Договорот за добрососедство олицетворение за унилатерално непријателство и бугаризација на Македонија
- По седум години од потпишувањето на Договорот со Бугарија, меѓусебните односи може да се оценат како тензични и на политичко ниво (вето за во ЕУ, бугаризација, навреди на високи македонски политичари), но и на ниво меѓу двата народа – драстичното намалување на бугарски туристи е сериозен индикатор. Сега треба да се најде формула да се крене бугарското вето, но и да се одбрани нацијата, гордоста и честа токму на нацијата
- Софија го негира постоењето на македонскиот народ и на македонскиот јазик, историја, култура… Тие го негираат македонскиот национален идентитет. Оваа бугарска национална стратегија доаѓа до израз како никогаш досега. Развиена е во бугарските квазинаучни кругови, предводени од БАН (Бугарска академија на науките). Тоа е најшироко поддржано од сите политички фактори во оваа земја. Оваа таканаречена „бугарска национална доктрина“ претставува латентен генератор на нестабилност, не само на Балканот туку и во цела Европа
Неодамна прашав еден угледен сопственик на туристичка агенција и на хотел во Скопје зошто годинава е драматично опаднат бројот на туристи од Бугарија. Тој ми потврди дека е опаднат, а причината е во „моменталната состојба“. Како да ја дефинираме моменталната состојба? Дали куповната моќ на Бугарите се намалила, дали е опаднат интересот за Македонија и за Охрид или станува збор за нешто сосема друго? Би требало да е обратно ако се земе предвид што сѐ си изнакажаа премиерите на Македонија и на Бугарија, Бојко Борисов и Зоран Заев, во таа фамозна 2017 година, кога на големи ѕвона и со биењето на камбаните во црквата „Свети Спас“, каде што почива апостолот на Македонија и Македонците Гоце Делчев, го потпишаа Договорот за добрососедство и пријателство.
Која е придобивката од тој договор цели седум години по неговото потпишување?
Од оваа временска дистанца, Бугарија со договорот си го доби тоа што со децении го бараше, а им го сервираше тогашниот македонски премиер Заев. Тоа се широко отворени врати за влез на бугарската национална доктрина за 21 век, чија цел е нејзино ширење на границите и пред сѐ бугаризација на Македонија!
Бугарија, членка на ЕУ и на НАТО, наш сосед, со тој еден договор – Македонија ја врати во 19 век и практично води политика на ослабување на македонската држава. А, тоа што ги снема бугарските туристи, некои податоци велат дека нивниот број бил намален за цели 70 проценти, јасно кажува дека односите меѓу двете земји се засегнати не само на политичко туку и на ниво на односи меѓу двата народа. Малку е да се каже дека веќе подолго време е лошо и веројатно се ближи кон климакс, зашто и на политичко ниво односите се затегнати и отидоа дотаму што амбасадорот на Бугарија во Скопје, кој беше повикан на разговори во македонското МНР, одбил да ја прими протестната нота!? Дипломатски гест без преседан, кој следуваше откако културната дипломатија на претседателката Гордана Силјановска-Давкова во Софија ја претвори во „берење капини без ракавици“. Протоколот на бугарскиот претседател Румен Радев, институција со традиција, заборавил да го истакна македонското знаме и ете ти скандал!
Каде се „корените на каколот“ во меѓусебните односи?
Група од стотина македонски интелектуалци, многу од нив познати историчари, упати писмо до земјите членки на ЕУ, до САД и широката светска јавност, за да сврти вниманието на бугарските политики кон Македонија. Тие предупредија дека дури и во 21 век, во време на широко признаени човекови права и слободи, „македонското прашање“ сè уште е прашање и во фокусот на Европската Унија и на САД. Доказ за тоа е воспоставената преговарачка рамка за Македонија. Како членка на Унијата и широко поддржана од Брисел, Бугарија бескрупулозно ги блокира обидите за членство на Македонија.
„Бугарската држава го негира постоењето на македонскиот народ и на македонскиот јазик, историја, култура… Тие го негираат македонскиот национален идентитет. Оваа бугарска национална стратегија доаѓа до израз како никогаш досега. Развиена е во бугарските квазинаучни кругови, предводени од БАН (Бугарска академија на науките). Тоа е најшироко поддржано од сите политички фактори во оваа земја. Оваа таканаречена ’бугарска национална доктрина’ претставува латентен генератор на нестабилност, не само на Балканот туку и во цела Европа. Нивната неспорна цел е бугаризација на Македонците, што е невозможна мисија… Бугарија ја користи Унијата како алатка за исполнување на нејзините шовинистички доктрини, според кои Македонците треба да бидат збришани како посебна нација“, предупредија интелектуалците.
