Фото: Игор Бансколиев

Обидите за ставање на автентичниот македонски отпор за негово национално обезличување во контекст на геополитичките игри, влијанија и спротивставености, како и тезите за наводно руско влијание во однос на македонскиот отпор кон францускиот предлог, само уште повеќе ги антагонизираат постојните поделби во општеството. Ваквиот погрешен пропаганден наратив е на штета на македонските национални интереси

СО ВИСТИНАТА ПРОТИВ ПРОПАГАНДАТА

Состојбата на вознемиреност и загриженост во јавноста во Македонија, за загрозеноста на македонскиот национален идентитет од условите што ѝ се наметнаа на земјава во процесот на евроинтеграциите, перманентно е присутна од 2017 година, со потпишување на Договорот за добрососедство со Бугарија, иако првата кулминација ја имаше со потпишувањето на Преспанскиот договор со Грција, во 2018 година, со кој беше сменето и дотогашното уставно име на државата. Серијата уцени од историско-идентитетски карактер на кои беше подложена Македонија од соседите Грција и Бугарија, за почеток на преговорите за членство во Европската Унија, иако суштински спротивни на вредностите и критериумите што ги бара Унијата за проширувањето, сепак беа именувани како наводни „европски услови“ со францускиот предлог на преговарачката рамка за Македонија. Првиот услов за активирање на преговарачкиот процес на Македонија со ЕУ, според т.н. француски предлог, е измени во македонскиот устав и додавање на Бугарите како малцинство во преамбулата, како и оставање своевидна привилегирана контрола на македонскиот преговарачки процес за Бугарија, преку работата на мешаната историска комисија. И покрај настојувањата да се прикаже како напредок во евроинтеграциите условениот почеток на преговорите со одржување на политичкиот состанок во формат на прва меѓувладина конференција со ЕУ, изразениот отпор на јавноста спрема уцените и условите во т.н. француски предлог на преговарачката рамка, очекувано, добива политички артикулации. По самото обелоденување на францускиот предлог, речиси две седмици имаше масовни протести во Скопје. Незадоволството кај граѓаните продолжува и понатаму, што е јасно видливо и од резултатите од најновите анкети и истражувања на јавното мислење.

И покрај спротивставените наративи на политичките фактори по ова прашање, анкетите покажуваат мнозинско незадоволство кај македонските граѓани од францускиот предлог на преговарачката рамка. Во така наелектризираниот амбиент. симптоматично е што многу често политички личности и субјекти што го поддржуваат предлогот и сметаат дека не ги загрозува македонскиот идентитет и националните интереси, објаснувањето за мотивите за негово неприфаќање од мнозинството го аргументираат со влијание на странски, односно руски пропагандни интереси. Ставајќи го автентичниот македонски отпор за негово национално обезличување во контекст на геополитичките спротивставености, таквите аргументи за руско влијание во изразувањето на националното самочувство на Македонците, недвосмислено уште повеќе ги антагонизираат постојните поделби во општеството.

– Ставањето на македонскиот отпор за бугаризација, преку евроинтеграциите, во контекст на руско-украинскиот конфликт, кој доминира како предизвик на геополитичката реалност, само по себе претставува начин на пропаганда со која се деградира македонската национална автентичност, како производ на руската пропаганда. Тоа претставува навреда за секој Македонец, зашто македонското постоење се сведува на проруска пропаганда. Таквата пропаганда оди на линијата на одржување на оние општествени поделби од периодот на Студената војна – на прозападни и проруски симпатизери. Лошата околност во однос на македонското прашање е што во актуелната пропаганда тоа се изедначува со влијанието на една страна во геополитичката спротивставеност, односно „погрешната страна“, како што сакаат да претстават носителите на таквата пропаганда. Реалноста е дека нема никаква руска пропаганда во автентичниот македонски отпор на т.н. францускиот предлог на преговарачката рамка, во кој се вметнати сите бугарски услови поврзани со историјата и националниот идентитет на Македонците. Не е исклучено дека таквиот наратив за руска пропаганда е повеќе наменет за меѓународната заедница, со пресметан ризик за штетата во македонската јавност. Конечно, кога станува збор за суштинските прашања на Македонците, нема проруска или прозападна страна – постои само автентичен македонски идентитет – вели политичкиот аналитичар Александар Пандов.
Историчарката Наташа Котлар-Трајкова смета дека обидите за наметнување „руско влијание“ на македонското национално самочувство се дел од пропагандата што е спротивна на македонските национални интереси.

– Изјавите што доаѓаат од канцелариите на власта за „руското влијание“ во реакциите на неприфаќање на голем дел од македонската јавност на т.н. француски предлог на преговарачката рамка за ЕУ, сметам дека се во духот на една грда пропаганда, со која се оди на линијата да се минимизираат автентичноста и вредноста на тоа чувство на отпор за разнебитување на македонскиот национален идентитет. Во таквата пропаганда за минимизирање на чувството за идентитетска загрозеност на Македонците се оди на линија на бугарските национални интереси, а никако не се бранат македонските национални интереси. Во целиот овој период на оспорувања од бугарска страна на историската автентичност на македонскиот национален идентитет, во процесот на евроинтеграциите, не доживеавме да видиме аргументирана одбрана од македонските политичари што се повикува на 80-годишната продукција на историската наука во Македонија. И наративот за „руското влијание“, кое реално не постои и нема улога во објективното историско постоење на Македонците, е во духот на континуираното деградирање на македонските национални интереси од претставниците на македонската власт – вели професорката Наташа Котлар-Трајкова.