- Македонија е држава што уште ја мери својата моќ во печати, потписи и шалтери. Во секој документ се крие мал акт на покорност, во секој шалтер се раѓа нова зависност. Печатот стана симбол на владеење, а не на ред. Тој го претвори граѓанинот во поданик, а државата во мрежа на службеници што решаваат најмногу по своја волја или наредба „од горе“, а најмалку по закон. Но времето на хартијата завршува или барем сакаме да заврши. Дигитализацијата не е само технологија туку првиот чекор од стравот кон административна слобода, кон држава што не ги потчинува своите граѓани, туку им служи и им го олеснува секојдневието
Македонија влегува во третата деценија на дваесет и првиот век со навики што му припаѓаат на османлиското време. Сè уште се чека на шалтер, сè уште се печатат документи, сè уште се бара потпис на долгоочекуваното решение и сè уште важи правилото дека без човек во институција нема да се заврши работа. Тоа не е случајност, туку систем создаден со цел да опстане, да контролира и да покажува моќ.
Во земја каде што секоја власт го наследува истиот административен апарат и го користи како своја гласачка машинерија, бирократијата не е техничка структура, туку политичка армија. Секоја партија кога ќе дојде на власт го користи државниот апарат како свој плен. Секоја функција станува награда, секое вработување е гласачка инвестиција, а секој службеник е војник на својата партија. Така Македонија создаде една од најмногубројните администрации во регионот, но и една од најнеефикасните. Во јавниот сектор се вработува не за да се работи, туку за да се служи. Секоја чест на исклучоците што си ја работат својата работа совесно, во согласност со закон и со чист образ и чиста совест.
Затоа дигитализацијата не е само технолошка промена, таа е политичка закана за системот. Ако државата стане дигитална, ќе исчезне потребата од армијата партиски вработени што денес го движат системот со лични телефони и неформални услуги. Алгоритамот, доколку е правилно поставен, не знае кому да му се јави и кому да му направи услуга. Вештачката интелигенција нема партиска книшка, не прима наредби и не прифаќа притисок. Затоа секоја власт зборува за дигитализација во јавност, а во заднина ја кочи на сите можни начини.
Во Македонија, хартијата не е доказ, таа е оружје. Секој потпис, секоја дозвола, секој печат е средство за влијание, контрола и притисок. Оној што го држи документот и треба да го стави печатот, ја држи судбината на граѓанинот. Партиите го знаат тоа и затоа ја хранат бирократијата како свој најсигурен извор на контрола. Зависноста од хартија создава зависност од партијата. Човекот што мора да бара услуга, мора и да биде лојален. Така се одржува власта, не преку визија, туку преку ситни услуги.
Во свет каде што владите веќе користат дигитални платформи за целосна транспарентност, Македонија сè уште живее во време на гумички, факсови и потписи што личат на ритуали. Но токму тој анахрон систем создава стабилна политичка зависност. Колку е посложена бирократијата, толку е посигурна власта. Колку повеќе хартија, толку помал отпор. Во една вистински дигитална држава никој политичар не би можел да вработува по заслуга на партија, ниту да користи јавни институции како изборни штабови.
Дигитализацијата би ги разголела сите механизми на клиентелизмот. Ако секој тендер е јавен и секоја трансакција е видлива, нема да има простор за партиски посредници. Ако дозволите се издаваат автоматски, нема место за привилегии. Ако податоците им се достапни на сите, моќта на партиите ќе се сведе на политика, не на трговија со влијание.
Затоа во Македонија дигиталната држава е опасна идеја. Таа не укинува само хартија, таа укинува и цела мрежа на привилегии. Таа ја одзема смислата на партиските централи, кои триесет години владеат преку институциите. Затоа секој премиер, колку и да зборува за реформи, знае дека вистинската дигитализација би му ги скратила сопствените прсти, а на сите политички поставени раководители ќе им ја одземе моќта која ја гледаат секое сабајле во огледало.
Во економска смисла, дигитализацијата би ја ослободила Македонија од најголемиот трошок, а тоа е времето што се губи во бирократија. Таа би ја направила земјата поатрактивна за инвестиции од која било субвенција, бидејќи довербата е најсилен поттик за капитал. Кога граѓанинот може да добие услуга без молење, кога фирмата може да регистрира производ без непотребни документи, тогаш економијата почнува да расте сама од себе.
Политичарите го знаат тоа, ама се плашат од самата помисла. Дигиталната држава значи држава што не може да се контролира преку вработувања и услуги, преку уцени и списоци, преку страв и неизвесност. Тоа значи крај на племенскиот систем на управување. Во таква држава, вредноста на човекот не би се мерела според тоа кој му е шеф, туку што знае да направи, да сработи и да придонесе. А тоа е најопасната мисла за секој што живее од партиска зависност.
Македонија може да стане најбрзата администрација на Балканот ако одлучи да се ослободи од стравот дека системот ќе престане да егзистира ако е под контрола на партиите. Технологијата постои, кадарот постои, примерите се пред очи. Недостасува само одлуката да се изгуби политичката привилегија во корист на општиот интерес.
Кога државата ќе стане дигитална, партиите ќе го изгубат најмоќниот извор на својата сила. Ќе го изгубат монополот врз стравот. Ќе го изгубат гласачот што им се јавува секогаш кога му треба потпис. Ќе го изгубат човекот што зависи од нив. Токму затоа дигитализацијата е најопасната идеја што може да ја има Македонија. Не затоа што е модерна, туку затоа што е опасна за оние што најмногу профитираат од застојот и тапкањето во место.
Кога тој ден конечно ќе дојде, кога државата ќе престане да бара потпис и печат и ќе почне да нуди решенија и достоинство, Македонија ќе излезе од сопствената магла, која ја сее од почетокот на својата самостојност. Ќе исчезне најстарото средство на политичката контрола, стравот и неизвесноста. Ќе исчезне и најпрофитабилниот производ на сите влади, гласачот што молчи, чека и се надева. Дигиталната држава ќе ја направи корупцијата невозможна, а уште поважно, ќе го направи потчинетиот човек непотребен.
Сите што живеат од хаосот ќе му се спротивстават на редот. Ќе го наречат студен, ќе го наречат нечовечки, ќе го прикажат како опасност за народот. Но тоа ќе биде само последниот здив на еден стар поредок што умира.
Кога државата ќе стане дигитална, Македонија ќе застане на нозе. Ќе престане да биде плен на партиите и ќе стане сопственост на граѓаните. И тогаш, по три децении залудни транзиции, ќе се види вистината што одамна ја избегнуваме, не сакаме да ја видиме и поданички ја следиме. Македонија никогаш не била сиромашна, таа е заробена. А кога заробениот конечно ќе добие систем наместо господар, тоа нема да биде реформа. Тоа ќе биде ослободување.


































