Факт е дека македонската економија е мала, фрагилна и увозно зависна. Точна е и констатацијата дека секое од глобалните нарушувања, како на пазарот на енергија и храна така и на страната на глобалната ефективна побарувачка за нашите производи и услуги, се одразува на домашната економија. Меѓутоа, неоспорен е и фактот дека умешноста за менаџирање со овие надворешни влијанија е особено важна, бидејќи ефектите од негативните влијанија значително може да се ублажат и, згора на тоа, со знаење, искуство и умешност за креирање и водење на економските политики може да се спроведат зафати што ќе им овозможат на граѓаните и на стопанството полесно да ја пребродат повеќеслојната криза, а ќе се подготви и терен за длабоки реформски зафати. Со таа цел, „Нова Македонија“ разговараше со неколку економски експерти и претставници на бизнис-заедницата. Прашањето беше едноставно: Доколку би биле во можност, што би презеле како мерки за граѓаните и стопанството за да се амортизира кризата и „да се заврти економскиот замаец“?
Во потрага по излез од економско-финансиската криза во која запаѓаат стопанството и граѓаните
Економската криза се продлабочува, националната економија стагнира, цените енормно растат, а животниот стандард постојано опаѓа… Сето ова е последица од една економска состојба што испорача инфлација каква што не се памети изминативе три децении. Наедно, антикризните мерки за ограничување на цените прекинаа и храната и нафтените деривати од средата се продаваат по рекордни цени. Македонската економија како отворена и главно зависна од увоз е под сериозен удар. Растот на инфлацијата е сложен за менаџирање, а проблематиката е повеќеслојна. Нели е ова заглушувачки аларм за преземање некои посебни мерки со кои ќе се заштитат граѓаните, стопанството, односно целокупната економија? „Нова Македонија“ разговараше со повеќе економски експерти и претставници на бизнис-заедницата, кои (безрезервно, нетенденциозно, експертски и без политичка заднина) ги изнесоа своите ставови за тоа како да се амортизира ценовниот шок и какви мерки се потребни за ублажување на инфлацијата.
Според универзитетскиот професор Томе Неновски, мерките што Владата би можела да ги преземе за ублажување на ценовниот шок се повеќеслојни.
– Со оглед на силното влијание што енергентите го имаат во формирањето на цените на најголемиот дел производи, потребно е Владата да ја намали стапката на ДДВ и височината на акцизата што се пресметува на цената на нафтата и нафтените деривати, што последователно ќе има и материјален и психолошки ефект врз формирањето на цените на сите други производи и услуги. Тоа, особено, е битно да се направи со оглед на очекуваното натамошно зголемување на цената на суровата нафта на светските берзи поради познатите геополитички случувања, што може да има влијание за натамошно драстично зголемување на цените на нафтата и на т.н. бели горива – укажува Неновски.
За да се намали порастот на цените на најважните животни производи, кои ја чинат основата на животната егзистенција на граѓаните (леб, брашно, масло за јадење, млеко, јајца, шеќер и сл.), тој вели дека е потребно Владата да интервенира на пазарот на стоки со пласирање на соодветните производи што ги има во стоковните резерви, и тоа по цени по кои таа претходно нив ги набавила.
– Со тоа ќе се зголеми понудата на тие производи, и тоа по пониски цени од сега актуелните, што автоматски ќе предизвика намалување на продажните цени на тие производи кај сите трговци на мало. Наедно, Владата треба да внимава со потребата или, пак, со големината од натамошно зголемување на цената на електричната енергија, со цел превентивно да спречи натамошно зголемување на цените на голем број производи, но и да ги намали натамошните инфлациски очекувања – истакна Неновски.
Директорката на Институтот за економски истражувања и политики, Благица Петрески, вели дека со ребалансот на буџетот, буџетскиот дефицит се продлабочува на 5,3 отсто, со можност да биде уште поголем доколку кризата не изгуби на интензитет наскоро.
– Ова се случува во услови кога јавниот долг е над 60 отсто од БДП. Според тоа, фискалниот простор е многу тесен. Владини мерки за справување со кризата се секако неопходни. Но сега е критично важно нивниот фокус да се сврти од линеарни кон специфични и насочени, односно такви што ќе им помогнат на најзасегнатите фирми и најранливите граѓани, и тоа во два критични сегменти: поддршка да ги сносат трошоците за прехрана и за енергетска потрошувачка. Дали тоа ќе се изведе со некакви ваучери распоредени за лица што примаат доход под одреден праг, одредени привремени даночни повластици за фирми кои имаат висок удел на трошокот за електрична енергија во вкупниот трошок, итн. – тоа останува да го предложи Владата, секако, и во зависност од брзината со која било мерка да се операционализира – нагласува Петрески.
