Партиите го диктираа процесот на приватизација

Книгата на Душан Петрески, поранешен претседател на Стопанската комора, поставува низа прашања и нуди одговори како се одвиваа
промените и распределбата на државниот капитал во почетните години од независноста и во македонската економска транзиција

Промовирана книгата „Како се обезвреднуваше и крадеше капитал во Република Македонија“

Радикалните реформи и трансформации во Македонија по стекнувањето на независноста се спроведуваа во несоодветни системски услови и во услови на нефункционирање на правната држава. Таквата состојба имаше своевидно негативно влијание врз вредноста на капиталот што не можеше да се сочува или да се зголемува како што се планираше пред да започнат пазарните реформи. Се создадоа можности да се вршат девијантни дела, незаконски постапки, злоупотреби, криминал, корупција и перење пари, со што се обезвреднуваше дотогашниот државен капитал.
Овие констатации се изнесени во книгата под наслов „Како се обезвреднуваше и крадеше капитал во Република Македонија“ од Душко Петрески, поранешен претседател на Стопанската комора на Македонија. Петрески е еден од ретко упатените луѓе во економските процеси во државата во перидот пред распадот на социјалистичка Југославија и деценијата по стекнувањето на независноста на Македонија. Во својата книга, рамна на научна студија, детално, од политички, економски и правен аспект, ги објаснува околностите како се изведуваше приватизацијата, зошто пропаѓаа големите стопански системи во Македонија и како тие биле речиси ограбувани.
Анализирајќи ги процесите по 1991 година, Петрески изведува заклучок дека носителите на власта во Македонија не ја сфатиле одговорно историската задача. Не биле поставени вистинските темели за самостојна и економски суверена држава, немало изграден правен и економски систем и соодветни услови да функционира правната држава. Изнесена е и констатацијата дека новите власти биле целосно неподготвени за справување со последиците од растурањето на југословенската држава.

Со автократско раководење, селективна политика, субјективни влијанија политичарите создадоа услови во кои можеа, посредно или непосредно, преку менаџерите на друштвата и сопственици на приватни фирми со незаконити постапки да прераспределуваат капитал од државата и реалниот сектор, со што направиле огромни штети. Негова оцена е дека приватизацијата во Македонија обилува со низа недоследности, со големо мешање на политичките власти од трите поголеми партии, во дел од случаите селективно и нееднакво, а и со остварување лични, групни и партиски интереси. Во еден дел од книгата Петрески зборува и за моралните вредности на самиот процес на приватизацијата, како и за несоодветната кадровска политика во економскиот и финансискиот сектор на власта.
Петрески во книгата појаснува дека ниската проценета вредност на капиталот на друштвата и јавните претпријатија дошла како резултат од применетата методологија, која имаше несоодветни економски критериуми, без да бидат земени предвид пазарните критериуми, реалната пазарна вредност и профитабилноста во работењето. Тоа беше задача на Агенцијата за трансформација на општествениот капитал, но која дозволи проценителите да го обезвреднуваат капиталот во договор со менаџерите на фирмите на штета на државата, а во корист на менаџерите.
При таквите односи носителите на тогашните власти, како и државни и одговорни раководители во извршните органи и организации, со неодговорен однос, поттикнати од лични и групни интереси, продадоа мнозински капитал во друштва, банки и јавни претпријатија по нереално ниска вредност, неспоредливо пониска од реалната.
Според показатели на Агенцијата за трансформација на општествениот капитал од сопственичките трансформации било предвидено Република Македонија да обезбеди средства во износ од над 2-3 милијарди германски марки, иако и таа сума била под вистинската вредност на капиталот. Од продажба на капитал во друштва (општествен, државен, акционерски) и јавни претпријатија на странски инвеститори во периодот од 1995 до 2002 година биле уплатени само околу 260 милиони долари. Нема показатели колку средства од продадените акции во друштвата се уплатени во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, кој поседуваше 7,5 отсто од акционерскиот капитал. Напоменато е дека првите продажби на капитал во друштвата купувачите ги реализираа преку „оф шор“ фирми во странство – Маршалски Острови, Сан Марино, Лихтенштајн, Британските Девствени Острови, Панама и Кипар.
Според Петрески, најголемите штети во државата во реалниот сектор од продажба на капитал во друштвата и јавните претпријатија се направија во 1998 година, кога државата продаваше капитал нетранспарентно и по договор, како и во годините потоа, кога беа извршени крупни продажби и голем број стечаи и ликвидации.

Авторот на книгата го наведува списокот на поголемите компании што пропаднаа во транзицијата, друштва од индустријата, каде што припаѓале „Металски завод Тито“, „Охис“ и ФАС „11 Октомври“, текстилните фабрики во повеќе градови. Во трговијата поупадливо е пропаѓањето на големите увозно-извозни фирми како „Македонија–табак“, „Интеримпекс“ и „Технометал–Вардар“. Објавена е листа на пропаднати банки и штедилници, на претпријатија во аграрниот сектор, како и список на продаден капитал во друштва и јавни претпријатија на државата на странски и домашни инвеститори во сопственички трансформации. Додаден е и список на профитабилни фирми што не требало да пропаднат, а не требало да бидат продадени „Телеком“, „Електродистрибуција“, Стопанска банка, ЗОИЛ-Македонија, рафинеријата Окта, Радика Дебар, цементарницата „Усје“, Мермерниот комбинат и рудниците Саса и Бучим.
Книгата на Петрески е своевидна хроника на економските процеси во Република Македонија за периодот во кој се спроведуваа радикали реформи и трансформации, се воведуваше парламентарно-демократски систем и почнуваа да владеат пазарни услови и односи. Ова е трета книга на Душан Перески, по претходно објавените „Бизнис-заедниците, коморите и државата“ и „Економската транзиција – погледи и мислења за економската транзиција во Република Македонија“.