Иако сме сите ние мислечки личности, не секогаш јавно зборуваме. Годишното собрание е место-време-настан кога би требало да се отворат некои прашања и да се кажат некои размисли. Последниве неколку собранија поминуваат безгласно, со формално усвојување на понудените материјали, уводно излагање, извештај, програма, финансиски дел од извештајот.
Mинатата година, иако во отежнати општествени услови и редуцирана слобода на движење и патување, МАНУ направи одреден исчекор во својата презентација во државата и на меѓународен план преку своите членови и своето раководство, што влијаеше и врз перцепцијата на МАНУ во општеството и во научните и уметничките кругови. Тука посебно ќе го истакнам претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев, затоа што покажа дека научноистражувачката и творечко-уметничката улога на МАНУ не би била целовита ако не се исполни и нашата општествена функција поврзана со обврската да ги координираме и насочуваме развојните процеси во сферата на науката, образованието и културата.
МАНУ, како институција, со децении е обременета од синдромот на неутралноста, кога се во прашање политичките процеси, иако секогаш, на еден или друг начин, сме се искажувале и сме се обидувале да влијаеме врз најбитните процеси со свои ставови. Во 1996 година, МАНУ усвои Меморандум за името на Република Македонија. Во 2008-та Претседателството на МАНУ зазеде став по однос на опцијата името на нашата држава да гласи Република Македонија (Скопје), но притоа без да дојде до каква било спогодба и отстапка за македонскиот народ и неговата културна историја и идентитет. Декември 2020-та, Собранието на МАНУ усвои Декларација со којашто ги утврди своите ставови за македонскиот јазик, неговата автентичност и неговата историска еволуција во простор и време и во контакт со словенските и балканските јазични заедници. Претседателството на МАНУ се искажа и за општествената и институционална важност по однос на уставниот постулат – македонскиот јазик да го задржи статусот на државен јазик на македонската држава, со што ќе го задржи и стекнатиот статус на интегративен општествен чинител.
МАНУ неколку пати учествувала и во изработката на стратегиите за развој на Македонија, во некои одделни области, но и во целината на нејзиниот општествен, економски, информатички, образовен, здравствен, уметнички, демократски и друг развиток. МАНУ ги одбележувала значајните јубилеи со социополитички и културно-историски карактер, не само на комеморативен туку и на научноистражувачки и публицистички начин, при што се изнесени многу значајни концепции, факти и толкувања…
Во таа смисла, треба да се спомне и старата иницијатива за одбележување на предисторијата на МАНУ во периодот пред да биде законски основана од Народното собрание на Р Македонија, за што се залагаа академиците Георги Старделов, Гане Тодоровски, Блаже Ристовски и др. Денес таа иницијатива повторно е актуализирана од претседателот Коцарев. Сега преостанува да се најде прагматичен начин како да се интегрира во постојниот систем на референтни датуми, дела, акти, места и личности и јубилеи. Имено, нема сомнение дека имаме неотповиклив датум на законското прогласување на Македонската академија на науките и уметностите, датум кој не треба да се доведува во прашање, напротив, многу е важно да се одржи континуитетот на неговото одбележување, како битен сегмент на нашата, но и на колективната меморија на македонскиот народ и на македонската нација.
Од друга страна, фактичката академиска констелација во регионот и дадените социокултурни околности во и по однос на македонската држава налагаат потреба да имаме уште еден датум на свечено чествување на предисторијата на МАНУ видена во основањето на МНЛД-Санкт Петербург 2022, кое е синоним не само за наука, култура, јазик туку и за зрелоста на политичката концепција на македонската нација, артикулирана во склад со најсовремените поимања на нацијата.
Ако се држиме само за научно индикативни датуми, може да се вратиме во 1865 година кога е објавена компаративната лингвистичка студија на Партениј Зографски во Истанбул, во којашто тој минуциозно ги опишува и ги илустрира разликите меѓу македонскиот и бугарскиот јазик, или како тогаш се сметало, македонското и бугарското наречје на словенскиот јазик.
Тогаш, пред околу 170 години, направен е предлог југозападните македонски дијалекти да бидат основа на еден општословенски кодифициран природојазичен систем. До тоа не дошло, веројатно за среќа, затоа што во периодот кој следел македонскиот, како и сите други некодифицирани словенски и несловенски живи говори, ги развил своите специфики и израснал во еден современ литературно кодифициран јазик, најнапред врз теориските начела на Крсте Мисирков, потоа и во Граматиката на Конески. Јазичниот миметизам е шармантен исто како што се фасцинантни немиметичките особености односно особеностите и разликите на јазиците кои припаѓаат на големи јазични семејства (групи) какви што се словенските јазици, пошироко и индоевропските.
