Министерот за надворешни работи Бујар Османи тврди дека има разговори за уставните измени со луѓе од ВМРО-ДПМНЕ, дел од идеолошко крило на партијата и луѓе помеѓу пратеничката група.
-Да. Меѓутоа, затоа реков таа е цела една идеолошка линија, луѓе коишто таму дебатираат и луѓе помеѓу пратеничката група – рече Османи во интервју за ТВ Канал 5.
Османи продолжи дека тие пратеници на дневна основа разговараат со нивните пратеници.
-И се разбира, не работи што ги кажуваат јавно. Меѓутоа, јасно е разбирањето и тоа мене ми дава оптимизам. Јасно е разбирањето, прво, дека ова е добро решение за нас, ова е најдобрата формална манифестација на нашиот наратив по однос на Бугарија, дека се тие три илјади тука една малцинска заедница која што треба да ги има сите права и привилегии и во таков однос со мнозинскиот македонски народ и се разбира останатите делови од народ. И, второ, тоа што исто така ми дава оптимизам – имаат разбирање за последиците – рече Османи.
На прашањето кои се тие луѓе (пратеници), министерот за надворешни работи рече дека се надева оти ќе ги видиме на денот на гласањето на уставните измени.
– Јас се надевам дека ќе ги гледаме на денот на гласањето затоа што често кажувам дека никој нема да сака неговото име да биде запишано во историјата како човек којшто ја изолирал европската перспектива на државата. Затоа што едно треба да ни биде јасно. Без уставни измени ние треба да заборавиме на Европска унија. Ако некој е спремен да ја закопа европската иднина и кажете ми вие како ние ќе продолжиме без Европската унија. До сега, ќе кажете, па така сме биле и порано – рече Османи.
Доколку не бидат изгласани уставните измени, тој потенцира дека за првпат формално ќе прекинат односите со ЕУ и дека нема да има преговори понатаму.
Коментирајќи ја изјавата на лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека Османи сонува дека некој од пратениците на опозициската партија ќе поддржи уставни измени, министерот вели дека можеби ќе се разбуди Мицкоски кога на телевизија ќе гледа како поминуваат уставните измени.
-Јас кажав во една прилика дека првпат идејата за уставни измени како решение на односите со Бугарија сум ја чул од висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ и тоа на почетокот само што станав министер за надворешни работи почнав да се консултирам со луѓе и поканив и луѓе од високото раководство на ВМРО-ДПМНЕ и таму беше, на тој разговор беше изразена идејата дека направивме грешка во 2001 кога се промени Уставот што не ги внесовме тогаш Бугарите. Неговиот став беше досега ќе имаше јасна и формална дистинкција по однос на мнозински македонски народ и бугарско малцинство кое што ќе си добиваше облик, форма итн. И така се разви таа идеја. Бугарите прво беа против. Значи, тоа беше време на владата на Борисов, апсолутно го отфрлија како начин на решавање на проблемот за да потоа влезе во машината како еден вид на решение. Таа линија, таа идеолошка линија која го даде предлогот постои таму и тие разговори – рече Османи.
На забелешката дека во Собранието нема двотретинско мнозинство за уставни измени, а Владата ја прифатила оваа обврска, Османи вели: Ние ја прифативме обврската и со Преспанскиот договор дека ќе го смениме Уставот и го сменивме Уставот“. На прашањето дали сега ќе биде исто, тој вели „се разбира“.
Османи вели дека доколку не успеат уставните измени, тие не можат да имаат одговорност заради тоа што „едно политичко раководство кое што целата држава, иднината, граѓаните ги става во заложништво на својата политичка кариера“.
-Треба да сносат одговорност тие што свесно ја кочат европската иднина на државата, ја изолираат во овие тешки геополитички случувања во нашиот континент и во Европа и ја ставаат во група на земји со отворени прашања коишто прво треба да ги решат билатералните прашања, да ги затвораат, а после да продолжат – рече Османи.
Сепак, тој вели дека избори во редовниот термин ќе има идната година во јуни или мај и дека граѓаните ќе проценат кој имал чесни намери и кој се жртвувал. Барањето за предвремени избори на ВМРО-ДПМНЕ стои, додаде Османи, но побара прво да се изгласаат уставните измени и во истиот ден да се распушти Парламентот.