За претставниците на власта сето ова што се прави од страна на опозицијата е со цел да му се наштети на најголемиот инфраструктурен проект во изминатите 70 години. Опозицијата, пак, изрази отворени сомнежи за коруптивни дејства во однос на целиот проект поврзан со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“
Македонското собрание на вчерашната седница ги изгласа предложените законски измени на осум закони, со цел олеснување на работата на компанијата „Бехтел и Енка“ за изградба на коридорите 8 и 10 Д. По предлог на пратениците од ДУИ, СДСМ и Алијанса за Албанците, во собраниска процедура, по скратена постапка, влегоа предлог-измените на законите (за шуми, урбанистичко планирање, градење, експропријација, земјоделско земјиште, минерални суровини, работни односи, јавен интерес). Пред почетокот на гласањето беа повлечени измените на Законот за културно наследство, за кој имаше и најголеми реакции во јавноста.
„Жешко“ во Собранието, но и надвор од него
Но носењето на законските измени по скратена постапка ја вжешти и атмосферата во Собранието. Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески, истакна дека сето ова што се прави од страна на опозицијата е со цел да му се наштети на најголемиот инфраструктурен проект во изминатите 70 години.
– Ниту бегаме од дебата, ниту некаде брзаме. Од вкупно осум закони што се предмет на дискусија, седум се на комисии што ги води опозицијата. Дали сакаме оваа држава да се развива побрзо или од секој проект да измислуваме наводни криминали? Да организираме дебата, а не од најголемиот проект во државата да се прави обид за хистерија – истакна Митрески.
Со процедурална забелешка се јави координаторот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, кој рече дека алармот во јавноста во врска со ваквите итни законски измени е вклучен на најјако.
– Сѐ додека овој проект е обременет со сомнежи, сѐ додека се доставуваат законски предлози од петок за понеделник, сѐ додека пратеници се потпишуваат на овие закони, а не Владата, ќе постои сомнеж за корупција. Ако веќе е најголем проект, тука треба да седат министри од Владата. Сакаме овој проект да успее, но на јавен и транспарентен начин – истакна Мицевски,
Тој нагласи дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да даде поддршка и ќе ја напушти седницата, а ќе имаат и суштински амандмани по кои ќе се дебатира и за кои ќе се бара слух од јавноста.
За претседателката на ДОМ, Маја Морачанин, нема дилема дека овие инфраструктурни проекти се потребни.
– Но овие закони што се поднесени во скратена постапка и со кои му се дават големи привилегии на изведувачот на градежните работи ја засегаат и животната средина и Законот за работни односи и други значајни области. Не сметам дека некој треба да биде толку привилегиран и затоа предлагам овие закони да бидат повлечени и да се пуштат во нормална процедура – рече Морачанин.
За Борислав Крмов од Левица оваа собраниска седница не требало да се одржи.
– Материјалите треба да се достават 10 дена пред одржување на седницата. Овие материјали не беа нигде ставени. Сакате да нѐ фатите на препад, а за „Бехтел и Енка“ да не важат никакви закони – истакна Крмов, според кого, целиот проект треба да вреди една милијарда и 700 милиони евра, а со анексите којзнае до каде ќе стигне.
Од Левица сметаат дека со измените во Законот за градење се иззема надлежноста и се префрла одговорноста од релевантните институции.
– Буквално, ќе можат да градат каде што сакаат и кога сакаат, под штитот наречен „особен интерес“. Истото тоа се предвидува и во Законот за урбанистичко плaнирање. Се скратуваат рокови за одговор и прибавување на потребната документација до степен на апсурдност, со што ќе се добијат погрешни параметри при процесот на планирање – тврдат од Левица.
Широк граѓански фронт против итните законски измени
Голем број граѓански здруженија и невладини организација вчера мирно протестираа против носењето закони по скратена постапка со цел олеснување на работата на компанијата „Бехтел и Енка“ на коридорите 8 и 10 Д.
Најпрво Платформата на граѓански организации за борба против корупција побара од Талат Џафери, претседател на македонското собрание, да се повлече дневниот ред на 112. седница на која по скратена постапка треба да се донесат измени на дури девет закони.
– Пратениците имаат должност да го штитат уставниот и правен поредок во државата. Пратениците имаат обврска да овозможат должна дискусија и да повикаат стручни лица и засегнати страни на расправа при носење закони и измени на закони. Ова е особено важно при носење одлуки, кои по својата природа се сложени и дерогираат или овозможуваат исклучоци при спроведување на општите закони. Исто така овие одредби сериозно ги нарушуваат и индивидуалните права на сопственост загарантирани со Уставот. Ниту на пратениците, ниту на граѓаните, ниту на стручната јавност не им е оставено доволно време за да проценат во колкав обем се зголемуваат ризиците од корупција со предложените измени, кои имаат потенцијал делумно да ги ограничат заштитните механизми поврзани со остварување на човековите права, заштитата на животната средина и финансиските последици од даночните и други фискални ослободувања што се предлагаат. Граѓаните заслужуваат анализа и отчет во законодавната пракса, а со цел зачувување на владеењето на правото – порачуваат граѓанските организации за борба против корупција, вклучени во платформата.
На протест излегоа и археолозите заедно со претставници на ИКОМОС, при што заеднички порачаа дека зад „поголемиот јавен интерес“ се крие профитерска зделка од огромни размери!
– Ги повикуваме претседателот Стево Пендаровски, Министерството за култура, Управата за заштита на културното наследство, институциите од областа на заштитата, МАНУ и универзитетите, претставништвата на меѓународните организации за културно наследство во државава, граѓанските здруженија, правдољубивите граѓани и дипломатските претставништва, особено американската амбасада во Скопје, која со децении е клучен сојузник на државата во зачувување на културното наследство и подигнување на свеста на граѓаните за неговото значење, да се приклучат кон апелот да се повлечат спорните законски измени пред да биде доцна. Не постои начин, ниту какви било средства на светот што ќе можат да го вратат уништеното културно наследство, кое не е само наше туку е светско и треба да го оставиме за идните генерации. Господа пратеници, дали сте свесни дека делницата Требеништа – Струга – Ќафасан е дел од светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион, под заштита на УНЕСКО? – порачаа археолозите и претставниците на ИКОМОС. Тие ги запрашаа пратениците и дали уништување на културно наследство е нашиот пат за ЕУ.
Со дрскиот и нетранспарентен предлог за дополнување на членот 65 од Законот за заштита на културното наследство, од страна на група пратеници во Собранието на РС Македонија по скратена постапка, се озаконува неповратно уништување на културното наследство под закрила на државата.
Со свој став во однос на законските измени се огласи вчера и претседателот на државата, Стево Пендаровски.
– Кога ќе ја видиме конечната верзија на сетот закони за автопатските делници ќе можеме да знаеме за секој од нив каков ќе биде ставот во однос на потпишување на указот – изјави Пендаровски запрашан дали ќе го потпише указот доколку помине Законот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 и коридорот 10 Д.
Тој истакна дека не може од сега да се знае во каква конечна верзија ќе бидат тие законски решенија, затоа што, како што посочи, можат да бидат изменети со амандмани. А.Д.