„Новите воени сојузи на Балканот се одраз на растечката ирелевантност на НАТО и ЕУ во балканската безбедносна архитектура. НАТО и ЕУ, некогаш доминантни, станаа периферни воено-безбедносни актери во Балканот – во вакуумот што го создадоа се формираа новите воени сојузи. И покрај тоа што има членови од двете страни на овие воени сојузи – блокови во подем, НАТО не беше консултирано во ниту една иницијатива за нивното формирање. Европската Унија останува парализирана поради внатрешните поделби во неа и не може да зборува со еден глас, на пример, за Косово или за Србија“, вели проф. д-р Зоран Иванов, воен и безбедносен експерт, во врска со причините поради кои се случија воените алијанси Албанија-Косово-Хрватска од една страна и Србија-Унгарија од друга страна
Од анализата објавена во турскиот весник „Дејли сабах“ во врска со новите воени сојузи на Балканот
Како интересни за јавноста ги издвојуваме ставовите на проф. д-р Зоран Иванов, воен и безбедносен експерт, во врска со причините поради кои се случија воените алијанси Албанија-Косово-Хрватска од една страна и Србија-Унгарија од друга страна. Ставовите се изнесени во неговата анализа со наслов „Стратегиски престројувања на Балканот: нови сојузи, стари стравови“, објавена во турскиот весник „Дејли сабах“ на 10 април 2025 година. Иванов, професор и поранешен директор на Агенцијата за разузнавање на Р Македонија, посочува на моментниот воено-безбедносен вакуум во регионот на Балканот како причина и контекст во кој настануваат „новите стратегиски престројувања во Балканот“.
НАТО и ЕУ, некогаш доминантни, станаа периферни воено-безбедносни актери во Балканот, а во вакуумот што го создадоа се формираа новите воени сојузи
Според анализата на професорот Иванов, Балканот требаше да биде успешна приказна, но се претвори во студија за стратегиска недоверба.
– НАТО и ЕУ потрошија две децении промовирајќи ги интеграцијата, владеењето на правото и регионалната соработка. Но, денес, балканските држави создаваат нови воени сојузи надвор од институционалните рамки. На теренот балканските држави повеќе немаат доверба во способноста на западните институции да обезбедат безбедност или стабилност. Се случи ерозија на довербата, како кон либералните рамки така и кон способноста на западните институции да управуваат со стратегиската конкуренција. Сојузите што се појавуваат меѓу Албанија, Хрватска и Косово од едната страна и Србија и Унгарија од друга страна не претставуваат само регионални престројувања туку и отфрлање на либералниот идеализам во корист на реалистичниот прагматизам – нагласува овој македонски воено-безбедносен експерт.
Во непринципиелен меѓународен систем, државите дејствуваат за сопствен интерес, за да ја максимизираат моќта и да обезбедат опстанок
– Реализмот поучува дека во анархичен меѓународен систем државите дејствуваат во сопствен интерес, за да ја максимизираат моќта и да обезбедат опстанок. Сојузите се алатки за погодност – привремени аранжмани формирани за да се спротивстават на заканите или да се сменат регионалните рамнотежи. Токму на тоа денес сме сведоци на Балканот – посочува Иванов и подвлекува: „Заедничката декларација за одбрана потпишана од Албанија, Хрватска и од Косово бара поголема воена интероперабилност и стратегиска координација. Србија, како одговор, ја интензивираше одбранбената соработка со Унгарија и со Словачка, обидувајќи се да ја консолидира сопствената сфера на влијание. Овие случувања не се аномалии – тие се школски примери за однесување на рамнотежата на моќта“.
Во својата анализа, натаму професорот Иванов укажува дека за првпат по децении, Балканот беше сведок на заживување на воените блокови, водени од етничката припадност, национализмот и историјата, кои веќе не целат кон тоа да бидат усогласени со целите ниту на НАТО ниту на ЕУ.
