слика, односно бугарската хегемонистичка и нихилистичка позиција во однос на Македонија, како и европската инфериорност во поглед на проширувањето, единствено нешто што во овој момент ѝ преостанува на земјава е да се сврти кон себе, а со ЕУ, како и со земјите-членки, вклучувајќи и со Бугарија, да гради односи врз база на рамноправност и во согласност со нејзините интереси.
Со други зборови, земјава мора доследно да се посвети на имплементација на Копенхашките критериуми заради себе, односно да работи на реформите со таква посветеност небаре за пет години ќе стане членка на ЕУ, а да разговара со Бугарија необременета од никакви рокови и илузии за скорешно членство.
– ЕУ засега го изгуби апетитот за проширување и тоа мора да ни биде јасно на сите. Тоа го говорам веќе 10 години и поддршката што, наводно, ни ја даваат големите земји е само декларативна, во пракса нема ништо од тоа. Но треба да ни биде исто така јасно дека машата во целата оваа ситуација (како да не се случи проширувањето), всушност, е Бугарија – вели политичкиот аналитичар Синиша Пекевски.
Според него, Македонија треба да размисли како понатаму ќе го води процесот со Бугарија, без да прави отстапки што уште поскапо може да ја чинат, а повторно ништо да не добие од тоа.
– Треба да се оладат главите, да седнеме сите тука во земјава и да изработиме национална, државна стратегија околу нашите интереси. И таа стратегија да биде обврзувачка за сите, без оглед кој и да дојде на власт. Нашите позиции еднаш засекогаш треба да бидат забетонирани и тоа треба да биде на национална основа, во што ќе бидат вклучени сите. Во Бугарија се сменија еден куп влади, има големи политички несогласувања по разни прашања, но кога станува збор за политиката кон Македонија, сите се единствени. Исто беше и со Грција – истакнува Пекевски.
Тој уште додава дека крајно време е да се излезе со национална стратегија во однос на Бугарија, но и за други прашања важни од интерес на државата.
– Сето ова што сега ни се случува, уценувањата од бугарска страна, тензиите, сето тоа е реакција на вазалскиот однос што ги покажа нашите власти. Да постапеа поцврсто и во согласност со нашите интереси, немаше да се доведеме во ваква ситуација – категоричен е Пекевски.
Професорот и филозоф Љубомир Цуцуловски смета дека Македонија не смее да потклекнува пред бугарскиот наратив дека таа земја е олицетворение на некакви европски и демократски вредности!?
– Време е еднаш да се разбере и тоа што ќе се разбере јасно да се каже дека критериум за демократизацијата и европеизацијата на едно општество и држава не е, ниту може да биде односот кон Бугарија, уште помалку односот кон нејзината сегашна политика и бесмислени барања. Барем толку треба да се знае и тоа што се знае, без каков било исклучок, да се почитува – пишува професорот Цуцуловски.
Дипломатите со долгогодишно искуство и познавања во надворешнополитичките состојби се согласуваат дека во момент кога Европа не дава јасни сигнали за проширувањето, мора да се посветиме на домашните работи, а не да се занимаваме со Бугарија и нивните нерационални барања.
– Важно е да се усогласиме по многу прашања на внатрешен план, да заземеме заеднички став во однос на она што се национални интереси. Многу е попаметно на тоа да го трошиме времето, наместо ова што го правиме со Бугарите, оти тоа нема крај. Ние не треба воопшто да се осврнуваме на бугарските негирања. Ние сме единствената земја во Европа што прифатила многу работи во интерес на мирот и стабилноста на Балканот, а за возврат не добила ништо – велат дипломатите, уште еднаш подвлекувајќи дека Македонија не смее да наседнува на бугарските провокации и треба да си ги гледа своите работи.
Бугарија меѓу најосудувани држави за прекршување на човековите права
Бугарија е меѓу десетте најосудувани држави пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур за 2022 година, покажува судската статистика што ја презентираше претседателката на судот, Шифра О’Лири.
Лани судот во Стразбур донел 27 пресуди за Бугарија, од кои кај 25 било утврдено прекршување на човековите права. Дополнително, против Бугарија има 539 жалби за кои процесот е во тек.
На својот последен состанок на почетокот на декември минатата година, Комитетот на министри на Советот на Европа ги повика властите во Бугарија да почнат да ги почитуваат пресудите на Европскиот суд за човекови права и да дозволат регистрација на здруженија што имаат цел признавање на македонското малцинство во Бугарија.
Комитетот на министри на состанокот ги разгледуваше неспроведените одлуки на судот во Стразбур и меѓу нив донесе одлука и за македонските здруженија во Бугарија, кои веќе 16 години ги добиваат случаите против Бугарија.