Од бугарските историски архиви: Сведоштва за постоењето на Македонците во „Одрински глас“

Во целата таа негаторска кампања кон Македонците, македонскиот јазик и историја, бугарските негатори како да подзаборавија на фактот дека токму во нивните национални бугарски архиви постојат голем број документи и други историски извори што јасно ја потврдуваат посебноста на македонската историја, јазик, култура, политички убедувања итн. Конкретно, вакви сведоштва се присутни во голем број бугарски весници и списанија од крајот на 19 век и почетокот на 20 век, кои на директен или индиректен начин пишуваат за „борба на Македонецот и Македонката“, „македонското масовно востание“, „бугарската оружена пропаганда“… Нашиот истражувачки тим дојде до дел од нив…

Бугарскиот претседател Радев да се одважи и охрабри да се открие вистината скриена во бугарските историски архиви

Македонското општество подолг период е под постојан пресинг на едно неточно и фингирано информирање од некои бугарски политичари и инструментализирани историчари. Бомбардирајќи ја македонската јавност, тоа има цел да предизвика сомнежи во историската вистина и севкупната македонска и регионална историографија. Имено, досега повеќепати можевме да прочитаме или да слушнеме скандалозни изјави дека македонскиот народ нема сопствено минато, како и дека македонските историчари крадат туѓа историја и ја фалсификуваат. Во овој контекст беа изнесени ставови дека историските извори потврдуваат дека во минатото Македонците се декларирале како дел од бугарскиот народ и дека нивниот политички стремеж е обединување на Македонија со бугарската држава.
Но во целата таа негаторска кампања, бугарските негатори како да подзаборавија на фактот дека токму во нивните национални бугарски архиви постојат голем број документи и други историски извори што јасно ја потврдуваат посебноста на македонската историја, јазик, култура, политички убедувања итн. Конкретно, вакви сведоштва се присутни во голем број бугарски весници и списанија од крајот на 19 век и почетокот на 20 век, кои на директен или индиректен начин пишуваат за „борба на Македонецот и Македонката“, „македонското масовно востание“, „бугарската оружена пропаганда“…

Историски бугарски извори сведочат за термините Македонци и македонски народ

Поради тешката политичка и економска положба на македонскиот народ во рамките на Османлиската Империја, повеќемина видни Македонци се обиделе да издејствуваат помош и поддршка од неколку тогашни моќни држави. Таков е меморандумот од името на македонскиот народ до рускиот цар Александар Втори од јуни 1885 година. Конкретниот меморандум најпрво бил објавен во весникот „Свет“, а подоцна и во весникот „Македонец“, под насловот „Катастрофалната состојба на Македонија под турско ропство“. Овој меморандум како историски документ може да се пронајде во бугарските архиви и е интересен од неколку аспекти. Конкретно, жителите на Македонија се именуваат како Македонци и македонски народ, како и за нивната „самостојна борба против османлиската држава“!
Во споменатиот меморандум, меѓу другото можеме да прочитаме дека: „За да го држи овој народ во покорност, Турската влада преспокојно гледа на ѕверствата на разбојничките банди кои немилосрдно ги ограбуваат и ги колат православните Македонци. Тие разбојнички банди земаат во ропство членови на богатите православни семејства и бараат откуп. Македонците се принудени да ги продаваат имотите за да ги откупат од разбојниците заробените членови на своите семејства, при што, се разбира, семејствата се целосно уништени, осиромашени и принудени да преживеат преку собирање средства и секојдневна работа“. Имено, ова не е напишано и не се однесува на бугарскиот народ, туку конкретно и прецизно – на македонскиот! Во продолжение уште еден цитат од весникот: „Македонскиот народ, предизвикан од турските разбојнички банди, почна сам да се брани откако увиде дека турската власт е бессилна во негова одбрана од насилствата и ѕверствата на разбојниците. Но турската влада тогаш го прогласи македонскиот народ за разбојнички и испрати војска за таа безмилосно да ги убива мирните жители на Македонија кои беа принудени да се кренат на оружје против турските разбојнички банди“.
На крајот од меморандумот се вели: „Ние, малите, несреќни, но силни по дух Словени Македонци, едногласно молиме да обрнете внимание на сегашните наши страдања што ги трпиме под турското ропство…“ („Македонец“, бр. 21, Русе, 27 јули 1885 година).
Во април 1903 година, весникот „Македоно-одрински курир“ соопштува дека во Софија била организирана манифестација за одбележување на празникот на трудот од страна на работниците социјалисти. По завршувањето на манифестацијата, пред многубројниот народ се обратил Јанко Саказов „со неколку симпатични зборови за каузата на Македонецот“. Истиот весник во мај 1903 година соопштува дека во кафеаната „Сан-Стефано“, Никола Харлаков говорел за македонското прашање, при што, меѓу другото истакнал: „Македонскиот селанец – ете ја општествената сила, ете го социјалниот елемент, кој што, во силата на својата положба, ќе го изнесе на својот грб македонското масовно востание“.
Во август 1903 година, весникот „Женски глас“, издаван од страна на Бугарскиот женски сојуз, во екот на Илинденското востание ја објавил темата „Македонското движење и женските благотворителни друштва Ек. Симитчиева“, во која меѓу другото можеме да прочитаме: „Кога ќе погледнеме на бледите страници од дејноста при најважните случувања, време е тие друштва при денешната очајна борба на Македонецот и Македонката да притекнат со својата помош, кога навистина или сега или никогаш, треба да се даде. Денешните случувања… посакуваат дела, сакаат дејност…“.

