Неодамна во Барселона, Шпанија, се одржа меѓународната конференција „Трипл хеликс 2023“ под наслов „Претприемачките универзитети и одржливиот развој“, на која учествуваа над 400 научници, креатори на политики и практичари од целиот свет, со цел да дискутираат за тоа како и на кој начин натаму да се зацврстат релациите и поврзаноста помеѓу т.н. претприемачки универзитети, индустријата, односно бизнисот и владите на земјите
Интервју со Димче Николов, придружен член на асоцијацијата „Трипл хеликс“
НМ: Г. Николов, што претставува асоцијацијата „Трипл хеликс“, кои се нејзините цели, активности и во што се состои нејзиното значење?
ДН: Асоцијацијата „Трипл хеликс“ (ТХА) е непрофитна невладина асоцијација основана во 2009 год., со седиште во Рим, Италија, и како таква дејствува глобално, на сите континенти. Основните цели се насочени кон унапредување на научните знаења и практичните достигнувања поврзани со сите аспекти на интеракцијата помеѓу универзитетите (академските институции), индустријата/односно бизнисот и владата на една земја (трипл хеликс или во превод „тројна спирала“). Како крајна цел има поттикнување на истражувањата, иновациите, економската конкурентност и растот.
Во основата на ТХА е моделот на т.н. тројна спирала на иновации, а како збир на интеракции помеѓу академијата (универзитетот), индустријата и владата, за да се поттикне економскиот и социјалниот развој, на локално, регионално и на национално ниво. Во теоријата на иновациската спирална рамка, секој сектор е претставен со круг (спирала), со преклопување што покажува интеракции. Т.н. модел трипл хеликс е воведен од страна на американскиот научник Хенри Ецковиц и холандскиот социолог Лоет Лајдесдорф во 1990-тите, со објавувањето на трудот „Тројната спирала, односи универзитет – индустрија – влада: лабораторија за економски развој базиран на знаење“. Натамошниот развој на овој модел и интеракциите меѓу универзитетите, индустриите и владите доведоа до појава на нови хибридни институции, како што се бизнис-акцелераторите, инкубаторите и научнотехнолошките паркови. Рамката за иновации со троен хеликс како модел е широко усвоена и успешно се применувана од страна на голем број креатори на политики во целиот свет.
НМ: Дали можете нешто повеќе да ни кажете за т.н. претприемачки универзитети?
ДН: Концептот на претприемачки универзитет е поврзан со американскиот социолог Бартон Кларк, кој уште во 1998 год. ја објави студијата „Креирање претприемачки универзитети: Организациски патишта на трансформација“ (Creating Entrepreneurial Universities: Organizational Pathways of Transformation). Претприемачките универзитети претставуваат новина во развојот на содржината на мисијата на повеќето универзитети во светот. Предавањата и истражувањата обично ја формираат основната содржина на мисијата на универзитетите, но појавата на новиот економски развој ја наметна и потребата за трансформирање на универзитетите од чисто наставни во претприемачки, додавајќи им така една нова мисија. Таа трансформација е резултат на зголеменото значење на знаењето во постојното економско опкружување од една страна и финансиските потреби на универзитетот од друга страна. Она што е значајно да се истакне е дека претприемачките универзитети играат клучна улога во регионалниот развој преку воспоставување иновативни единици и структури, кои се повеќе или помалку тесно поврзани со тие универзитети. Типични единици за иновации додадени на универзитет или лоцирани во неговата организациска структура се научнотехнолошките паркови, иновативните центри, центрите за претприемаштво, бизнис-инкубаторите, бизнис-акцелераторите и слични организациски форми.
Она што е важно е да се нагласи исто така дека на иновациите и претприемаштвото не треба да се гледа само низ призма на економските иновации и претприемаштвото, туку и на нивното влијание и примена во образовниот процес и воведување нови наставни планови и програми, иновации на наставниот кадар и студентите, на нови идеи и проекти, кои заеднички ќе ги развиваат учениците и наставниците и преку наставата. За сите овие прашања, досегашните искуства и предизвиците пред кои се исправени универзитетите, беше дискутирано на повеќе нивоа и на конференцијата во Барселона.
Инаку, прашањето на претприемаштвото и промоцијата на претприемачката култура има многу пошироко значење и претставува една од важните цели на иновативната Лисабонска стратегија на Европската Унија, како едно од клучните значења за создавање нови бизниси и постигнување економски раст во Европа. Европската комисија има дадено цела низа препораки за унапредување на претприемаштвото во рамките на високото образование, со посебен акцент на трансверзалниот пристап, кој подразбира дека претприемаштвото треба да биде достапно за сите студенти, односно на сите факултети, а не само поврзано со традиционалните факултетски курсеви како што се бизнис/бизнис-студии или економија. „Претприемачки универзитет“ е оној во кој сите вработени на сите нивоа се посветени, а студентите од сите дисциплини се охрабруваат да размислуваат и да дејствуваат на претприемачки начин. Ова е единствениот начин да се развие општество водено од знаење, во кое доминираат малите бизниси и исклучително конкурентно.
НМ: Ги споменавте бизнис-акцелераторите, инкубаторите и научнотехнолошките паркови како хибридни единици, кои се поприсутни во рамките на универзитетските кампуси. Каква е состојбата со овие институции во нашата земја?
