Осумчлената делегација, во која ќе бидат вклучени претставници на македонските здруженија од Бугарија, ќе порача пред македонските власти дека почитувањето на нивните граѓански права како малцинство не смее да биде изоставено во актуелните македонско-бугарски односи и меѓувладина комуникација на двете земји. Исто така, Македонците од Бугарија ќе го нагласат и неспроведувањето од страна на Бугарија на пресудите на Европскиот суд за човекови права од Стразбур, во интерес на македонските здруженија

Македонските здруженија од Бугарија денеска на прием кај претседателот Пендаровски

Денеска напладне во Кабинетот на претседателот на државата Стево Пендаровски ќе се случи долгонајавуваната и одложувана средба со претставниците од неколку здруженија на македонското малцинство во Бугарија. Средбата со македонскиот претседател беше побарана од ОМО Илинден-Пирин и другите македонски здруженија во Бугарија речиси пред две седмици. Иако претседателот Пендаровски веднаш позитивно одговори на барањето за средба, нејзиниот термин првично беше неодреден, а потоа беше и одложен, официјално поради состојбата со висока заразеност од коронавирусот во двете земји, но неофицијално се чекаше да се одржат средбите во Скопје и во Софија на новите премиери на Македонија и на Бугарија, Димитар Ковачевски и Кирил Петков. Оваа средба би била прв прием на Македонците од Бугарија во кабинет на македонски претседател. Барањето за прием на претставниците од македонското малцинство во Бугарија, како што самите кажуваат, е предизвикано од неколкуте посети на претставници од здруженија на граѓани од Македонија со таканаречена бугарска самосвест кај бугарскиот претседател Румен Радев. Предизвикот за Македонците во Бугарија е уште поголем поради тоа што во условите на Бугарија за повлекување на ветото за македонските евроинтеграции се наметнува гарантирање малцински права на т.н. македонски граѓани со бугарска самосвест, додека Бугарија одбива да ги спроведе 16-те пресуди на Европскиот суд за човекови права во корист на македонските здруженија и да го признае постоењето на македонското малцинство во оваа држава, која, патем, е и членка на ЕУ и како таква треба да ги почитува и гарантира првата на малцинствата, што, впрочем, е европски критериум.
Од Кабинетот на претседателот информираат дека по завршувањето на средбата ќе биде објавено соопштение, додека претставниците на македонските здруженија пред одржувањето на средбата велат само дека сакаат на македонскиот претседател лично да му ја изложат состојбата со почитувањето на нивните граѓански права како малцинство во Бугарија.

– Осумчлената делегација што ќе биде на средбата кај македонскиот претседател Стево Пендаровски ја предводи Стојан Георгиев, почесен претседател на ОМО Илинден-Пирин, кој самиот бил жртва на затворска репресија во Бугарија зашто се изјаснува како Македонец. Инаку, делегацијата ја сочинуваат претставници од повеќе македонски здруженија во Бугарија, кои на претседателот Пендаровски сакаат да му ја изложат реалната состојба со положбата на македонското малцинство во Бугарија, како и да се порача дека почитувањето на нивните граѓански права како малцинство не смее да биде изоставено во актуелните македонско-бугарски односи и меѓувладина комуникација. Како тема за разговор, секако, ќе биде и неспроведувањето од страна на Бугарија на пресудите на Европскиот суд за човекови права од Стразбур, во интерес на македонските здруженија. Некои поконкретни очекувања и барања до претседателот Пендаровски ќе произлезат од текот на разговорите, за што ќе има информации и соопштенија по средбата – вели Стојко Стојков, претседател на ОМО Илинден, кој, сепак, нема да биде дел од делегацијата на средбата со претседателот Пендаровски.