Фото: ЕПА

Правосудните инстанци во Македонија и понатаму реагираат со молчење како надеж дека политичката предизборна динамика ќе го стивне интересот за реактивирање на хашките случаи. Јавноста никако не добива релевантни информации во каков (архивски) статус се прекинатите судски процеси. Некаква „трага“ за овие предмети е дека во архивите на Хашкиот трибунал е зачуван документ од 2002 година, според кој, тогашниот републички јавен обвинител Ставре Џиков навел дека се водат кривични постапки за случаите: „Водство на ОНА“, „Непроштено“, „Липковска брана“, со тврдење дека сторителите на злосторствата се откриени. Како осомничени биле наведени 56 лица, а нагласено е дека има доволно докази за три од случаите: „Мавровски работници“, „Водство на ОНА“ и „Липковска брана“

Никој од Хашкиот трибунал не бараше да се затворат „македонските хашки случаи“!

Ракавицата на „незаспаната правда“ што Советот на Европа, односно комесарката за човекови права Дуња Мијатовиќ им ја фрли на македонската влада и на правосудниот систем за реактивирање на четирите хашки случаи од 2001 година, очекувано внесе вознемиреност во политичкиот амбиент во Македонија (згора на сѐ и предизборен), па политичарите се чини дека ја избраа стратегијата на премолчување на предизвикот, а некои, пак, како преодниот премиер, констатираат дека тоа е „завршена работа“.
За потсетување е дека, според меѓународното право и меѓународните конвенции, тоа се дела што не застаруваат и не можат да бидат помилувани и амнестирани на каков било правен начин, а уште помалку од политички причини или со одлуки. А актуелниот статус на овие т.н. хашки предмети: „Мавровски работници“, „Водство на ОНА“, „Непроштено“ и „Липковска брана“ (вратени за процесирање во македонското правосудство од Хашкиот трибунал) е дека се исклучени од судска постапка со автентично толкување во 2011 година на Законот за амнестија донесен во 2002 година. Писмото препорака на Советот на Европа укажува дека е неопходно за правдата, општественото помирување и заедничката иднина овие случаи на воени злосторства во Македонија да бидат повторно судски процесирани откако на легален начин ќе биде укинато автентичното толкување на Законот за амнестија од 2002 година.

Меѓународните институции (не) ги заборавија хашките случаи во Македонија

Враќањето на т.н. хашки случаи од Трибуналот во Хаг в македонското правосудство во 2008 година, во македонската јавност беше „прочитано“ како поразителна одлука дека меѓународното право се откажува од спроведување праведна правда за Македонија, односно дека се иззема од одговорност префрлајќи му го жешкиот костен на локалниот правен систем, хронично под притисок на внатрешните политичките фактори и интереси. Како своевидна потврда на таквото гледиште дојде и автентичното толкување на Законот за амнестија во 2011, со кој практично беа згаснати судските процеси и истражни активности за хашките случаи. Министерот за правда во времето кога беше изгласано автентичното толкување на Законот за амнестија, Михајло Маневски, и денеска тврди дека меѓународните институции немале намера хашките случаи да останат без судска разврска.
– Во 2007 и 2008 имав средба во Хашкиот трибунал со тогашната обвинителка Карла дел Понте и со претседателот на трибуналот. Во 2009 година бев во посета на генералниот секретар на Советот на Европа, Пери Дејвис, и разговарав со претседателот на Европскиот суд за човекови права, Жан Пол де Коста, тогашниот комесар за човекови права на Советот на Европа – Томас Хамамбергер, тогашниот претседател на Венецијанската комисија – Вукичиву… Никој од нив не бараше да се затворат овие случаи! Дури и откако беа вратени случаите од Хашкиот трибунал, започна кривичната постапка за случајот „Мавровски работници“. Беа обвинети 22 лица, се одржуваа судски рочишта, се одредуваа и притвори… Постапката запре откако дојде автентичното толкување. Претходно беа преземени одредени дејства и за другите случаи. Така што предметите не се вратија за да завршат со автентично толкување, туку да завршат со судска одлука, да завршат на начин како што одредуваат меѓународните прописи – изјави поранешниот министер за правда Михајло Маневски, зборувајќи на оваа тема во емисијата „Заспиј ако можеш“ на ТВ Алфа.
Маневски смета дека хашките случаи не се заборавени и од Меѓународниот суд и од меѓународните организации за заштита на човековите права. Според него, не е случајно што сега доаѓа и препораката на комесарката за човекови права при Советот на Европа, најстарата европска институција, за да укаже на тоа дека автентичното толкување треба да биде укинато и овие случаи да добијат судска завршница. Тоа што препораката доаѓа 13 години по носењето на автентичното толкување, значи дека не го заборавиле меѓународните институции.
– Не го заборавивме и ние. Затоа сега темелно да се запрашаат властите како ќе го прифатат тоа толкување. Зашто не е сеедно да добиете такво известување од комесарот на најстарата европска организација во која членуваат педесетина европски држави, како што е Советот на Европа, а вие да се правите дека тоа не постои. Како и да се постапи, мора да биде во согласност со меѓународните конвенции, одредби… – вели Маневски.

