Фото: Маја Јаневска-Илиева

„Нова Македонија“ направи компаративна анализа, во која ги вкрсти размислувањата на образовните власти, здравствените работници, родителите и Синдикатот, но ги спореди и искуствата во соседните земји во однос на изведувањето на наставата во второто полугодие. Сите тие имаат интересни предлози и размислувања за ефектите и текот на наставата во екот на пандемијата, но и за евентуалните последици од сето тоа

КОМПАРАТИВНА АНАЛИЗА ЗА НАЧИНОТ НА НАСТАВА ВО ПРОДОЛЖЕНИЕТО НА УЧЕБНАТА ГОДИНА

Наставата во основното и средното образование во второто полугодие ќе продолжи на 1 февруари со физичко присуство на учениците. Вака одлучи Владата на седмата редовна седница врз основа на мислењето на Комисијата за заразни болести, истовремено повикувајќи и на доследно придржување и спроведувањето на протоколите за одржување настава со физичко присуство.
Одлуката на државните власти за физичко присуство на наставата доаѓа во време кога пандемијата со сојот омикрон на големо ги полни болниците, а секојдневно се регистрираат по илјадници нови заболени.
Во светло на актуелните случувања, „Нова Македонија“ направи компаративна анализа, во која ги вкрсти размислувањата на оваа тема на образовните власти, здравствените работници, синдикатите, родителите, но ги спореди и искуствата во соседните земји во однос на наставата на почетокот на второто полугодие. Во продолжение ги пренесуваме ставовите на сите инволвирани страни.

МОН: Придобивките поголеми со физичко присуство

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири во пресрет на почетокот на второто полугодие изјави дека Министерството ги има предвид повиците од УНИЦЕФ, кое е за физичко присуство на настава.
– Сите ние и наставниот кадар свесни сме за придобивките од физичкото присуство на учениците. И според податоците, во првото полугодие, имавме многу мал број заразени деца. Нашата одлука ќе беше лесна ако ја имавме истата варијанта од вирусот како што беше во септември и октомври. Сега има нова варијанта, но и тоа не значи дека почетокот на второто полугодие со физичко присуство ќе го зголеми бројот на заразени – изјави министерот Шаќири.
Комисијата за заразни болести претходно препорача со почнувањето на второто полугодие од учебната 2021–2022 година, наставата да се одвива со физичко присуство за сите ученици во основното и средното образование, со доследно почитување на превентивните мерки и протоколи.
Месецов, со одлуката на Владата на 17 јануари, поради влошената епидемиолошка состојба и процената дека земјата се наоѓа во врвот од новиот ковид-бран, зимскиот распуст на учениците, кој завршуваше на 20 јануари, беше продолжен до 1 февруари.
Носењето маска клучен предизвик според лекарите

Универзитетскиот професор и микробиолог Никола Пановски во својот осврт на случувањата вели дека почетокот на второто полугодие можеби би можел да се одложи од 1 февруари за уште една или две седмици, па ако започне да опаѓа бројот на новоинфицирани, а со тоа и врвот на овој бран на пандемијата, тогаш да се започне со образование.
– Но, во секој случај, верувам дека децата треба да започнат физички да посетуваат настава – вели докторот.
Тој потсетува дека децата минатата учебна година не одеа на училиште со месеци, иако беше генерално безбедно во тој момент, бидејќи ретроактивно ние во земјава имавме вкупно толку инфицирани колку што сега само за еден ден се инфицираат од вирусот.
– Децата не смеат да губат настава, а дополнително олеснувачки е фактот што средношколците и онака веќе се со стекнат имунитет на ковидот – резимира Пановски.
Докторот Нико Беќаровски, специјалист од Клиниката за токсикологија, пак, за вели дека носењето маски ќе биде клучен предизвик во почетокот на второто полугодие.
– Ние знаеме дека ретко кое дете знае на вистински начин како да ја користи маската, но и какви се хигиенските услови во училиштата – вели докторот.
Беќаровски советува дека почетокот на второто полугодие би можел да биде различен за учениците на различна возраст. Тој советува дека не е лоша алтернатива ако второто полугодие не се одложи за матурантите, кои најмногу треба да посетуваат настава, но треба да се одложи почетокот за други категории деца.
– Сепак, одложувањето на второто полугодие нема никаква логика ако се знае дека децата за зимскиот распуст веќе беа на зимски одмори, на скијање и на места каде што веќе и онака имале блиски средби – резимира тој.

