И додека земјава ги спроведува највисоките стандарди за малцинствата и со отворени раце ги прифаќа сите нови и нови предлози, кои се и многу повисоки од европските по таа основа, соседна Бугарија, која и натаму упорно одбива да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права и да овозможи основни права за Македонците во Пиринска Македонија, гледа шанса за сопствените асимилаторски политики дури и во оваа одлука на македонското министерство за правда, така што ги поттикнува македонските граѓани во што поголем број да се пишуваат како Бугари, а за возврат да добијат бугарски пасош и заштита од страна на бугарската држава!?
Впишувањето етничка припадност во изводите од матичните книги на родените како повод
Македонија како држава покажа дека малцинските права ги има издигнато на ниво на кое ги нема издигнато ниту една земја во светот, рамноправно третирајќи ги сите етнички заедници и овозможувајќи им еднакви можности.
Без оглед што сите меѓународни тела имаат јасно истакнато дека земјава има овозможено многу поголеми малцински права од она што го предвидуваат светските конвенции за правата на малцинствата, се чини дека како тоа да е само дополнителен мотив државата да продолжува да ги унапредува правата на сите свои граѓани, без оглед на кој етникум припаѓаат.
Во таа насока е и неодамнешната одлука на македонското министерство за правда во изводите од матичните книги на родените да се отвори нова графа за етничка припадност, во која сега ќе може да се наведе и етничкото потекло.
Иако етничката припадност е лично чувство, а и според законите на Европската Унија е забрането споделувањето лични податоци, како расна и етничка припадност, како и политичка и верска припадност, сепак Македонија и овој пат оди чекор понатаму, само да им овозможи на сите свои граѓани да го истакнат и етничкиот атрибут.
И додека земјава со отворени раце ги прифаќа сите, соседна Бугарија, која и натаму упорно одбива да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права и да овозможи основни права за Македонците во Пиринска Македонија, гледа шанса за сопствените асимилаторски политики дури и во оваа одлука на македонското министерство за правда, така што ги мотивира македонските граѓани во што поголем број да се пишуваат како Бугари, а за возврат да добијат бугарски пасош и заштита од страна на бугарската држава. Од друга страна, истата таа Бугарија ја обвинува Македонија за дискриминаторски однос кон малцинствата.
– Според новиот закон, можете да го ажурирате изводот на родените и да напишете националност: бугарска. Сега проверуваме дали тоа ќе ви даде можност со сигурност да добиете бугарско државјанство, но треба да напишете бугарска припадност во изводот на родените и со сигурност да добиете бугарско државјанство врз основа на бугарско потекло и самосвест. Вадете масовно вакви документи од С. Македонија, во кои ќе пишува националност бугарска. Чини 250 денари – се наведува во објавата на бугарската фондација „Македонија“, која пропагира дека сега само за 250 денари може да се дојде до бугарски пасош.
Несомнено ваквите идеи јасно ја покажуваат крајната цел на официјална Софија, преку контрола и забавување на преговарачкиот процес на Македонија со ЕУ, што повеќе граѓани да се обесхрабрат од блокираните евроинтеграции на својата држава и спасот да го бараат во вадењето бугарски пасоши.
Сето ова почнува полека да ја разбиструва целата слика околу толкавото инсистирање на официјална Софија да се впишат и Бугарите во македонскиот устав, бидејќи со евентуално дополнително олеснети процедури за стекнување со бугарски пасош, работата може целосно да излезе од контрола.
Парадоксално е ваквите асимилаторски политики да се одвиваат пред носот на Европа, а Брисел воопшто да не реагира, туку и натаму да притиска и да инсистира Македонија да го менува Уставот поради причини што немаат никаква врска со европските пристапни критериуми, туку се дел од некое мрачно минато.
– Ова само покажува на кое ниво е Македонија како држава, држава што овозможува малцински права многу повеќе од она што е светска практика, наспроти Бугарија како членка на ЕУ, која не само што не дозволува никакви малцински права туку се обидува да ги злоупотреби и правата што ги добиваат малцинствата кај нас. Ако Софија навистина почне да ги признава нашите изводи како услов за стекнување бугарско државјанство и пасош, тогаш мислам дека овој асимилаторски процес ќе се одвива со зголемена брзина, а тие уште повеќе ќе нè блокираат во евроинтеграциите само за да го доведат македонското општество до стадиум на очај, кога заради егзистенција луѓето едноставно ќе се откажуваат од сопствениот идентитет. Тоа ќе биде поразително и доколку овој документ стане основа за добивање бугарски пасоши, треба веднаш да се реагира до европските институции – предупредуваат соговорниците со кои се консултиравме.