Набљудувајќи ги сите овие математички комбинаторики, нашите соговорници, професори, правници и поранешни судии го аргументираат ставот дека повеќе од јасно е дека Судскиот совет е обична политичка алатка преку која политичките партии лицитираат со кадри во судовите, не водејќи никаква сметка за оценките и кредибилитетот на предложениот кандидат. Во моментот, кривичниот оддел при Врховниот суд е без судии само поради инаетење на одредени партиски претставници во Судскиот совет, кој со ваквиот начин на функционирање е далеку од улогата да назначува квалитетни, компетентни, искусни, чесни и способни судии
Политичко-партиски критериуми за назначување судии и обвинители!?
Македонското судство продолжува да биде алатка во рацете на политиката, која очигледно нема никаква намера да се тргне настрана од правосудниот систем, без оглед на сите забелешки од меѓународниот фактор, кој веќе и директно предупредува дека Македонија со вакво судство нема да напредува во евроинтегративните процеси.
Неодамна и американскиот Стејт департмент во својот најнов извештај констатира недозволиво мешање на политиката во судството, со препорака до политичките партии да престанат да се мешаат во работењето на третата власт.
Но очигледно сите добронамерни сугестии и предупредувањата наидуваат на ѕид кога станува збор за политичарите во земјава, кои и натаму сакаат да поставуваат судии што ќе можат директно да ги контролираат и кои во иднина ќе треба да им обезбедат некаква сигурност.
Мешањето на партиите во работата на Судскиот совет на некој начин доведе до тоа да не може да се избере судија, дури и да ги има најдобрите оценки за работењето доколку претходно партиите немаат постигнато согласност околу кандидатите. Еве го најновиот пример… Имено, апелацискиот судија Енвер Беџети, за кој Судскиот совет констатира дека неоправдано долго го држел во фиока предметот „Таргет тврдина“ чекајќи да застари, сега се кандидира за судија во кривичниот оддел во Врховниот суд. На гласањето на Судскиот совет, осуммина гласаа „против“ тој да биде избран за судија во највисокиот суд во државата. Но токму тогаш се активираа партиските штабови, при што, револтирани што не поминал нивниот предлог, инстантно реагирале кај членовите на Судскиот совет за тие да ги блокираат сите други предложени кандидати за кривичниот оддел при Врховниот суд и да го искористат Бадентеровото правило при изборот.
Со тоа, штабовите на партиите што го активираа Бадинтер, од најтеснопартиски побуди, а на директна штета на правосудниот систем, ја продолжија агонијата на кривичниот оддел при Врховниот суд, бидејќи одделот остана со само петмина судии, што е под потребниот минимум за работа.
Судскиот совет – алатка во рацете на партиите
Крајно симптоматично е што, како и во случајот со Беџети, односот на гласови „за“ и „против“ бил идентичен и кај преостанатите кандидати, односно четири спрема осум, што го наметнува прашањето дали некој намерно го опструира изборот на судии само затоа што не поминал кандидатот што тие (партиите) го предлагале за кривичниот оддел и од кој немаат намера да се откажат.
Набљудувајќи ги сите овие математички комбинаторики, нашите соговорници, професори, правници и поранешни судии го аргументираат ставот дека повеќе од јасно е дека Судскиот совет е „обична политичка алатка преку која политичките партии лицитираат со кадри во судовите, не водејќи никаква сметка за оценките и кредибилитетот на предложениот кандидат“. Во моментот, кривичниот оддел при Врховниот суд е без доволен број судии, само поради инаетење на одредени партиски претставници во Судскиот совет, кој со ваквиот начин на функционирање е далеку од улогата да назначува квалитетни, компетентни, искусни, чесни и способни судии.
Клучната дилема што се наметнува во јавноста е дали и Врховниот суд стана заложник на партиските пресметки и калкулации, но и зошто воопшто се зборува за квалитетот, бодовите и успешноста во работењето на судиите, кога очигледно во преден план се некои други критериуми што немаат никаква врска со судството.
– Се знае кој сè седи во тој Судски совет, сè е партиски врзано. Овој состав на Судскиот совет не може да го пренебрегне мешањето и прифаќањето на политичките оценки. Тоа му е во генот. Доволно е да се погледне кој е претседател на Судски совет, кој е поранешен претседател, тоа се проблеми што не можат да се решат со некакви правилници или оценки. Тоа е сè мачкање очи. Зошто нема ниту еден професор од факултет да се јави за судија на Врховен суд? Тоа е страшна работа – вели Дане Илиев, поранешен претседател на Врховниот суд.
Стручноста и квалитетот во Македонија не се критериум за напредување
во кариерата
Според Илиев, во овие тела нема стручни луѓе што ќе можат непристрасно да одлучуваат за работењето на судиите и да ги пополнуваат судовите со квалитетни и докажани кадри.
– Нема никаква стручност. Академијата на судии и обвинители беше формирана по примерот на европските академии и таа тргна како што треба. Но последниве години, партиите и политиката ги вмешаа своите прсти и дојде до нејзина политичка инструментализација, исто како и на Судскиот совет – истакнува Илиев.
Тој смета дека не треба да има поделба при конкурирањето за граѓански и кривичен судија во Врховниот суд.
– Треба да се знае дека се конкурира за судија на Врховен суд. Внатре претседателот има деловник за работа, има кој е овластен што ќе прави распоред за работа, кој ќе биде во кривичен, кој во граѓански. Може да се случи некој судија да биде кривичар само за едно судење. Не знам што сега прават во Судски совет, но тоа едноставно е недопустливо и неприфатливо – констатира Илиев.
Адвокатот Звонко Давидовиќ го дели мислењето за високата политизација на телата што треба да ги делегираат судиите, залагајќи се за формирање независни тела што непристрасно ќе одлучуваат и ќе ја оценуваат работата на судиите и обвинителите.
– Треба да се овозможи судството да ги поврати својата самостојност и независност. Тоа може да се направи така што ќе се утврди одговорност на секој судија и обвинител поединечно. Тоа никако не може да го изведе Советот на обвинители и Судскиот совет, туку едно независно тело создадено од признаени и докажани судии и обвинители, професори што се во пензија и кои оствариле и морален и професионален кредибилитет. Имаме такви луѓе што постојано се борат за независно судство и укажуваат на проблемите. Тие можат да избираат судии и обвинители според покажаните резултати, а не како што диктираат партиите – е ставот на Давидовиќ.