Фото: МНР

Министерот за навдворешни работи, Бујар Османи на панел на Бледскиот стратешки форум во Словенија се осврна на францускиот предлог што доведе до договор со Бугарија лани, заклучувајќи дека уставните измени се дел од принципите на договорот, но не и било која дебата поврзана со идентитетот.

– Добро е што Александар Адам е со нас овде, бидејќи тој е еден од архитектите на таканаречениот француски предлог. И овој предлог што што доведе до договор минатата година се засноваше на некои принципи. Принципот дека македонскиот јазик ќе биде во преговарачка рамка без никакви дополнувања и ќе биде официјален јазик на Европската Унија откако ќе станеме членка на ЕУ – истакна Османи.

Тој изрази противење за историски толкувања во преговарачкиот процес.

– Големо не за воведување историски толкувања во патоказите, кластерите, поглавјата, одредниците на преговарачкиот процес. Големо не за секоја дебата за идентитетот попат. Но, едно големо да за правата на заедниците, за правата на малцинствата без разлика на нивната големина, бидејќи ова е нашиот белег – Северна Македонија е позната по својата функционална мултиетничка демократија. Значи, да за уставни измени, да за воведување на најширок пакет привилегии за сите заедници, вклучително и на бугарската заедница, кој врз основа на последниот попис брои околу 3500. Ова е принципот на кој се засноваме. Понекогаш кога имаме различни толкувања меѓу нас и Софија, велиме: Да ги повикаме Париз и Александар Адам да ни објаснат, затоа што тоа се главните принципи – рече Османи.