Кемал Ататурк (десно) со Али Фети Окјар и неговата ќерка Нермин

За Али Фети Окјар, роден во Прилеп, во 1880 година, воено лице, политичар и дипломат што се искачил на сите политички скалила, учествувал во создавањето на современа Турција, а бил и премиер на Турција, кај нас многу малку се знае. Окјар му бил најблизок соработник на Кемал Ататурк, од кого го добил и прекарот моќна стреловита мисла, поради неговите извонредни способности, висока политичка култура, дипломатска интуиција и вештина, смиреност, умереност, рационалност и мудрост. Потсетувајќи се на ликот и делото на моќниот Окјар, треба да се обидеме и да работиме, тоа да нѐ направи и нас моќни, порачуваат историчарите

Прилеп има богата историја, тука се одиграле многу настани, а се родиле и многу значајни личности од разни области на општественото живеење. Некои од поистакнатите личности се Крали Марко, Марко Цепенков, Ѓорче Петров, Кузман Јосифоски-Питу, Мирче Ацев, Методија Андонов-Ченто, Блаже Конески и многу други, но не смеат да се заборават и хероините Вера Ацева и Вера Циривири и други од различни области, што значи дека како град од Прилеп проникнале истакнати личности. Една од значајните личности, за која помалку се знае, а чија моќ може да се пренесе преку музејската дејност, а преку неа и меѓуинституционалната и меѓунационалната соработката во Македонија, но и соработка со Република Турција, е Али Фети Окјар.
Али Фети Окјар е роден прилепчанец, кој имал значајна улога во Турција, бидејќи бил пратеник, претседател на собрание, амбасадор, министер, премиер на Турција, или, со еден збор, ги поминал сите политички скалила и стигнал дури и до премиерската функција. За успесите и кариерата на овој прилепчанец многу малку се знае, а токму на оваа тема проговори неодамна прилепскиот историчар Рубинчо Белчески, на симпозиум на ИКОМ, посочувајќи дека Прилеп и Македонија треба да му се оддолжат на големиот Окјар.
Али Фети Окјар е роден во Прилеп, во 1880 година, воено лице, политичар и дипломат на Турција, кој потекнувал од старо турско семејство.
– Али Фети е дедо на академик Луан Старова, вујко на неговиот татко Ариф, односно прв братучед на Хазбије, односно на бабата на Луан. И тука почнува мојата приказна.
По мојата кратка објава на социјалните мрежи за нашиот сограѓанин Али Фети Окјар, неговиот внук, академик и потпретседател на МАНУ, Луан Старова, ми изрази благодарност што Али Фети Окјар „го враќам во Прилеп и Македонија“. Ме информира дека во неговата книга „Цариградски емигрант“, во која главен лик е неговиот татко Ариф, има податоци и за Окјар. Набргу ја добив книгата, а со неа и писмо на идеи и предлози за понатамошна соработка во врска со ликот и делото на Окјар. Жалам што академик Старова нѐ напушти и не знам дали без него ќе го реализираме она што се договаравме. Во секој случај, ќе се обидам и ќе работам моќниот Окјар да нѐ направи и нас моќни – потенцира Белчески.

Според него, импозантна е биографијата на Али Фети Окјар.
Али Фети е роден во Прилеп, на 29.4.1880 година, од мајка Фатма Ханим и татко Јазиџи Исмаил Ефенди, како трето дете по братот Хусеин и сестрата Емине. Од 1894 до 1897 година учи во битолската воена гимназија (Askeri Idadisi) и веројатно првото запознавање на двајцата создавачи на модерна Турција е тука. Потоа, и Али Фети Окјар и Мустафа Кемал Ататурк ја продолжуваат воената наобразба. Покрај задолжителната литература, тие ги читале и забранетите дела на француските просветители – Волтер, Монтескје, Русо и други, а не изостанало ни учењето на францускиот јазик. Пред започнување на Младотурската револуција, во 1908 година, двајцата биле членови на Тајната организација на младотурците, чие мото било „Слобода, еднаквост и братство“. Али Фети Окјар еден период бил секретар на организацијата и ја составил Декларацијата на Младотурската револуција. Во периодот од 1909-1911 година, Али Фети Окјар е воено аташе во Франција, додека Ататурк е вработен во Министерството за војна и истиот период учествуваат во големите воени маневри во Пикардија, Франција. Во 1911-1912 година, Али Фети Окјар и Ататурк заедно учествуваат во Италијанско-турската војна во Либија. Во 1912 година за првпат е избран за пратеник како претставник од Битолскиот вилает. Во 1913 година Али Фети Окјар е назначен за амбасадор во Бугарија, а Ататурк за воено аташе во истата држава. Додека поголемиот период на Првата светска војна, односно до 1917 година, Окјар е амбасадор, Ататурк целиот период на војната извршува воени функции. Во текот на 1918 година, заедно со Ататурк, го издава весникот „Минбер“ („Говорница“). По поразот на Турција од сојузничките сили во текот на Првата светска војна, Али Фети Окјар станал англиски затвореник на Малта, во периодот од јуни 1919 до мај 1921 година, со обвинение дека бил член на тајната унионистичка организација.