Како што вели Ангел Димитров, претседател на собранието на Организацијата на Македонија, проблемот со инфлацијата ќе трае малку подолго од очекуваното, па поради тоа Владата не може и понатаму да продолжи со ограничувањата на цените на енергијата и прехранбените продукти.
– Ако се продолжи со ограничувањата, тоа ќе предизвика недостиг од некои производи и затворање на некои капацитети што ги произведуваат нив. Затоа за најранливите граѓани треба да се обезбеди субвенција за набавката на некои прехранбени производи и електрична енергија, а за другите да се остави на пазарните законитости – појаснува Димитров.
Додека, пак, вели тој, потребно е Народната банка да ги зголеми каматните стапки и да го ограничи купувањето државни обврзници за да ја намали инфлацијата, но тоа не треба да биде пресилно за да не предизвика голем пад на економијата.
И универзитетскиот професор Зоран Ивановски се согласува дека мерките што ги презема Владата се од административен карактер и тие не можат да бидат долгорочни.
– Мерките на долг рок може да донесат дополнителни негативни ефекти како недостиг од производи за широка потрошувачка. Проблем е кога импутите растат, а производителите не можат да одговорат на детерминираните цени и се случува нивно повлекување на пазарот. И затоа не може да се продолжи со овие мерки, па поради тоа Владата мораше да ја напушти оваа политика и треба да понуди друг сет мерки. На пример, да се интервенира со интервентен увоз или со стоковни резерви, државата да го понесе товарот на ценовните разлики со појава на производи што се по бенефицирани цени, со субвенционирани цени да се ублажи притисокот. Или, пак, втор начин би било да се оди со пакет мерки со социјални пакети, односно помош за најранливите категории за полесно да го совладаат товарот на оваа криза – објаснува Ивановски.
Тој смета дека Централната банка треба да ја задржи политиката за девизниот курс, а со тоа и наедно ќе ја одржува инфлацијата, но Ивановски додава дека очекува и дополнително зголемување на каматната стапка што ќе се преслика врз каматите на кредитите во делот на фискалната политика, а со тоа се предвидува и пораст на цената на парите со што индиректно ќе се влијае на намалување на инфлациската стапка, а тоа ќе влијае и на намалување на општото ниво на цените во државата.
Економскиот аналитичар Здравко Савески вели дека ценовните шокови во голема мера се предизвикани од надворешни причини и дека мора да се ублажи ударот.
– Сметам дека не требаше да се укинат сите антикризни мерки во пакет, и тоа во услови на забрзана стапка на раст на инфлацијата. Во крајна линија, власта можеше барем постепено да ги укинува за барем малку да го ублажи ценовниот удар до кој ќе дојде. Украинската војна е причина што сериозно ја забрза глобалната инфлација. Македонија мора да се приклучи кон повиците на земјите од глобалниот југ (каде што де факто припаѓаме) итно да запре таа војна. Не само поради хумани туку и поради економски причини. Понатаму, контролата на цените на прехранбените производи мора повторно да се воведе. Ако тоа не може да се финансира со постојните буџетски средства, власта конечно треба да го врати и прошири прогресивното оданочување – споменува Савески.
Тој додава дека државата мора да работи и на обезбедувањето услови да не ни се случат дополнителни и уште поголеми инфлација и осиромашување за само неколку месеци.
– Ако снабдувањето со храна на глобалните пазари станува алармантен проблем, тогаш прв приоритет на власта мора да биде обезбедување на сите услови за максимизацијата на домашното земјоделско производство. Ако се знае дека ќе дојде до значителен пораст на електричната енергија, тогаш мора државно вложување во изолацијата на домовите на најсиромашните граѓани. Мојот впечаток е дека и власта, како и многу наши сограѓани, не е свесна за длабочината на оваа криза. Тоа ќе предизвика дополнителна инфлација, нагло осиромашување, а власта ќе добие сериозни социјални немири, невидени кај нас со децении – смета Савески.
Извршниот директор на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Дриљон Исени, вели дека е неопходно да се штитат домашните компании, кои немаат фиксен пласман на нивните производи и услуги, компании што со своите сили се борат за опстанок и позиционирање во домашниот и на странските пазари на слободните пазарни економии.
– Фокусот на Владата треба да биде тука, да ги зачува работните места преку преземање соодветни чекори за зачувување на синџирот на снабдување со што ќе се спаси нормалното функционирање на економската активност. Тоа што не смееше да се случи е слабата реализација на капиталните инвестиции, кои за првите четири месеци достигна стапка од 17 отсто. Многу е важно тие средства предвидени за сите тие капитални програми да стигнат на предвиденото место, бидејќи ќе ја оживуваат економијата, но исто така ќе средат многу аномалии на среднорочен и долгорочен план, како што се слабото инфраструктурно поврзување со земјите со кои имаме суфицитен биланс на надворешна трговија, како што е Косово, но исто така и Албанија, каде што, за жал, не можеме да ги искористиме предностите што ги нуди тој пазар – посочува Исени.
