Средбата на албанскиот премиер Рама со лидерите на албанските партии од Македонија деновиве е во фокусот и на албанските медиуми, кои даваат свое видување на целиот настан. „Нова Македонија“ издвојува дел од овие пишувања и анализи
„Политичката стабилност пред отворањето на процедурата за уставните промени во Македонија би можела да биде една од темите на разговорите на средбата на албанскиот премиер Рама со лидерите на албанските партии од Македонија. Парламентарните групи на СДСМ и ДУИ не се компактни: има пратеници бунтовници и во ДУИ и во СДСМ“, се наведува во информацијата „Албанците од Македонија се обединуваат утре во Тирана“, која ја објавува ТВ Клан Албанија на својот интернет-портал.
Притоа ТВ Клан Албанија пишува: „Премиерот Еди Рама ги повика лидерите на сите албански партии од Македонија на неформална вечера, на 10 јануари, во Тирана, која се очекува да се одржи во вилата 30. Четворицата лидери на албанските политички партии го потврдија своето присуство на средбата, но сѐ уште не се знае дали ќе може сите да се соберат на една иста маса. Билал Касами, како лидер и неговата партија Беса, ја прифатија поканата на Рама, но одбива седнување на иста маса со лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Утре ќе се види форматот на средбата“.
Дописникот на ТВ Клан Македонија, кој ја следи оваа средба, јавува дека, според партиски извори и други расположливи сознанија, една од темите на разговорите на таа средба би можела да биде политичката стабилност пред отворањето на процедурата за уставните промени.
„Средбата во Тирана нема да донесе ништо посебно и важно. Сѐ ќе биде само бла, бла, бла… Таа ќе му овозможи на Рама да се покаже дека е божем ’лидер на Албанците’ во регионот, а на Али Ахмети оти е ‘неспорен лидер во Македонија’. Повеќе е од апсурд и е многу наивно и дилетантски да се оди во Тирана, само за да се направи една фотографија со Еди Рама“, остро реагира Фејзи Хајдари, публицист и сопственик на информативниот портал „Лајм“, во својата најнова колумна.
Хајдари оценува дека средбата во Тирана ќе биде без значење: Во стилот „се разговараше…, се разбравме, се договоривме…“
Хајдари предупредува дека среќавањето на албанските партии со Рама може да му биде од корист само на првиот „интегративец“ Ахмети. „Еднаш го спасија лидерот на ДУИ, Али Ахмети, со Тиранската декларација од пред шест години, кога тој се наоѓаше во многу тешка политичка ситуација. Дали ќе го спасат Ахмети сега по вторпат, кога тој се соочува со најтешката битка од постоењето на ДУИ, од судирот со ’Огнената група’ и особено со борбата против корупцијата?“
Во својата редакциска анализа „Шест години од ‘Тиранската декларација’ – Рама ќе ги собере повторно на маса албанските лидери“, информативната агенција на албански јазик „Журнал“ тврди дека промените на македонскиот устав ќе бидат во центарот на разговорите на средбата: „Во поканата на Рама за средбата не се соопштуваат причините за нејзиното свикување, но се дознава дека тој ќе се фокусира на поддршката за уставните промени и евроинтегративните реформи“.
„Журнал“ во својата анализа уште пишува дека: „Рама организирал средба од ист формат со тогашните лидери Ахмети, Села и Касами во Тирана, на 29 декември 2016 година. Од тогашната средба произлезе „Заедничката декларација на албанските политички партии за зачувување на интересот на Албанците. Таа предвидуваше целосна јазична еднаквост со вклучување на албанскиот јазик во Уставот, еднаков регионален развој, меѓународни комисии за целосно расчистување на наместените судски случаи против Албанците, како и сеопфатна дебата за државното знаме, химна и грбот, така што државните симболи ќе ги одразуваат општествената мултиетничност и еднаквост“, пишува „Журнал“. Н.М.