ПРО И КОНТРА ВО ОДНОС НА ИНИЦИЈАТИВАТА ПОЗНАТА И КАКО МИНИ-ШЕНГЕН

Најновиот куриозитетен пример за долготрајноста на чекањето на српскиот министер за да ја премине граница меѓу двете држави дава илустративен сигнал за проблемите на терен во спроведувањето на целите на иницијативата Отворен Балкан. Аналитичарите имаат интересни видувања за пречките и придобивките од оваа иницијатива, која постои веќе трета година

Од самиот зародок на иницијативата Отворен Балкан, пред четири години, постои отворена воздржаност, па и сомнеж спрема овој регионален проект, пред сѐ за полиберално економско поврзување на државите што ЕУ сака да ги нарекува Западен Балкан. Всушност, оваа иницијатива произлегува од Берлинскиот процес (првично замислена и нарекувана мини-шенген), официјално функционира три години, од 10 октомври 2019, а во неа сѐ уште се само половина од шесте земји во регионот: Македонија, Србија и Албанија. Црна Гора и Босна и Херцеговина, иако официјално не се членки на иницијативата, покажуваат интерес за придружување, додека Косово е категорично против постоењето на Отворен Балкан.

Целта на иницијативата Отворен Балкан е создавање една економија, без царини, без задржувања на границите и со сто проценти слободна трговија. Првичните проекции беа дека тоа би се случило до 2023 година, но се чини дека во практика спроведувањето на овие цели не оди баш толку мазно.

Сосема индикативен пример за предизвикот на целта „нула минути на границите“ веќе извесен период е долготрајното чекање на граничните премини меѓу Македонија и Србија, кое се чини кулминира викендов, кога министер во Владата на Србија, како приватно лице, чекал повеќе од еден час на граничниот премин Табановце за да присуствува на свадба на неговиот колега од македонската влада. Навидум куриозитетен пример, но дава илустративен сигнал за проблемите на терен во спроведувањето на целите на иницијативата Отворен Балкан. Односно го актуализира прашањето дали за овие три години од постоењето, иницијатива успеа да ги покаже придобивките од регионалното економско-административно здружување и да ги разубеди скептиците за скриените намери за политичка доминација преку економска моќ на една земја во овој проект.

Професорот Едвард Џозеф од Школата за напредни меѓународни студии при универзитетот „Џон Хокинс“ од САД смета дека и понатаму иницијативата Отворен Балкан, токму на Србија, која е најголема економија во регионот, ѝ дава и економска слобода, а тоа значи и поголемо политичко влијание, што, пак, води кон нестабилност.
– Добра идеја е за земјите од регионот да тргуваат, но лоша идеја е тоа да се прави со режим дизајниран за зголемување на српската политичка моќ. Економската моќ е политичка моќ. Економиите во регионот не се исти, Србија ја има најголемата економија, има трговски суфицит во регионов. Србија е автократија, не е демократија, се движи во погрешна насока. На примерот со Русија и Украина гледаме што значи кога државата ја води автократ, а тоа е нестабилност. За Македонија е во ред да има добрососедски односи со сите соседи, вклучувајќи ја и Србија. Но патот за стабилност во регионот и за вашата земја е цел Западен Балкан да се движи кон НАТО и ЕУ. Србија се противи на НАТО, во смисла на тоа дека ја поддржува Русија, не применува санкции против неа, го промовира рускиот наратив. Отворен Балкан е дизајниран така што на Србија ѝ дава економска слобода, а тоа значи поголемо политичко влијание во регионот, а тоа води кон нестабилност – смета Едвард Џозеф.

За разлика од политички мотивираниот скептицизам за економската идеја на Отворен Балкан, поврзан со причините за одбивањето на Косово да биде дел од иницијативата, Албанија и нејзиниот премиер Еди Рама постојано покажуваат ентузијазам за нејзин успех и отвореност за соработка со земјите од регионот, кои сѐ уште не се целосно приклучени во овој балкански клуб. Познавачите на регионалните политичко-економски односи сметаат дека ксенофобичните стравови поврзани со Отворен Балкан одат во прилог на позицијата дека „некому сѐ уште му одговара раскаран Балкан“.
– Ако има вистинска желба меѓу владите на земјите од Западен Балкан, иницијативата што сѐ уште ферментира (еве веќе три години) ќе има шанси да ги оствари целите, односно по примерот на ЕУ широко да ги отвори вратите за бизнисот, пред сѐ, но и за вкупните стопанства на балканските држави. Од сето тоа, граѓаните ќе имаат „колатерална“ корист. Ќе се отстранат граничните бариери и непотребните чекања на премините, а ќе се зголеми и фреквенцијата меѓу државите по сите основи. Накратко, корист ќе имаат сите. Но до тие ефекти треба да се работи попосветено и поинтензивно од сите заинтересирани страни. Ако се отвори Европа, по тој пример тоа може да го стори и Балканот.

А параноите и ксенофобиите дека некоја економски помоќна држава ќе ја проголта помалата, тоа се приказни за мали деца. Се чини некому сѐ уште му одговара раскаран Балкан. Впрочем, ако сите балкански држави, вклучувајќи ја и нашава Македонија, се стремат кон ЕУ, зарем економскиот моќник ЕУ нема за миг да нѐ проголта сосе сите наши и онака бедни економски бенефиции. Нема откажување. На Балканот и така сѐ оди бавно, па така и ова. Но ако се сака, се може – вели новинарот Зоран Иванов, искусен познавач на политичко-економските односи.

За придобивките на стопанството од оваа иницијатива, претседателот на Стопанската комори на Македонија, Бранко Азески, веќе има изјавено дека во Отворен Балкан станува збор за бизнис пред сѐ, а не за политика.
– Ние со 18,5 милиони жители, шест земји од Западен Балкан, пред почетокот на пандемијата имавме 111 милијарди БДП. Чешка со 10,7 милиони жители има 215 милијарди. Што сакаме повеќе како причина да почнеме да се приближуваме и да почнеме нешто конкретно да работиме? Ни беа потребни 30 години. Нека се отворат границите за бизнисмените, овде станува збор за бизнис, не за политика – изјави Бранко Азески на телевизиско гостување во еден регионален медиум.


Идентификациски број за Македонија, Албанија и Србија

Координаторот за Отворен Балкан во македонската влада, Марјан Забрчанец, најави дека наскоро ќе се активира идентификациски број за граѓаните на Македонија, Албанија и Србија, благодарение на што ќе можат непречено да работат во приватниот сектор во која било од тие три земји.
– Многу наскоро ќе се активира идентификациски број за граѓаните на Отворен Балкан (ОБ ИД број), благодарение на што тие ќе можат непречено да работат во приватниот сектор во која било од овие три земји, без нострификација на дипломите, чекање работни дозволи и какви било други административни бариери – изјави Забрчанец за српска „Политика“.

Освен идентификацискиот број, Забрчанец откри и дека во завршна фаза се подготовките за воспоставување единствен електронски систем за наплата на патарините во сите три земји. Според него, Отворен Балкан носи конкретни резултати, опипливи придобивки за компаниите и граѓаните, олеснето движење, бизнис, помош меѓу земјите во услови на енергетска криза и криза со храна, како и помош во случај на природни катастрофи, без притоа во исто време да се попречува секоја друга иницијатива.