Ставовите на Бугарија не се непозната територија ниту за македонската интелектуална елита ниту, пак, за македонските политичари, па затоа со право прстот се вперува кон тогашниот премиер Зоран Заев и неговиот апокалиптичен поход со цел да потпише договор со Бугарија во форма како што го потпиша, а е крајно неповолен за Македонија и за Македонците. Договор што е целосно асиметричен на штета на македонската страна. Но, се потпиша, потоа дојдоа протоколите, кои имаат опасна доза за евтанизирање на македонското ткиво. Проблемите содржани во бугарскиот договор излегуваат на површина еден по еден, а заканите од Софија стануваат сѐ побезобразни. Дрскоста отиде до таа мера та и можеби идниот премиер на Бугарија Бојко Борисов да бара од македонскиот вицепремиер Александар Николоски оставка за негови непримерни зборови. Мешање во внатрешните работи. Значи, се пука со сиот арсенал од Софија кон Скопје. А, да се потсетиме дека токму Борисов како градоначалник на Софија во интервју за еден македонски дневен весник на прашањето за положбата и правата на македонското малцинство во Бугарија рече дека односите меѓу двете земји не треба да бидат обременети поради некои пет-шест илјади пијаници. Мислеше на Пиринците и на членовите на ОМО Илинден-Пирин.
Но, рака на срце, сега има и возвратен оган. Тоа е нешто ново!
На Македонците во Бугарија им треба македонска поддршка
Го чекаме одговорот од Брисел – дали тоа ќе биде некој катиљ-ферман, односно ќе ја забетонира земјата во чекалницата, или ќе се обиде да најде некој механизам што ќе ги олабави односите меѓу Софија и Скопје. Во моментов е извесно дека Албанија се одвојува од Македонија и таа наредниот месец ќе го отвори првото поглавје, се очекува извесен напредок и во дијалогот со Црна Гора, па и со Србија, додека Македонија, која не ги исполнува ултимативните услови на Софија, најверојатно ќе чека подобри времиња.
Тој период може да се искористи да се преиспитаат и да се тестираат многу политики на претходната влада, а секако дека еден дел од својата енергија мора да се насочи кон поддршка на Македонците во Бугарија. Поради неостварувањето на нивните права, Бугарија, иако е членка на ЕУ, е под засилен мониторинг на Советот на Европа токму по прашањата за непочитувањето на малцинските права на Македонците. Таа под притисок на Стразбур сега формирала работна група за да најде начин како да ги регистрира десетината македонски здруженија и невладини организации, а особено е интересно прашањето со статусот на некогаш признаената партија ОМО Илинден-Пирин, односно дали бугарските судови ќе им дозволат на Македонците да имаат барем една партија што ќе ги претставува нивните интереси. Она што е особено важно во врска со случаите за кои Судот во Стразбур има донесено 18 пресуди е тоа што во сите се спомнува постоење на македонско малцинство.
Собраниска резолуција фрлена низ вода
Еден од клучните датуми е 29 јули 2021 година, кога македонското собрание изгласа резолуција за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции. Тука пред сѐ се мисли на Бугарија, која ни залепи дебело вето и нема да го крене. Резолуцијата обврзува „преговорите да се водат на рамноправна и принципиелна основа, со должно почитување на меѓународното право, без никакво условување од едната или од другата страна и со почитување на достоинството на македонскиот народ; Собранието ја обврзува и ја насочува Владата, но и сите надлежни органи задолжени за надворешната политика и евроинтеграциите да постапат во рамките на позициите утврдени со оваа резолуција“. Заев ја фрли низ вода оваа резолуција и презеде обврска дека ќе ги внесе Бугарите во Уставот, а за возврат Бугарија нема да ги блокира преговорите за членство. Каква дилетантска трампа!
Жешките костени оставени од претходната влада сега се во рацете на Мицкоски и тој треба да најде клуч за бугарското вето, односно француската рамка за преговори, а притоа да се одбрани нацијата. Не честа, не гордоста, во прашање е одбрана на нацијата.
– Мојата порака до луѓето во Брисел е јасна. Ако навистина сакате да бидеме дел од европското семејство, тогаш има начин. Ако има желба, има и начин. Повеќе ултиматуми немаме намера да прифатиме, барем јас додека ја водам македонската влада. Ултиматуми нема да прифаќам, ниту има цена што може да ме убеди да прифатам ултиматум. Сакам овие граѓани и мојата татковина да бидат дел од тоа семејство врз основа на мерит-системот, а не врз основа на дополнителни национални срамови и идентитетски отстапки. Тоа нема да го дозволиме – изјави Мицкоски по својата прва посета на Брисел во својство на премиер. Х.И.