Во која архива да се бараат предметите на хашките случаи

Правосудните инстанци во Македонија и понатаму реагираат со молчење како надеж дека политичката предизборна динамика ќе го стивне интересот за реактивирање на хашките случаи. Јавноста никако не добива релевантни информации во каков (архивски) статус се прекинатите судски процеси. Некаква „трага“ за овие предмети е дека во архивите на Хашкиот трибунал е зачуван документ од 2002 година, според кој, тогашниот републички јавен обвинител Ставре Џиков навел дека се водат кривични постапки за случаите: „Водство на ОНА“, „Непроштено“, „Липковска брана“, со тврдење дека сторителите на злосторствата се откриени. Како осомничени биле наведени 56 лица, а нагласено е дека има доволно докази за три од случаите: „Мавровски работници“, „Водство на ОНА“ и „Липковска брана“, изразувајќи мислење дека може да се очекува осуда.
– Јас не дадов позитивно мислење за автентичното толкување на Законот за амнестија како министер за правда, ниту можам сега да дадам позитивно мислење. Тогаш дадов негативно мислење, зашто кривичните дела против човештвото, според меѓународното право, не застаруваат и не можат да бидат предмет ниту на помилување ниту на амнестија. Тоа е во согласност и со Женевските конвенции, но и во согласност со Конвенцијата на Обединетите нации од 1968 година, на Генералното собрание на ОН – Конвенција за незастарување на кривичните дела против човештвото и меѓународното право. Оваа конвенција е ратификувана од поранешната држава во 1970 година, а во Собранието на Република Македонија во 1993 година, со одлука ги има прифатено сите меѓународни акти како Република Македонија и тие стануваат составен дел на внатрешниот правен систем. Ако овие кривични дела не застаруваат, според меѓународните прописи, како може господинот Џафери да вели дека „оваа приказна е завршена“?
Секогаш сум се придржувал до правото и нормите. Не сум учествувал во такви политички договори. Не би навлегувал како и зошто е направено, меѓутоа тоа не е добро. Тоа е направено противзаконски, против меѓународните конвенции, кои се составен дел на нашиот правен систем, и очигледно е дека на тој начин се прекршени надлежностите што ги има една држава, не применувајќи ги меѓународните прописи – вели Михајло Маневски, додавајќи дека судските процеси за злосторства против човештвото не одат брзо, дури и во меѓународните правни процесирања. Но тие не смеат да завршат вака, како што се „решени“ хашките случаи со автентично толкување. Тоа се дела што не застаруваат и не можеме да игнорираме очигледни факти.


Не е згаснат интересот на меѓународните институции за хашките случаи

Поранешниот министер за правда Маневски потсетува на хронолошкиот интерес на меѓународните институции за судско-правното процесирање на хашките случаи во Македонија.
– Треба да биде сосема јасно дека за ова прашање, освен што постојано е присутно во домашната јавност, реагираат и научни и стручни работници, реагираат и институции. Првпат е отворено прашањето за хашките случаи на 1.9.2011 година, еден месец по автентичното толкување на Законот за амнестија. Господинот Фијан Џоулс, претставник – извршен директор на „Амнести интернешенел“ за Западен Балкан, говори дека овие случаи мора да имаат судска завршница и не може да бидат завршени со автентично толкување. Поради тие што се засегнати, односно жртвите, државата мора да спроведе соодветна постапка за злосторства против човештвото. Дали обвинетите се виновни или не, тоа ќе го определи судот.
На 8 април 2013 година реагирал амбасадорот Стивен Рап, амбасадор во Стејт департментот за борба против воени злосторства. Тој беше воен обвинител во случајот против поранешниот претседател на Либерија, кој е осуден на 50 години затворска казна. Рап говори дека случаите за злосторствата во 2001 година мора да бидат процесирани.
Сега, госпоѓата Дуња Мијатовиќ, на 17 јануари 2024 година, достави писмо до претседателот на македонската влада во кое укажува дека треба да се поништи автентичното толкување на Законот за амнестијата за хашките случаи. Автентичното толкување е начин на избегнување одговорност – по десет години се дава автентично толкување како да се примени Законот за амнестија донесен 2002 година. Тоа е направено во 2011 година.
Јас не дадов позитивно мислење како министер за правда, ниту можам сега да дадам позитивно мислење. Тогаш дадов негативно мислење, зашто кривичните дела против човештвото, според меѓународното право, не застаруваат и не можат да бидат предмет ниту на помилување ниту на амнестија. Тоа е во согласност и со Женевските конвенции, но и во согласност со Конвенцијата на Обединетите нации од 1968 година, на Генералното собрание на ОН – Конвенција за незастарување на кривичните дела против човештвото и меѓународното право. Оваа конвенција е ратификувана од поранешната држава во 1970 година, а во Собранието на Република Македонија во 1993 година, со одлука ги има прифатено сите меѓународни акти како Република Македонија и тие стануваат составен дел на внатрешниот правен систем. Ако овие кривични дела не застаруваат, според меѓународните прописи, како може господинот Џафери да вели дека „оваа приказна е завршена“? – наведува Михајло Маневски.