Фото: Игор Бансколиев

Претставени приоритетите на македонското претседавање со А5

Создавањето нов стратегиски концепт што треба да претставува рефлексија на улогата на Јадранската повелба (А5) во претстојната декада и во контекст на новите геополитички околности ќе биде еден од најважните стратегиски приоритети на Македонија како актуелен претседавач со оваа иницијатива, заедно со САД. Ова вчера го најави министерот за надворешни работи Бујар Османи, на заедничка прес-конференција со амбасадорката на САД во земјава, Анџела Агелер, по работниот состанок со амбасадорите на земјите-членки и набљудувачи на А5 – САД, Албанија, БиХ, Хрватска, Црна Гора, Косово, Србија и Словенија, на која беа претставени приоритетите и целите на Македонија за време на претседавањето со повелбата во 2023 година.
– Јадранската повелба во голем дел ја има исполнето целта за која беше формирана. А5 одигра важна улога во процесот на евроатлантската интеграција на земјите од регионот и денес практично сите три земји основачи на повелбата, плус Црна Гора, како подоцнежна членка, веќе се членови на НАТО. Нашето претседавање се совпаѓа со одбележувањето на 20-годишнината од формирањето на А5. По две декади постоење, геополитичките околности видливо се променети низ целиот континент, а не само во регионот, особено по воената агресија на Русија врз Украина. Соодветно на земјите-членки ќе им понудиме еден вид адаптација на основниот наратив на повелбата, практично нов стратегиски концепт што треба да ја зајакне улогата на А5 во регионот, но и да ги адаптира нејзините цели и мисии соодветно на новите безбедносни предизвици и околности во кои се наоѓа регионот – истакна Османи.
Во предлог-документот што е подготвуван подолго време, а кој шефот на македонската дипломатија го претстави пред амбасадорите од А5, меѓу другото се предлага зајакнување на меѓусебната соработка и координација со земјите од повелбата што се членки на НАТО, дефинирање спектар механизми за поголем ангажман на членките на повелбата, кои не се дел од НАТО.

– Оваа наша амбициозна цел веќе беше тема на дискусија за време на стратегискиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД, кој се одржа во јуни минатата година, во Вашингтон. Имаме поддршка од нашиот стратегиски партнер САД да го започнеме овој процес, што е во функција на поефикасно справување на земјите од регионот со денешните предизвици. Дополнително, креирањето нов стратегиски концепт влегува и во планот за активности во рамките на стратегискиот дијалог со САД, кој се очекува наскоро да биде усвоен на владина седница… Денеска предложив спектар механизми и поголем ангажман и вклученост во повелбата на земјите што не се членки на НАТО: Србија, БиХ и Косово. Тоа се сет на идеи што ги нудиме за продлабочување на регионалната соработка за актуелни теми и прашања од стратегиски интерес и се актуелни во НАТО. За овој и за другите предлози беше разговарано во јули во САД и од нив е дадена поддршка – порача Османи.
Американската амбасадорка Анџела Агелер истакна дека Македонија со претседавањето со А5 и со ОБСЕ презема лидерска улога.
– С Македонија презема исклучителна лидерска улога во заедницата на европските народи во клучно време. Уверени сме во капацитетот и визијата на Северна Македонија, не само за дефинирање на идната улога на А5 туку и за адресирање на клучните прашања за европската безбедност за време на нејзиното претседавање со ОБСЕ – истакна Агелер, притоа додавајќи дека, во светлината на руската агресија врз Украина, унапредувањето на европската безбедност и стабилност никогаш не било толку важно како што е денес.
САД – Јадранската повелба се смета за уникатен форум на соработка што во своите редови ги има земјите од регионот и САД. Формирана е под покровителство на САД во 2003 година и има цел да ги координира активностите за поддршка на земјите аспиранти за членство во НАТО. Членки на иницијативата, покрај Македонија, се и Албанија, БиХ, Хрватска и Црна Гора, додека Србија, Словенија и Косово се со статус на набљудувачи. П.Р.