Сведоштва за македонските политички ставови

Во уводната статија на „Југозападна Бугарија“, објавена на 6 ноември 1893 година, дознаваме дека до редакцијата пристигнало анонимно писмо во кое биле осудени целта и тактиката на весникот. Анонимниот автор решавањето на македонското прашање го гледал во одделна Македонија, сепаратизам, во совршена самостојност на Македонија, т.е. без никакво соединување, братство или пријателство со северна и јужна Бугарија. Според самиот весник, осудите во анонимното писмо биле предизвикан затоа што уредниците на „Југозападна Бугарија“ на македонското прашање гледале како на општо бугарско и се стремеле името на Македонија да го заменат со терминот југозападна Бугарија. Анонимниот автор во својот текст истакнал: „Единствениот спас на Македонија за да се запази цела и да се отстранат сите волци, кои што гледаат кој од кој повеќе да грабне по нешто од неа, е сепаратизмот. Само на таков начин ќе можеме да го достигнеме тоа, што го сакаме“.
На 15 март 1903 година, весникот „Женски глас“ објавил една статија под наслов „По македонското прашање“, во која се вели дека Бугарија веќе неколкупати ги покажала (и сѐ уште ги покажува) своите стремежи за зголемување со присоединување на Македонија. Во понатамошниот дел можеме да прочитаме дека Македонија треба сама да ја води борбата со тиранијата за својата автономија, за едно „самостојно суштествување без никакви помисли за присоединување кон Бугарија, ниту кон некоја друга држава. Во тоа движење (македонското б.н.) човекот посакува едно возможно примирје меѓу малите држави, за создавање на една нова балканска државичка – Македонија, која ќе биде дел од оној сојуз на балканските држави, кој што ќе стави крај на разните апетити на посилните, ќе заживее свој самостоен културен живот“.
Во март 1908 година, бугарскиот весник „Нов век“ информира дека учителскиот сојуз, кој бил под влијание на Сандански и неговите приврзаници, објавил дека при една таква Бугарија на кнезот Фердинанд би било подобро Македонија да остане под власта на Турција, а ако султанот не може да ја одржи својата позиција, тогаш Австро-Унгарија со право треба да слезе до Солун.

Сведоштва за бугарската пропаганда во Македонија

Кон крајот на 19 и почетокот на 20 век, на територијата на Македонија дејствувале повеќе оружени пропаганди, вклучувајќи ја и бугарската, кои имале цел да создадат услови за присвојување на македонските територии и нивно присоединување кон соседните балкански држави. Постоењето на пропагандите се потврдува во повеќе историски извори, а конкретно за бугарската оружена пропаганда пишува весникот „Одрински глас“ во неколку статии. Споменатиот весник во април 1908 година ја објавил статијата „Прославата на бугарската оружена пропаганда“ во која можеме да прочитаме дека бугарската оружена пропаганда прославувала во Македонија и Одринско, не само затоа што им нанела смртоносен удар на нејзините туѓи непријателски пропаганди, не зашто направила сигурен чекор на патот на „бугарските националистички посегања“, туку бугарската оружена пропаганда прославува затоа што нејзиниот најголем непријател, Внатрешната македоно-одринска организација, е во агонија.
Во април истата година, „Одрински глас“ ја објавил и статијата „Бугарија и револуционерната организација во Македонија“ во која ги обвиниле приврзаниците на Христо Матов дека се луѓе што немале здрави познавања за револуционерното движење во Македонија, а на македонското дело гледале преку своите шпекулантски очи на своите партизански интереси. Во понатамошниот дел од статијата се истакнува дека револуционерното движење во Македонија и Одринско несомнено изникнало и се крепело врз почвата на незадоволството на масите од крвавиот тирански државен строј и, како таков, тој содржеше во себе здрави револуционерни елементи, но во исто време уште од самото раѓање тоа содржеше и елементи што доведоа до неговото раѓање. Во силата на историската инерција тоа се оформи како „сепаратистичко движење, целеше кон откинување на Македонија и Одринско од империскиот државен организам и да создаде од нив една автономна државичка“.
Во истиот текст се наведува дека бугарската влада од своја страна, како претставник на интересите на официјална Бугарија, водеше и до ден-денес води борба за влијание во Македонија и Одринско, како што вршеа и српската и грчката влада. Оттука, бугарската влада настојувала да ја има под свое влијание и диригентство Внатрешната организација, која била моќен фактор во Македонија и Одринско. Д.Ст.