Македонците во Албанија му оддаваат почест на својот великан
Во Пустец е откриена биста на Гоце Делчев, на свеченост организирана по повод 121-годишнината од неговото убиство. Бистата е поставена по иницијатива од Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), чиј претседател Васил Стерјовски имаше пригодно обраќање на настанот, при што истакна дека бистата е симбол на непоколебливоста и вербата во принципите на правда и слобода.
– Гоце Делчев со својот живот и дело стана апостол за Македонците и неговиот спомен се пренесува од колено на колено, не само кај Македонците од Албанија туку и секаде во светот каде што живеат. Сликата на Гоце е присутна во македонските домови, во училиштата, во угостителски објекти, на разни манифестации и друго, песни за Гоце Делчев се пеат на разни веселби, свадби, прослави, а учениците во училиштата рецитираат стихотворби за Гоце Делчев и Гоце и Александар се најпопуларни имиња меѓу Македонците во Преспа – рече тој.
Покрај Стерјовски, поздравни обраќања имаа градоначалникот на општината Пустец, Пали Колефски, претседателот на македонската партија Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, министер-советникот во македонската амбасада во Тирана, Љуфтим Спахиу, како и претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров.
Бистата се поставува по иницијатива на МАЕИ и е донација од партијата, а беше поддржана од градоначалникот Колефски и едногласно прифатена од Советот на општината Пустец. Таа е дело на авторот Зоран Тошевски од Скопје, а е поставена пред црквата „Свети Архангел Михаил“ во Пустец, на плоштадот именуван по Делчев.
За обележување е дека уште во 2008 година, Советот на општината Пустец едногласно донесе одлука со која плоштадот во Пустец се именува „Гоце Делчев“, а поставувањето на оваа биста, според претседателот на МАЕИ Стерјовски, ќе придонесе за зачувување на македонското културно-историско наследство и македонскиот идентитет во Република Албанија.
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која присуствуваше на настанот, порача дека делото на Делчев ги поврзува сите Македонци, каде и да сме.
– Ние никогаш нема да се откажеме од големите дела и големите зборови на нашите револуционери што биле на вистинската страна на историјата, како што сме ние денес. Ние што сме во прогресивниот табор и кои на државата ѝ посакуваме светла европска иднина, со рамноправни граѓани и среќни млади генерации – рече Костадиновска-Стојчевска.
Министерката за култура посочи дека народните херои како Гоце Делчев и нивните идеали за слобода и рамноправност се нашиот патоказ кон Европа. Таа нагласи дека неговата визија за светот како поле за културен натпревар меѓу народите никогаш нема да го изгуби значењето во нашето колективно постоење и во настојувањето да создадеме сигурна, просперитетна и заедничка иднина.
– Останавме доследни на нашето ветување дека нема да престанеме да градиме мостови на поврзување и дијалог – додаде Костадиновска-Стојчевска, која на свеченоста присуствуваше со директорката на Заводот и музеј-Битола, Мери Стојанова. Д.Ст.