Од кон дното

Во воведот од својата книга ,,Цртежот“, германскиот автор Херберт Утер сакајќи да ја објасни важноста на цртежот вели:,,Ако ѝ се верува на една античка легенда, потеклото на цртежот е белегот врз еден ѕид направен од млада девојка, која држи запален факел, на профилот од својот свршеник, кој треба да замине во војна“.
Од историски агол, цртежот како форма за изворнa и комуникативна дејност се јавува уште во праисториските пештери како (Ласко и Алтемира), но мислам дека идејата и намерата на Херберт Утер се да ни каже дека,,цртежот“ кога било и каде било да се појавил претставува своевидна творечка дејност со автентичен јазик за комуникација, кој се провлекува до денешни дни. Значи, не само со зборот туку и со цртежот можеме да раскажеме настани и појави што нѐ опкружуваат и преставуваат дел од нашето секојдневно живеење.
Непишано правило е еден ликовен цртеж, карикатура или илустрација да служат како сликарски прилог на некој текст, со намера ликовните дела да го збогатат или да ги дообјаснат целите и идеите на текстот. Тоа е така, но често се случува еден цртеж да биде повод или тема да се напише текст не за цртежот како ликовна форма туку дали тој, цртежот, ликовната илустрација или карикатура, содржи приказна. Ако ја има во таков случај, ако сакаме, треба да ја прочитаме и зошто да не и раскажеме!
Овој цртеж, ликовна карикатурa, кој го нудам во оваа колумна е направен пред повеќе од триесет години и пред исто толку години беше објавен во овој дневен весник. Сега врамен го имам поставено на еден од ѕидовите од ателјето и секогаш кога ќе застанам пред него си велам која беше целта и намерата на овие пет важни политички личности: Киро Глигоров, претседател на државата, Никола Кљусев, премиер, Стојан Андов, прв човек на Собранието, Денко Малески, министер за надворешни работи, и Васил Топурковски-Циле, важен советник на претседателот Глигоров?
Некои од политичките актери од цртежот за жал не се повеќе на овој свет, но не поради тоа, туку во име на историската вистина, на ниту еден од нив, кои се претставени во оваа сликарска приказна, не можеме да му замериме за некои поголеми политички гревови, освен на еден, најмногу двајца, за кои можеме да речеме дека имаат мали пропусти, кои ги имаат изречено поврзано со личности или настани од нашата не толку дамнешна историја!

Пред триесет години беше време на значајни политички еуфории, сите позитивни одлуки стоеја пред нас, ние можевме да одлучиме како ќе дејствуваме понатаму во секој поглед, можеби во такви емоции беше изработен и цртежот. Имавме потреба и бевме жедни за демократски процеси, а политичките претставници ветуваа дека сите ние, граѓаните на оваа прекрасна и по малку наивна мала земја, ќе одиме по патот што води кон светла иднина и, според кажувањата на цртежот, топтан ќе влеземе во Европа, во тоа време Заедница сега европска унија.
Времетраењето на патувањето цртежот не ни го кажува, но ни најавува дека условите за време на патувањето може да бидат умерено тешки, но не неподносливо измачувачки, мало изненадување може да ни создадат заканите од нашиот јужен сосед, кој во тоа време инсистираше за решавање на разликите околу името, повторувам „разликите околу името“! Исто така во голема заблуда се тие што сѐ уште се убедени дека потсетувањето или враќањето кон минатото е француско „демоде“, со тоа и на ваквите ликовни карикатури им поминаа и времето и значењето! За среќа, на сите цртежи од светот не минатото туку иднината ги негира мислењата на таквите личности, а нашето политичко патување ќе го потврди нивното погрешно убедување.

Во почетокот патувањето одеше според добронамерниот план, овде-онде почнаа да се појавуваат светлосни грмежи, внатре во државава почнаа да светкаат и брзи речиси невидливи етнички недоразбирања, да не речам куршуми, апетитите на јужниот сосед почнаа да се зголемуваат, во два наврата се случија и атентати на наши врвни политички личности. Посебна црна драматична и загрижувачка состојба беше подземниот и надземниот криминал и, полека но сигурно, по нашиот толку посакуван пат кон ЕУ почнаа да се јавуваат секакви препреки, чиниш како да влеговме во турбулентен простор, тукуречи во политичко цунами, кое нѐ спречуваше да го видиме вистинскиот пат, а наместо тоа, пред нас се јавуваше голема и сѐ поголема бездна. Во последните седум години во нашето идентитетско мени се појавија промена на името и негирање на историјата и на јазикот, овој пат дојдени од источниот сосед, кој заедно со домашниот „сосед“ има намера од нас Македонците да направи историски сурогатни отпадоци, кои не заслужуваат да постојат, а камоли да имаат сопствена држава!
Во име на вистината, големиот дел од вината е во нас граѓаните, без разлика на нашата верска, политичка или каква било друга различност, што, за време на патувањето кон пристојна иднина, им дозволивме на нашите политичари од власта, кои и покрај неблагодарните состојби изградени од нив, молчат и се прават како ништо да не се случува и продолжуваат да работат по нивно.
Од толку добри намери и безброј чесни желби, по триесет години од ветениот пат состојбите се усложнија што од икс-причини станаа речиси недостижни!

Коле Манев