Какви се регионалните искуства

Од друга страна, земјите во нашето соседство во моментов наоѓаат нови начини за безбедно водење на физичката настава на учениците во основните и средните училишта во второто полугодие.
Децата на училишна возраст во Хрватска наскоро ќе имаат обврска секој понеделник да се тестираат на коронавирус пред да одат на училиште.
Како што информира загрепскиот весник „Јутарњи лист“, во тек е изработка на план предложен од Министерството за наука и образование, во согласност со кој бесплатни тестови би биле дистрибуирани во сите училишта во Хрватска и би им биле делени на родителите.
Учениците од прво одделение до завршните одделенија во средните училишта задолжително би се тестирале дома еднаш во неделата, во понеделник, пред да заминат на училиште.
– Основниот план е децата да бидат тестирани од родителите во понеделник пред училиште, а потоа ако се негативни, по проверка на резултатите на тестот од властите, доколку некој се покаже позитивен, епидемиолошката служба и училиштата одредуваат како ќе постапат – изјавил потпретседателот на Владата, Давор Божиновиќ.
Од друга страна, во соседна Бугарија, пак, во сила е системот за комбинирана посета на наставата во второто полугодие. Имено, според информациите во бугарскиот печат, регулативите во земјата наложуваат училиштата да го прекинат физичкото присуство во областите каде што инфекциите со ковид-19 се искачуваат дневно на над 500 новоинфицирани лица на 100.000 жители од одредено населено место во период од две недели.
Софискиот магазин „Дневник“ информира дека доколку стапките на инфицирање се малку пониски, помеѓу 250 и 500 новоинфицирани на 100.000 жители, тогаш од училиштата во тие области мора да се префрлат половина од учениците во едно училиште да учат онлајн, а половина во училниците.

СОНК предлага првите недели учениците да учат онлајн

Самостојниот синдикат за образование и наука (СОНК) вели дека Министерството за образование и наука и Владата треба да размислат за алтернативни методи на наставата во второто полугодие во основното и средното образование, додека бројот на заразени не падне и не се стабилизира епидемиолошката состојба во земјата.
Јаким Неделков, претседателот на СОНК, вели дека во време на висок процент на заразени и минусни температури, не се сигурни дека Владата донела исправна одлука за начинот на одржување на наставата во второто полугодие.
– Ако се погледнат бројките на дневно ниво на заразени од ковид-19 и ако стручните лица кажуваат дека врвот сѐ уште не е постигнат, оправдано стравуваме дека врвот може навистина да се случи во училиштата и многу ученици и наставници да се заразат. Таквата состојбата ќе биде сериозна. Затоа бараме алтернативно изведување на наставата, па потоа да се види каква ќе биде епидемиолошката состојба. Првично предлагаме наставата две недели да се одвива онлајн. Наставниците се веќе обучени, на учениците им е познат начинот на функционирање. Знаеме дека тој начин е потежок, но засега е побезбеден – посочува претседателот на СОНК.

Родителите и за и против

Родителите се поделени за прашањата поврзани со почетокот на физичката настава во второто полугодие, едни се приврзаници на политиките на институциите, а други се противат.
Онлајн наставата претставува проблем за многумина родители бидејќи нема кој да им ги чува децата дома додека тие се на работа.
– Во цела Европа сѐ се затвори, ама училиштата работат. Децата треба да си учат, и тоа без маски – велат родители што се приврзаници на настава со физичко присуство.
Од друга страна, пак, група родители организирани во движењето насловено „Поддршка за онлајн настава“, произлезено од група на социјалната мрежа Фејсбук, која има над 15.000 члена, бараат второто полугодие да започне со онлајн настава, а не со физичко присуство.
– Во моментов имаме нагорна линија на позитивни лица на коронавирусот, па сметаме дека нема услови за настава со физичко присуство во тесни училници, непочитување протоколи, нетестирање ученици и персонал, отворени прозорци во зимски услови, поради што за кратко време ќе се доведат во смртна опасност голем број семејства.
Бараме најитно Министерството за здравство, заедно со Министерството за образование и наука, во контекст на Владата на РСМ, да донесе одлука со која второто полугодие ќе започне со онлајн настава за сите ученици, а не со физичко присуство – велат од движењето.