Политичката елита, за жал, често пати или не знае, или не ги почитува неспорните факти од културната и јазичната историја на Македонците. Имено, од средината на 9 век, па до крајот на 19, но и до денес, словенските народи, во поточно општохристијанските и православните заедници имале свој кодифициран јазичен систем. Тоа е старословенскиот јазичен код, особено сочуван, негуван во неговата црковнословенска матрица, за сакрални и религиски потреби, за превод на светите книги, литургија, книжевност, но и за културна комуникација. Уште повеќе, заедничкиот црковнословенски јазик бил и сѐ уште е топос на препознавање на иницијалната културна и идентитетска матрица на Старите Словени ширум Европа. Во таа смисла, се потценуваат факти дека словенските народи имале не само трансетнички кодифициран јазик кој не ја спречил еволуцијата на одделните етнички, подоцна и национални јазични матрици туку користеле и повеќе писма или азбуки, некои автохтони, како глаголицата и кирилицата, некои поинакви, како латиницата, грчкиот алфабет, руните…
Конфузијата и неупатеноста по однос на тоа што се споделени места на меморија, а што заедничка историја, доведе до тоа да бидеме денес соочени со брутален излив на хегемонистички супрематизам на некои соседни нации, и тоа искажани во име на врвни научни, државни и политички институции. Дваесет години прифаќаме ултимативни преговори и договори за името на државата, небаре името е етикета која може да се лепи и одлепи, а не уникатен суверен показател на легитимитетот на државата, нејзиниот правен субјективитет и идентитет, како и легитимитетот на нејзината нација и идентитетот на нејзините граѓани.
Притоа, систематски забораваме или премолчуваме дури и ние, дека постои разлика меѓу етнос и нација и дека нацијата како политички договор и конструкт е неразделна од појавата на современите граѓански држави и државите-нации. Конституирањето на македонската нација, како структура составена од македонскиот етнокултурен ентитет кој го даде главното државно обележје на Р Македонија од 1944 до 2019 година, државотворната улога на македонскиот народ во основањето на граѓанската држава, јазикот и темелниот историски наратив преточен во преамбулата на првиот устав на Р Македонија, заедно со сите малцинства и заедници кои живеат на територијата на Македонија, последниве неколку години се доведува во прашање.
Опстанокот на македонската нација е доведен во прашање, а без нација нема стабилна и просперитетна држава. Секој граѓанин и сите етнички и јазични заедници можат да го почитуваат своето потекло и тој слој на идентитетот, но сите заедно треба да ја сочинуваме македонската нација, да имаме заедничко чувство на припадност, почит спрема симболичните и фактичките одлики на нацијата и државата. Ние денес, сѐ во име на демократијата од којашто нема трага оти и по устав сме мултидемократска и мултиетничка држава (нонсенс, оти општеството е мултиетничко, а не државата), мултијазична и мултирелигиска, до тој степен на општествена и институционална ентропија што всушност ја претворивме државата во нестабилен конструкт без интегративни фундаменти, во збир од заедници, групи и партии без национален и државен консензус, без идеали, без визија за иднината, без самопочит, без углед во меѓународните кругови.
МАНУ ги затвора очите пред амбивалентните факти, пред наивните но штетни парадокси кои нанесоа непоправлива, иреверзибилна штета на нацијата, наша, на сите, не само на етничките Македонци, а со тоа и на нашата држава. Издвојувајќи се како егзотични племиња, Македонците посебно се изложија на удар на политиките на ултиматуми во нејзините интегративни процеси. Се прифаќаат и најголемите апсурди без консултација и почит на научни стратешки истражувања и аргументирани ставови на МАНУ. А често пати дозволуваме и да не ги формулираме своите ставови кои би биле во општа полза и за општо добро на нацијата. Македонската нација сами си ја потценивме, затоа денес политички анонимуси коленичат панично пред недостојни инстанци во име на некоја интеграција која можеби никогаш нема ни да се случи.
(Обраќање на академик Ќулавкова на неодамнешното годишно собрание на МАНУ)