Бугарскиот премиер Кирил Петков изјави дека лично не го видел планот на Франција за посредување за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ.
– Во однос на планот на Франција, јас лично не сум видел ништо црно-бело – рече Петков во одговор на прашање на БНР.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, Петков додаде дека Бугарија отсекогаш била отворена и подготвена да разговара со сите европски партнери доколку имаат значајни предлози, но тие мора да бидат во рамковната позиција на Бугарија. Што и да се направи, според Петков, мора да се потврди преку рамковниот став на Бугарија, а да помине и низ бугарскиот Парламент.
Кирил Петков оваа изјава ја даде на врвот Околчица каде што денеска Бугарија го одбележува Денот на Ботев, со сенародно поклонение и помен на поетот – револуционер Христо Ботев, кој загина пред 146 години. Заедно со премиерот Петков беше и лидерот на бугарските социјалисти и вицепремиер Корнелија Нинова.