– Ова е структурна промена: повторно појавување на реалистичката логика во регион каде што либерализмот долго време тврдеше дека победил. Прашањето повеќе не е дали овие усогласувања се спојливи со целите на ЕУ или на НАТО, туку дали тие институции се повеќе важни во очите на регионалните актери. Новите воени сојузи ги оставаат настрана и НАТО и ЕУ. Овие сојузи ја откриваат растечката ирелевантност на НАТО и ЕУ во балканската безбедносна архитектура. И покрај тоа што има членови од двете страни на овие воени сојузи блокови во подем, НАТО не беше консултирано во ниту една иницијатива за нивното формирање. Од своја страна, ЕУ останува парализирана од внатрешните поделби и не може да зборува со еден глас, на пример, за Косово или за Србија.
Вакуумот што се создаде има тенденција да создаде меѓусебна пресметка меѓу државите во регионот
Иванов го потврдува фактот дека на Балканот се случува воено-безбедносен вакуум предизвикан од НАТО и ЕУ и заклучува: „Системот на Балканот го губи кредибилитетот и се создаде вакуум, кој се пополнува не со соработка меѓу државите туку со пресметка меѓу нив. НАТО и ЕУ, некогаш доминантни, станаа периферни актери во регионот. Ако НАТО и ЕУ не можат да се приспособат кон оваа промена, ако продолжат да го третираат регионот на Балканот како управувана периферија, тогаш ќе ги загубат своите последни упоришта на влијание врз него – тврди во својата анализа проф. д-р Зоран Иванов, публикувана деновиве во турскиот весник „Дејли сабах“.
Центарот за студии на Западен Балкан: Регионалните воени сојузи се само „хартиени тигри“, а потенцијалот на надворешните актери да го дестабилизираат Балканот останува многу ограничен
„Нова Македонија“ се осврнува и на анализа со наслов „Нови воени сојузи и безбедност на Западен Балкан“, која на 7 април 2025 година ја објави Центарот за студии на Западен Балкан – независна истражувачка организација насочена кон Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Албанија, Црна Гора, Македонија и кон Косово.
– Глобалните геополитички турбуленции, деструкцијата на стабилните меѓународни партнерства и зголемените безбедносни предизвици со кои се соочува Европа, првенствено поврзани со руската агресија врз Украина, влијаат врз геополитички чувствителниот Западен Балкан. Во овој контекст се наоѓа безбедноста на Западен Балкан и се создаваат сегашните нови воени сојузи. Значи, чувството на несигурност и напорите самостојно да се обезбеди сопствена безбедност стануваат сè поприсутни во регионот. Ова води до фрагментација на безбедносниот пејзаж на Западен Балкан и создавање сè уште не непријателски, но веќе антагонистички кампови (асоцијации) – се констатира во споменатата анализа на Центарот за студии на Западен Балкан.
Се наметнува прашањето дали Албанија, Косово и Хрватска од една страна и Србија и Унгарија од друга формирале релативно силни воени сојузи или тоа се повеќе здружувања со елементи главно на воено-политички партнерства, формирани со цел да се бајпасира, макар за одредено време, реформирањето на НАТО, да се види дали и навистина САД ќе ја намалат посуштински својата присутност во НАТО, како и дали Европската Унија навистина ќе оформи своја ефективна и стабилна воено-безбедносна структура.
Во контекстот на ваквите дилеми, Центарот за студии на Западен Балкан пишува: „Се верува дека најавените регионални воени сојузи се само ‘хартиени тигри’, а потенцијалот на надворешните актери да го дестабилизираат Балканот останува многу ограничен. Сепак, слабеењето на единството во НАТО и на Западот воопшто во услови на влошување на безбедносната ситуација во Европа не дава основа за оптимистичка перспектива. Дезинтеграцијата на заедничкото безбедносно поле на Западен Балкан на посебни антагонистички фрагменти и активирањето на внатрешните и надворешните деструктивни сили во сегашната реалност може да предизвика само одвлекување на регионот кон помалку безбедна и помалку стабилна ситуација“.
Свето Тоевски