Пошироката јавност речиси воопшто не знае дека станува збор за објект што е стар над 120 години, познат како млинот на Исмаил-бег, кој редовно се споменува во истражувачката литература како најсовремена мелница од османлискиот период
Eден друг агол од катастрофата во битола
Битола го изгуби во пожар „Жито Битола“, меѓутоа пошироката јавност речиси воопшто не знае дека станува збор за објект што е стар над 120 години, познат како млинот на Исмаил-бег, кој редовно се споменува во истражувачката литература како најсовремена мелница од османлискиот период.
Мери Стојанова, директорка на Заводот и музеј Битола, информира дека во рамките на заштитно-конзерваторските основи изработени од страна на Заводот и музеј Битола што се однесува на индустриската зона „Жито Битола“ и „Транскоп“, објектот бил валоризиран и категоризиран како значајно наследство, со пропишан режим на заштита од втор степен. Режимот на заштита не препознава приватна или државна сопственост. Според Стојанова, мелницата на Исмаил-бег во 2014 година била препознаена како недвижно културно наследство, меѓутоа за неа не бил изработен поединечен проект.
Во официјалниот список на Управата за заштита на културното наследство до кој дојде „Нова Македонија“ фигурираат 144 ставки, а меѓу нив не се наоѓа мелницата на Исмаил-бег. Во споменатиот список од Министерството за култура не се вброени и неколку монументални објекти не се заштитени, а меѓу нив се веќе изгорената мелница на Исмаил-бег и Еврејското женско училиште, како и неколкуте преостанати анови. Еден од највпечатливите објекти што не се наоѓаат на листата за заштита на културното наследство е Големата воена болница, денес студентски дом „Кочо Рацин“, кој е зачуван, меѓутоа постојано менуван и доградуван според потребите.
Во листата за заштита на културното наследство не се наоѓа ниту Џепането (турската оружарница), која е една од најубавите османлиски градби во околината на Битола. Џепането е османлиска тврдина со четири уникатни објекти и бедеми високи до четири метри. Изградена е во 1876 година, како турска барутана, во времето на битолскиот валија Ахмет Зеки-паша. Според познавачите, тврдината била изградена од страна на врвни мајстори од Смилево, а мајсторите оставиле и тајни белези, кои се зачувани до ден-денес.
Васко Гичевски, историчар чија специјалност е социјалната историја на османлиска Македонија и автор на две дигитални интерактивни мапи на недвижното културно наследство при Центарот за етнолошки истражувања и применета антропологија, вели дека доколку се направи список на сѐ што не е заштитено, тогаш тој список ќе излезе на неколку страници.
Според Гичевски, сепак, дополнувањето на списокот за заштита на културните добра нема да биде доволно, бидејќи се потребни финансиски средства за нивно зачувување, а, од друга страна, има недостиг од базичен кадар за нормално функционирање на институциите. Заводот и музеј во Битола со години нема вработено ниту еден историчар, а тоа значајно се одразува на неговата работа. Ова е горчлив проблем, за кој Гичевски вели дека се надева оти ќе се најде волја да се реши.
Доколку се продолжи со досегашниот тренд, да се говори и пишува за културното наследство без да се преземат конкретни мерки, тогаш објектите што имаат културно значење ќе исчезнат. Битола од тврдина и бисер на османлиското културно наследство на Македонија, како одминува времето, постојано губи на својата вредност – вели Гичевски.
Немилиот настан со мелницата на Исмаил-бег укажува дека е потребна поголема проактивност од страна на надлежните институции околу грижата за културното наследство и добра. Познавачите велат дека се потребни државна стратегија и правна рамка, односно дејства за заштита на културните објекти од уништување, кражба, проневера или друга загуба.
Потресни сведоштва од местото на настанот
Само благодарение на брзата и ефикасна интервенција на противпожарната единица на Битола, која уште по првата дојава за пожарот интервенира со 27 пожарникари, и на помошта во противпожарни возила и во една цела единица пожарникари од „РЕК Битола“, беше спречено пожарот што ја зафати пекарницата на една од најстарите фабрики во Битола, „Жито Битола“, која постои повеќе од еден век, да не се прошири во магацинскиот дел и кај силосите, па да се случеше катастрофа од невидени размери.
Но, и покрај тоа, штетата што настана од пожарот што го зафати „Жито Битола“ му нанесе огромна материјална штета, која допрва ќе се утврдува.
Многу беше емотивна глетката на лицата на поранешните работници на „Жито Битола“, кои откако слушнаа за пожарот пристигнаа кај фабриката за да помогнат во неговото гаснење.
Тешко ми е. Над 30 години поминав тука. Од оваа фабрика за леб, и јас јадев леб. Навистина срцето ми се кине кога гледам како гори – ни изјави С.В., која, со грутка во срцето, немо го следеше гаснењето на пожарот.
Инаку, со мелничко-пекарската фабрика „Жито Битола“, која пред петнаесетина години замина во стечај, од пред неколку години стопанисуваше новиот сопственик на „Ангромаркет“, кој по преземањето на фабриката не само што ја стави во погон туку во добар дел и ја реновира и сосема ѝ го промени ликот. М.М.