По потпишувањето на договорот за размена на затвореници помеѓу владите на Анкара и Лондон, Али Фети Окјар е ослободен. Во текот на Турската војна за независност, Ататурк е претседател на Големото турско собрание во периодот од 1920 до 1923 година. Во тој период Али Фети Окјар извршува повеќе функции, и тоа: пратеник во османскиот парламент, министер за внатрешни работи (1921-1922) и премиер на Турција во 1923 година (за првпат). Со прогласувањето на Турција за Република во октомври 1923 г., Ататурк станал претседател на Републиката и на оваа функција бил до неговата смрт, на 10 ноември 1938 година. На неговото место претседател на Народното собрание доаѓа Али Фети Окјар. Во наредните години, тој ќе извршува повеќе значајни функции, и тоа: во периодот 1924-1925, по вторпат е премиер на Република Турција, наедно и министер за национална одбрана, потоа од 1925 до 1930 амбасадор во Франција, во меѓувреме во договор со Ататурк во 1930 година ја формира Слободна републиканска партија и е нејзин претседател. Потоа е повторно амбасадор, сега во Англија, од 1934 до 1939 година. Али Фети Окјар во 1939 година повторно е избран за пратеник во Народното собрание (притоа, да напоменам дека во текот на животот пет пати бил на оваа функција), паралелно со пратеничката функција бил и министер за правда од 1939 до 1941 година, кога поради здравствени причини се повлекол од јавниот живот. Починал во Истанбул, на 7 мај 1943 година – раскажува историчарот Белчески.
Претходната паралела во извршувањето на воените и политичките функции на Мустафа Кемал Ататурк, која е позната и признаена, и на Али Фети Окјар, која не е многу позната (барем не кај нас), историчарот ја пренесува јавно за да ги прикаже важноста, големината и моќта на Окјар, име или прекар што му го дал Ататурк, кое значи, „стреловита мисла“.


Ататурк знаел за каква моќна личност станува збор, која во голема мера му помагала во извршувањето на воените и политичките функции, како и во создавањето и развојот на Република Турција, особено што Окјар имал висока политичка култура, дипломатска интуиција и вештина, смиреност, умереност, рационалност и мудрост, човек што своите мисли ги искажувал без страв, така што двајцата на посебен начин верно, искрено, трајно, со тактика и разбирање се дополнувале, а живееле далеку пред своето време и вложувале големи напори за унапредувањето на демократијата, либералните погледи и фамилијарните вредности. Со брзата и прецизна мисла, Окјар за Ататурк уште бил „маж на големите и тешки денови“, „умствен пријател“, „духовен собрат“ и „сомислител“. Али Фети Окјар со сопругата Галибе (1899-1981) се венчал во 1916 година и имале две деца: синот Осман Окјар (1917-2002), професор на универзитетот „Хаџитепе“ во Анкара, и ќерката Нермин Кирдар (1919-1999), кои до нивната смрт го чувале споменот на својот татко, за потоа да го продолжи синот на Осман, кој го носи името на својот дедо, Фети Окјар, професор на универзитетот,,Једитепе“ во Истанбул – објаснува Белчески, потенцирајќи дека младиот Фети и неговата фамилија иницијативата за подостоинствено обележување на ликот и делото на неговиот дедо во родниот Прилеп, на пример, со прогласување почесен граѓанин, подигање споменик, улица и друга форма на обележување, со задоволство би ја прифатиле.
Сведоштво за животниот пат и заслугите на Ататурк за создавањето на современа Турција, кај нас е Спомен-собата на Ататурк, сместена во зградата на НУ Завод и музеј.

– Битола, отворена во 1998 година, а додека за потеклото и животот на неговата фамилија во 2014 година е отворен меморијалниот центар „Коџаџик“ – родната куќа на Али Риза, таткото на Ататурк, која се наоѓа во с. Коџаџик, општина Центар Жупа, Дебарско, каде што му е подигнат и споменик на Ататурк. Споменик на Ататурк му е подигнат и во Велес, во 2018 година. Додека споменот за Али Фети Окјар го чува истоименото општинско основно училиште во Дебреште, населено место во општината Долнени, Прилепско.
Сега, останува моќта на Али Фети Окјар заедно со неговата „стреловита мисла“ и мудрост да се прифати и да се пренесе во јавноста, и преку овие наши редови, а потоа и музејот да стане „моќен“ и да ги започне своите активности, како на меѓуинституционален, така и на меѓунационален план преку разни форми на музејското работење, истражување, собирање, обработување, објавување и презентирање: текстови, фотографии, документи, публикации, предмети и слично, најпрво како привремена изложба, за потоа да прерасне во постојана поставка или спомен-соба на „моќната стреловита мисла“, која од братска Турција „ќе се врати“ во Македонија, преку родниот Прилеп.
Советникот кустос Рубинчо Белчески се надева дека идеите ќе бидат реализирани во наредната 2023-та, годината кога се одбележуваат: 100 години од прогласувањето на Турција за Република, 85 години од смртта на Мустафа Кемал Ататурк и 80 години од смртта на Али Фети Окјар.