ДН: Појавата и развојот на бизнис-акцелераторите, инкубаторите и научнотехнолошките паркови кај нас сè уште е во прилично задоцнување. Нивниот број е скромен, а причини за тоа има повеќе. Една од најзначајните е, секако, неразвиеноста на т.н. претприемачки универзитети, но и непрактикувањето на системот трипл хеликс во целина. Од неколкуте постојни би издвоил два – бизнис-акцелераторот УКИМ, основан во 2018 год. „со цел да развива програми за поддршка на раст на најперспективните технолошки претприемачи, стартапи, спиноф и брзорастечки компании во земјата, во соработка со неговата глобална партнерска мрежа“, како и е технолошкиот парк „СЕЕУТекПарк“ (SEEUTechPark) лоциран при кампусот на Универзитетот за Југоисточна Европа во Тетово. Основан е во 2013 год. од страна на Бордот на Универзитетот на Југоисточна Европа со цел да се создадат услови за стимулирање на создавањето нови стартап-компании, создавање синергија меѓу компаниите и поттикнување на растот на постојните мали и средни претпријатија, при што на долг рок се создаваат услови и можности за отворање нови работни места. Ако се има предвид неговата прокламирана визија за „создавање трајни врски помеѓу академијата и индустријата за претворање на знаењето и експертизата во акција, производство и инвестиции“, како и соработката што за таа цел ја остварува со локалната власт, тогаш би можело да се каже дека оваа институција има услови да го развие моделот на иновации трипл хеликс во неговиот вистински облик.
Во рамките на технолошкиот парк постои инкубатор со цел, како што е наведено, да им помогне на бизнисите да станат основани и профитабилни за време на нивниот инкубаторски период. Услугите што ги нуди инкубаторот се разновидни – од помош, обука и советување обезбедени од страна на професионални лица, развој на нови, иновативни креативни идеи, до целосна поддршка во управувањето со заинтересираната компанија во областа на маркетингот, вмрежувањето, презентациски вештини, линкови до стратегиски партнери, пристап до ангел-инвеститори и многу други. Програмите за инкубација поддржуваат компании од разни сектори, вклучувајќи технологија, ИТ-сектор, телекомуникации, е-бизнис и е-трговија, медиуми и др.
Кога станува збор за технолошките паркови, она што меѓутоа недостига е постоење научнотехнолошки парк на национално ниво, нешто што е присутно речиси во секоја земја. Од она што е познато е дека во 2018 год., од страна на тогашната наша влада е промовиран мегапроект за изградба на научнотехнолошки парк, но освен отпочнувањето на неговата прва фаза (отворањето на бизнис-акцелераторот УКИМ), се чини дека проектот не доживеал натамошна имплементација.
Во насока на натамошен развој на иновациите и стартап-екосистемот во земјата, а како обврска на Владата, треба да се истакне и значењето на следењето и воведувањето соодветна законодавна регулатива, со која ќе се овозможи поддршка за сите компании, особено за малите и средни фирми, стимулирање на приватните инвестиции во нивниот развој и др.
НМ: На кој начин нашата земја може да фати приклучок со асоцијацијата „Трипл хеликс“ и кои би биле придобивките?
ДН: Како што беше веќе истакнато на почетокот, активностите на оваа меѓународна асоцијација се многубројни, а вклучувањето во нејзината работа е доброволно, во зависност од интересот на поединецот или организацијата. Доволно е само да се напомене значењето на одржувањето на редовните годишни конференции на кои учествуваат научници, истражувачи и практичари од целиот свет, промовирајќи и унапредувајќи ги најновите достигнувања поврзани со системот трипл хеликс, односно интеракциите помеѓу академските, индустриските (бизнис) и институционалните системи во поттикнувањето на истражувањата, технолошките иновации и економскиот раст.
Учеството на академски претставници, професори и истражувачи од наши универзитети, институти и други високошколски установи на меѓународните годишни конференции на асоцијацијата, симпозиумите и другите настани во организација на ТХА, и примената на нови академски модели и практични достигнувања, ќе претставува непосредна бенефиција за збогатување на наставниот процес и образованието на студентите во воведувањето на духот на претприемаштвото и трансформацијата на универзитетите како претприемачи – да наведам само еден пример од годинашната тема на конференцијата. Податокот дека над 400 делегати од целиот свет присуствуваа на годинашниот собир, сам за себе говори за неговото значење и растечки интерес.
Од друга страна, индустријата, односно бизнисот, како втор столб на трипл спиралниот систем, како и другите партнери на универзитетите во меѓусебната соработка и работа на заеднички проекти, исто така ќе ги почувствуваат бенефициите од дисеменацијата на теоретските и практични искуства со кои ќе се стекнат универзитетите, со посредство на нивното вклучување во активностите на ТХА. Конечно, локалните и регионалните власти, како и централната власт, односно владата како трет актер во оваа спирална интеракција, со активно вклучување во заеднички проекти ќе може да придонесе за остварување на конечната заедничка придобивка, а тоа е зголемен економски раст и развој на земјата. За сето тоа е потребно пред сѐ поголемо разбирање и свест од страна на Владата за овој концепт, издвојување одредени финансиски (буџетски и други) средства и вложување на многу напори, а бенефицијата е огромна. Потврда за тоа се значајните постигнувања остварени со посредство на реализација на успешни проекти во голем број земји што ги прифатиле системот на трипл хеликс и моделот на иновации и кои во меѓусебната комуникација со посредство на меѓусебна дисеминација на теоретските и практични знаења и примери се стекнале со значајна полза. Р.Н.М.