Покрај формалноправната дискутабилност за прејудицирање на уставноста на сѐ уште неизгласаните уставни измени во Собранието, кои се предмет на политичка дебата во македонската јавност, највисок носител на судската власт, со реторичко прашање повторно побара аргументација што навистина би изгубил македонскиот народ со „внесување на бугарскиот народ во Уставот“?!
Кому уште не му е јасно што губат Македонците со уставните измени?
Јасминка Павловска
По повеќе од едногодишна полемика во македонската јавност за уставните измени што ги бара Бугарија: за последиците за Македонците, односно за статусот на македонскиот народ во сопствената држава, но и во рамките на ЕУ и воопшто на меѓународен план, претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, реторички го постави прашањето – „што губат граѓаните ако биде внесен во Уставот и бугарскиот народ“, сугерирајќи дека никој ништо нема да загуби.
– За граѓаните да разберат, треба да знаеме друго. Да се нагласи дека Македонија е држава на македонскиот народ и на сите други народи што се наведени во Уставот. Лошо би било кога С. Македонија би била држава на македонскиот или на бугарскиот народ… Тогаш, да. Но кога имаме во самиот Устав дека ова е држава на Албанци, Срби, Власи, Бошњаци и другите, што губат граѓаните ако биде внесен и бугарскиот народ? Можеби поради тоа што односите меѓу двете земји се такви, но лично мое мислење е да не се блокира државата, ниту да им се попречува на младите и на другите граѓани. Што се губи тука? Во овој момент нема ништо спорно ниту ништо противуставно да може да се попречи измената на Уставот – изјави претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, во едно медиумско гостување.
Покрај формалноправната дискутабилност за прејудицирање на уставноста на сѐ уште неизгласаните уставни измени во Собранието, кои се предмет на политичка дебата во македонската јавност, Кацарска со својата изјава на некој начин повторно побара аргументација што навистина би изгубил македонскиот народ со „внесувањето на бугарскиот народ во Уставот“.
– Кога се работи за самите уставни измени, кои очигледно претставуваат ултимативно барање од соседна Бугарија, очигледно е дeка таквите промени претставуваат услов од витално „безбедносно“ и национално значење за Бугарија и дека имаат стратегиско-политички карактер. Имено, Бугарија, како
што многупати е кажано од нивните политичари, нема да биде задоволна сѐ додека во нашиот устав, највисокиот акт, не се внесе бугарскиот народ како државотворен и конститутивен народ! Политичката димензија, како што велат и самите Бугари, е во сферата на „идентитетот“, односно има политичкоправна димензија целосно неприфатлива за Македонија!
Како што многупати објаснив, Бугарија спроведува (веќе и нескриено) политиката на национална асимилација („бугаризација“), што е недозволено според меѓународното право и конституира културен геноцид (т.е. кршење на јус когенс нормите). Народот во Македонија во големо мнозинство ја
препозна оваа флагрантно нелегална бугарска политика и, како што гледаме, им дава силна поддршка на партиите што ја отфрлаат „бугаризацијата“, вклучувајќи и уставни измени.
И на крајот само ќе потсетам, поради контекстот, дека не е само бугарскиот договор (Договорот за добрососедство) од 2017 година со асимилаторската природа (актот претставува темелник на целата понатамошна бугарска асимилаторска агенда). Многу поасимилаторски акт е Преспанската спогодба со која се врши општо (глобално) бришење и денунцирање на националниот македонски идентитет (т.е. „негативната асимилација“). Без Преспанската спогодба, идејата за бугарска асимилација не би можела да се реализира. Оттаму, раскинување на овој акт, како и откажување од бугарскиот договор е од стратегиско-безбедносно значење за Македонија – вели професорот по меѓународно право Игор Јанев.
