Фото: Маја Јаневска-Илиева

Амбиентот во кој живееме, кој во голем дел и самите го креираме, создава причини за да ни се случуваат „несреќи“. Неодговорното работење, мрзливоста, немарноста во извршувањето на работните задачи, потоа и неорганизираноста, непочитувањето на правилата и стандардите, па и прекршувањето на законските прописи од соодветните области, се поттикнувачи на трагичните настани, од кои некои навистина може да се квалификуваат како несреќи, но за некои има индиции дека се направени со умисла, како што велат аналитичарите

Мистериозни опожарувања, поплави и други хаварии во државните институции

Серија пожари и поплави делумно или целосно урнисаа повеќе државни институции, причинета е огромна материјална штета, а најтрагично од сѐ е што се загубени и голем број човечки животи. Ова е горката реалност од низата непогоди во редица државни институции, при што одредени елементи чудно коинцидираат и треба да бидат предмет на детална и длабока истрага за да се дојде до фактите и вистината.

Краток хронолошки пресек на хавариите во државните институции

Хронолошки наназад, последен немил настан беше неодамнешниот пожар што ја зафати зградата на ЈП „Улици и патишта“. Во несреќата е опожарена бараката на институцијата, уништена е документацијата на претпријатието, која се наоѓала во просториите, и уште два автомобила.
Во септември избувна пожар во тетовската модуларна болница, каде што беа хоспитализирани најтешките случаи на пациенти заболени од ковид-19. Во трагедијата животот го загубија 14 лица, а 12 беа повредени.
Минатата година, во строгиот центар на Скопје, изгореа просториите на Државниот инспекторат за животна средина. Огнот ја проголта целата архива, а пожарникарите се пожалија дека во зградата не работел ниту еден хидрант и тие морале пожарот да го гаснат од надвор.
Претходно, на сличен начин, во општината Карпош изгоре Завод за архитектура и урбанизам. Имаше пожар и во бараките кај СУГС „Здравко Цветковски“, спроти бензинската пумпа „Макпетрол“, на булеварот Партизански одреди, кој целосно го уништи објектот.
Пред неколку години, во строгиот центар на главниот град, изби пожар во зградата на „Македонска пошта“. Во несреќата немаше човечки жртви, но беше причинета огромна материјална штета. Една година по случувањата, Основниот суд Скопје 1 го осуди на две години затвор шефот на кабинетот на директорот на АД „Македонска пошта“, Арменд Фазлиу, кој се товари за тешко дело против општата сигурност на луѓето и имотот, односно за предизвикување на пожарот во оваа државна компанија. Но покрај пожарите, некои државни институции беа отштетни и поради поплави.
Последната од овие несреќи се случи во 2019 година, кога поплава ги уништи просториите на некогашното СЈО, при што беше причинета значителна штета за предметите што ги водеше ова обвинителство.
Една година претходно се поплавија два ката на зградата на Државниот архив во центарот на Скопје. Во поплавата целосно или делумно се уништија просториите на институцијата, заедно со документацијата во државната архива.

Село гори?!

Кои се причините за сите овие хаварии и зошто не биле превенирани навреме? Дали постои некој елемент како заеднички именител за хавариите? Дали е во прашање целосна негрижа или нешто сосема друго?
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски вели дека амбиентот во кој живееме, кој во голем дел и самите го креираме, создава причина за да ни се случуваат „несреќи“. Неодговорното работење, мрзливоста, немарноста во извршувањето на работните задачи, потоа и неорганизираноста, непочитувањето на правилата и стандардите, па и прекршувањето на законските прописи од соодветните области, се поттикнувачот на настаните, од кои некои навистина може да се квалификуваат како несреќи, но за некои има индиции дека се направени со умисла, како што велат аналитичарите.
– Но без разлика на заднината на случувањата, овие состојби, кои може да се одлика за некоја африканска земја, за жал, се сѐ поприсутни во нашето секојдневие. Тоа е така бидејќи најверојатно тоа им одговара на сите, затоа што во несреќите се бришат доказите од тендерите и судот никогаш не стигнува да ги „прочешла“. Дополнително, ова треба да е поттик и да спроведеме целосна дигитализација, бидејќи на ваков начин најуспешно ќе ги изгасиме огновите или ќе ги затнеме каналите на водите што ги рушат sидовите на нашите институции – вели со доза иронија аналитичарот Пекевски.
Политикологот Милан Стефаноски, слично како и Пекевски, вели дека состојбите во земјата на ова поле потсетуваат на онаа народната поговорка село гори, баба се чешла.
– Во пожари и поплави нам ни се губат датотеките, ни згаснуваат животи по болниците, а сето тоа е само уште еден доказ дека многу тешко го фаќаме чекорот со Европската Унија за европеизација на Македонија – вели Стефаноски.
Тој додава дека овие несреќи, без разлика на мотивите за кои се шпекулира во јавноста, треба да ни се повик за освестување.
– Сите политички елити треба еднаш засекогаш да си подадат рака, заедно да се справат со корупцијата и криминалот на сите прашања и да ни ги заштитат опстојувањата на државните институции, бидејќи само на тој начин ќе опстои и нашата земја во овие тешки времиња. Во спротивно, со опожарување и поплавување згради во центарот на главниот град, само си испраќаме порака до граѓаните, а таа е дека ни тоне и ни се пеплосува државата – резимира тој