Како што вели тој, за жал, ние како земја не работиме во насока на модернизација и имплементација на светските трендови кога станува збор за обновливите извори на енергија, но и другите трендови.
– Кога во светот се случуваат револуции во тој аспект, во нашиот буџет дури сега се предвидени проекти за изградби на хидроцентрали, кои во држава со економско-развојни аспирации, тие проекти би требало да бидат завршени дури пред една деценија – нагласува Исени.
Главните мерки што сите нас нѐ засегаат се однесуваат главно на инфлацијата, на порастот на цените, вели даночниот експерт Павле Гацов.
– Освен што имаме инфлациски притисок од различни причини, имаме и директни фискални причини зошто се случува нагло ваков скок во цените што ги изненади граѓаните. Сметам дека ако државата создава мерки што исто така значат одлевање пари од буџетот или неприбирање во буџетот, дава поддршка на граѓаните, тоа значи дека ги поддржува и богатите, и од социјален аспект тоа не е фер. Давачките што ги засегаат сите граѓани генерално немаат социјална димензија и затоа можеби е добар механизмот „приберете од сите, но вратете таму каде што е најпотребно“ – објаснува Гацов.
Тој додава дека времето на постојано задолжување доаѓа на својот крај, бидејќи задолжувањето станува скапа работа, а капацитетот на нашата економија не дозволува да прескокнеме некои психолошки бариери во задолжувањето, па затоа и вели дека фискалниот простор е речиси на нула.
– Поради сето ова, ние треба да наоѓаме наши извори на средства и задолжувањето да не биде поголемо од раздолжувањето. Државата треба да прави редистрибуција, да зема од едни, а да им дава на други и тоа е фер пристап – споменува Гацов.
Според Џевдет Хајредини, поранешниот министер за финансии, кризата е голема и светска и не е вина на Владата, но мерки за најпогодените мора да има, а државата финансиски не е моќна.
– Потребно е радикално реструктурирање на расходната страна на буџетот, има огромен број административци што земаат плата, а не работат. Вистинско време е да се решат хроничните проблеми со администрацијата, но и да се почне со штедење. Штедењето на долг рок, односно мерките за штедење се клучни во справувањето со оваа криза. Мерките што досега се преземаа се краткорочни, тие се само гаснење пожар и имаат реперкусии по државната каса – истакна Хајредини.
Тој смета дека Владата треба повторно да направи понатаму нов ребаланс, да го преструктурира буџетот, со цел да им се помогне на граѓаните да ја поднесат оваа катастрофа што ни претстои.
Како Европа и регионот се справуваат со ценовните шокови?
Речиси сите земји во Европа и во регионот спроведуваат некакви мерки за заштита на граѓаните поради растот на инфлацијата по почетокот на руската инвазија врз Украина на 24 февруари.
Во Германија од завчера даноците на гориво се намалени. Тоа е дел од пакетот за помош на германската влада во време на високи цени на енергентите и висока инфлација, кога наедно ги намали и цените на билетите за јавен превоз.
Велика Британија воведе еднократен данок од 25 отсто за нафтените и гасни компании, за од тие пари да им даде по 650 фунти на најсиромашните граѓани за да може да си ги платат сѐ повисоките сметки за струја.
Во Србија од 15 ноември минатата година се замрзнати цените на брашното, маслото за јадење, свинското месо, млекото и шеќерот, а ограничувањето на цените беше продолжено за уште пет месеци. Додека, пак, цените на горивата се ограничени до крајот на месецов.
Бугарија на почетокот на мај донесе пакет од една милијарда евра за помош на најсиромашните. Бугарската влада најави поевтинување на горивата за 0,25 лева, како и укинување на акцизата за природен гас, струја и метан.
Хрватскиот пакет, со чие спроведување очекуваат намалување на инфлациските притисоци во втората половина на годината, се состои од мерки со кои се намалува стапката на ДДВ и мерки за директна финансиска помош. Тие предвидуваат намалување на ДДВ на гас од 25 отсто на 13 отсто, но во првата година на 5 отсто, ДДВ-то за огревно дрво го намалуваат на 13 отсто, додека основните прехранбени производи на 5 отсто. Исто така, предвидуваат и директна финансиска помош за најранливите категории граѓани, како корисниците на социјална помош и пензионерите, но ќе ги поддржат и претприемачите и земјоделците.
Мерките во Словенија се за насочени финансиски трансфери. Тие, исто така, предвидуваат поддршка за пензионерите, корисниците на социјална помош, корисниците на инвалидски и детски додаток, многудетни семејства и згрижувачки родители. Исто така, предвидуваат и тримесечно ослободување од обврската за доплата за поддршка на производителите на енергија од обновливи извори и високоефикасно комбинирано производство, како и надоместоците за дистрибутивната и преносната мрежа, за сите домаќинства.