Многупати откако Бугарија го активира ветото за почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ и подоцна кога ги дефинира условите уцени во т.н. француски предлог на преговарачката рамка, во македонскиот медиумски простор се искажувани стапиците од навидум наивната флоскула „внесување на Бугарите во македонскиот устав“. Појдовниот проблем во ваквото барање за уставни измени е што тоа е дискриминирачки асиметрично (како и Договорот за добрососедство, од каде што произлегува) и се бара бугарскиот народ да биде додаден во македонскиот устав, додека Бугарија продолжува со својата политика на негирање на автентичното историско постоење на македонскиот народ и сите негови национални атрибути (јазик, историја, традиција) и одбива системски да го имплементира постоењето на македонското малцинство во својата држава и да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права во корист на македонските здруженија во Бугарија. Очигледна е намерата на Бугарија, со внесување на бугарскиот народ во Уставот на Македонија и негирањето на постоењето на македонскиот народ да изврши административна асимилација и внатре во рамките на македонската држава, со помош на инструментите што ѝ ги дава ЕУ, како на земја-членка.
Поранешниот пратеник во Собранието на Македонија, Илија Димовски, претходно во своја објава на социјалните мрежи, во повеќе точки ги има искажано своите согледувања за дел од последиците што би им се случиле на Македонија и македонскиот народ, (односно што ќе загубат) доколку се спроведат барањата и условите што Бугарија ги поставува на македонскиот евроинтегративен пат.
– Што значи тоа? 1. Дека сме биле/сме еден народ што живее во две држави (ни даваат од Бугарија примери со Албанија/ Косово, Германија/Австрија, Грција/Кипар,…). 2. Дека говориме ист јазик. 3. Дека нема посебен и засебен историско-идентитетски и културолошки развој и растење на македонскиот народ. 4. Дека терминот Македонец има само регионално значење (како и во Грција). 5. Терминот македонско/македонски/македонска ќе има регионално географско значење (како и во Грција). 6. Географски терминот Македонија во бугарскиот светоглед ќе е на рамно со Мизија и Тракија. 7. Со овој потег, во моментот, се откажуваме од какво било прашање за малцинство во Бугарија. 8. Ги фрламе во вода пресудите на меѓународните судови за прашањата на организираноста на македонското малцинство во Бугарија. 9. Целиот македонски фолклор добива бугарски наслов. 10. На тој начин се откажуваме од национално-ослободителниот карактер на партизанското движење и АСНОМ (и го сведуваме на идеолошки конфликт помеѓу комунисти и националисти). 11. Се откажуваме (како да не постоеле) од Мисирков, Пулевски, Рацин, Неделковски, Шопов, Кепески, Конески, Шоптрајанов… 12. Докажуваме дека партизаните згрешиле што станале на востание против свои сонародници (ќе дојде време да треба ние да се извиниме, на некое од следните поглавја). 13. Се откажуваме од засебноста и посебноста во својата борба на ВМРО, од Делчев, Груев, Сарафов, Сандански,… 14. Ќе докажеме дека во Грција (Егејска Македонија) нема и никогаш немало македонско население. Тие што се таму или биле/се Бугари, а прашањето со Бугарија и „бугарското население“ во Грција е решено со Нејскиот договор (вие чудете се зошто Грција ја поддржува Бугарија лажејќи ја нашата влада дека ќе нѐ поддржи). 15.
Илинденското востание би признале дека е бугарско востание. 16. Охридската православна црква како автокефална црква, пред нејзиното укинување, би прифатиле дека е црква на Бугарите. 17. Внесувањето на географската одредница „северна“ во името на државата Република Македонија би имало оправданост, бидејќи терминот Македонија и македонски/македонско би го изгубиле националидентитетското значење и би добиле, повторувам, само географско значење. 18. Културолошкиот македонски културен и идентитетски пакет од моментот на ова прифаќање станува бугарски, а терминот македонски останува само со хеленистичко културно значење (Преспа, Преспа, Преспа,…) 19. Би прифатиле дека сме живееле речиси 80 години во бунило и незнаење, сме биле пијани, дрогирани и луди, и ние и нашите татковци и дедовци, кога сме тврделе и тврдиме дека сме Македонци, а не Бугари. 20. Песната „Народе македонски“ можеме да ја фрлиме и закопаме во новите мочуришта околу езерото што исчезнува, Преспа – наведува таксативно Илија Димовски.