Нашите соговорници нагласуваат дека „одредени точки од Преспанскиот договор предвидуваат преку работата на македонско-грчката комисија за историски и образовни прашања да се одобрат токму грчките еднострани интереси и политички ставови за македонскиот народ и неговите историски и културни особености, што се дијаметрално спротивни од нашите национални интереси“. Во контекст на тие точки од Преспанскиот договор се всушност и ставовите на повеќемина грчки политичари, историчари и аналитичари, кои и досега беа јавно искажани, односно дека „словенското население во историската и географската област Македонија имало бугарско национално чувство, а македонската нација настанува во текот на 20 век“, ни откриваат нашите соговорници
Атина преку комисијата за историски и образовни прашања сака да ги наметне своите ставови за Македонците
Многумина аналитичари и експерти ја издвојуваат констатацијата дека македонско-грчката комисија за историски и образовни прашања е политички конструкт на Преспанскиот договор од 2018 година. Зошто? Каде се аргументите дека работата на споменатата комисијата (би) била длабоко политизирана, без разлика што во членот 8 од Преспанскиот договор се вели дека нејзините членови ќе работат врз принципите на научно толкување на историските настани, засновано на автентични докази и научно издржани историски извори и археолошки наоди. Аргументите на нашите соговорници се следните:
Како преку членот 7 од Преспанскиот договор се препознава флагрантен обид за ревизија на историјата?
Дека работата на членовите на т.н. Интердисциплинарна комисија на експерти е политизирана и не е заснована врз доказите и научното издржаните извори, потврдува и самиот Преспански договор, односно членот 7, во кој се вели дека термините „Македонија“ и „македонски“ се однесуваат на различен историски контекст и културно наследство, како и дека за грчката страна термините „Македонија“ и „македонски“ ја означуваат не само областа и народот во северниот регион на Грција туку и нивните одлики, како и хеленската цивилизација, историја, култура и наследството на тој регион од антиката до денешен ден.
Неколку историчари со кои се консултиравме посочуваат дека на директен начин преку членот 7 од Преспанскиот договор се врши ревизија на историјата, бидејќи не се земаат предвид различните видувања во светската историска наука за повеќе историски прашања, видувања засновани на археолошките наоди и историски извори, и се во спротивност со официјалната грчка историографија. Нашите соговорници исто така посочуваат дека особено е проблематичен и ставот 3 од членот 7, каде што се вели дека за втората страна, односно за македонската држава, термините „Македонија“ и „македонски“ ја означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја и култура. Според аналитичарите и експертите со кои се консултиравме, ставот 3 од членот 7 ја политизира работата на македонско-грчката комисија за историски и образовни прашања затоа што со термините „Македонија“ и „македонски“ се означува територијата на современата македонска држава, а не пошироката област Македонија, област што опфаќа делови од неколку современи држави, но област во која низ вековите се оформиле македонските национални особености – јазик, култура, историја, обичаи и сл.
Преспанскиот договор ги афирмира ставовите на повеќемина радикални грчки политичари, историчари и аналитичари дека словенското население во историската и географската област Македонија имало бугарско национално чувство
Нашите соговорници издвојуваат и нагласуваат дека одредени членови и ставки од Преспанскиот договор се во насока „преку работата на македонско-грчката комисија за историски и образовни прашања да се одобрат грчките политички ставови за македонскиот народ и неговите историски и културни особености“!
Тука треба да се земат предвид и ставовите на повеќемина грчки политичари, историчари и аналитичари, кои и досега беа јавно искажани, односно дека словенското население во историската и географската област Македонија имало бугарско национално чувство, а македонската нација настанува во текот на 20 век, велат нашите соговорници. Во овој контекст беше и ставот на Никос Коѕијас, поранешен грчки министер за надворешни работи и еден од потписниците на Преспанскиот договор, дека во „Северна Македонија се роди нова нација“, како и дека Софија „ја нема сфатено етногенезата, во текот на 20 век, на нов словенски народ, славомакедонците“, посочуваат аналитичарите и експертите со кои се консултиравме.
Доколку се земе предвид искажувањето на Никос Коѕијас, но и на Спиридон Сефета, член на македонско-грчката комисија за историски и образовни прашања, дека македонските членови прифатиле дека во византискиот период „Словените не го зеле името Македонци од Античките Македонци и дека термините Македонци и Словени не биле идентични во средниот век“, потврдуваат дека преку работата на комисијата се стеснуваат историското суштествување на македонскиот народ, велат нашите соговорници. Грчката страна смета дека Македонците се политички конструкт, нов народ од 20 век, кој нема своја историја и култура и тоа треба да се санкционира преку македонско-грчката комисија за историски и образовни прашања, велат нашите соговорници.
Потсетуваме, токму во оваа смисла беше и ставот на Никос Коѕијас, поранешен грчки министер за надворешни работи и еден од потписниците на Преспанскиот договор, дека во „Северна Македонија се роди нова нација“, како и дека Софија „ја нема сфатено етногенезата, во текот на 20 век, на нов словенски народ, славомакедонците“, посочуваат аналитичарите и експертите со кои се консултиравме
Зошто македонските членови во македонско-грчката комисија за историски и образовни прашања одбегнуваат да даваат изјави?
Доколку се земе предвид ова, досегашните посочувања, дека преку активностите на македонско-грчката комисија за историски и образовни прашања се врши историска и културна цензура, добиваат поголема веројатност. Во оваа конотација треба да се спомене и дека македонските членови во комисијата за историски и образовни прашања одбегнуваат да даваат изјави за своето работење со образложение дека имаат договор со кој се обврзани да даваат информации за своите тековни активности во комисијата, поради што дополнително се јавуваат сомнежи за некаква историска ревизија или цензура. Македонско-грчката комисија за историски и образовни прашања произлезе од Преспанскиот договор, а македонските членови се финансираат директно од македонскиот државен буџет преку македонското министерство за надворешни работи, оттука македонските членови се должни да дадат отчет за своето работење или во крајна мера македонското министерство за надворешни работи за да даде одредени соопштенија и да информира до каде се активностите на македонско-грчката комисија за историски и образовни прашања. Ова е особено важно ако се земе предвид дека во рамките на работењето на споменатата комисија се опфатени контроверзни историски теми, како што е окупацијата на егејскиот дел на Македонија од страна на Кралството Грција по Балканските војни, како и протерувањето на Македонците и нивната асимилација од страна на грчката држава. Р.Н.М.