Зад паролата „Заедничка агенда на патот кон ЕУ“, од средбата на албанскиот премиер Еди Рама со лидерите на албанските партии од Македонија произлегле заклучоци да се формулираат и испорачаат и серија нови услови за унапредување на уставниот статус на Албанците во Македонија. Како ја оценуваат оваа средба албанските медиуми и аналитичари?
„Заедничка агенда на патот кон ЕУ, инсистирање на уставните измени што Македонија треба да ги спроведе заради спроведување на Договорот со Бугарија, како и позициите и барањата и на албанскиот политички чинител“ беа темите за кои се разговараше на средбата на албанскиот премиер Еди Рама со лидерите на албанските партии од Македонија. Информативната агенција на албански јазик ИНА, во својот сумарен преглед за дискусиите, јавува дека Рама ја означил средбата како „братско среќавање“.
Телевизијата Клан Албанија информира дека средбата во владината вила број 30 траела 180 минути, при што главниот фокус на разговорите бил на прашањето за интегрирањето во ЕУ, во услови кога се очекува да бидат усвоени уставните измени што произлегоа како услов од Европската Унија во врска со вклучувањето на бугарското малцинство во Уставот. На средбата станало збор и за барањето на албанските партии да се промени и именувањето на албанскиот јазик: во Уставот на Македонија да се означи како „албански јазик“ и да се отстрани формулацијата „20 проценти“.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, веднаш по средбата во изјавата за медиумите од Тирана испрати порака дека „без Албанците нема Македонија“ и оти „уставните измени нема да му наштетат на македонскиот идентитет, туку, напротив, ќе го засилат“. Медиумите на албански јазик од Македонија и Албанија го посочија и неучествувањето на лидерот на опозициската албанска партија Беса на средбата во Тирана, како и нејзиниот став дека не присуствувала бидејќи „не сака да учествува во спасувањето на ДУИ од нејзините внатрешни проблеми.
Според Беса, токму внатрешните проблеми во ДУИ биле и главна причина поради која „Рама и Ахмети се договориле да се одржи средбата со сите албански партии“.
На маргините на средбата во Тирана се случи остар дуел меѓу лидерот на Беса, Билал Касами, и лидерот на ДУИ, Ахмети. Во изјавата за медиумите, Ахмети кажа дека „Беса нема политичка моќ да свикува средби на албанските партии во Македонија“, целејќи на неодамнешниот неуспешен обид на Касами да свика лидерска албанска средба во Македонија, поврзано со именувањето и статусот на албанскиот јазик. Во објавата на својот фејсбук-профил Касами му возврати на Ахмети дека и со „оваа политичка моќ што ја има, Беса веќе ги поразила Ахмети и ДУИ двапати досега на изборите во главниот центар на Албанците во Македонија ,Тетово, и оти никој нема да ги спаси и од третиот пораз на идните избори, кога и да се одржат тие“.
Инаку, во својата колумна со наслов „Падот на Али Ахмети“, која ја објави информативната агенција ИНА веднаш по завршувањето на средбата во Тирана, политичкиот аналитичар Арсим Зеколи смета дека наместо да му се зајакнат имиџот и рејтингот, средбата во Тирана посведочила за падот на тежината на Али Ахмети на политичката сцена.
Првиот сигнал на тој пад бил дебаклот со таканаречената „Зелена агенда“ на ДУИ, а потоа трендот на паѓањето на Ахмети продолжил со појавата на припадниците на „Огнената група“.
– Појавата на „Огнените“ сама по себе не претставуваше за него толку голем удар, туку тој самиот си го распали огнот и си го изгоре јорганот, имајќи предвид дека потпретседателот на ДУИ, Изет Меџити, му имаше порачано „да не го гори јорганот поради една или неколку болви“, целејќи на Артан Груби и другите министри од ДУИ во Владата. Самата средба во Тирана беше и едно парадирање, заради „шверц-комерц“ вклучување на Арбен Таравари во Владата, со надеж дека бројките на Алијансата за Албанците ќе ја надомести тежината на „Огнените“ – пишува Зеколи.
Од друга страна, влијателниот косовски весник „Бота сот“ напиша дека тиранската средба се одржа „пред македонскиот парламент да гласа за уставните измени и за внесувањето на бугарското малцинство во Уставот на земјата“. Потоа весникот го донесува ставот на политичкиот публицист и аналитичар од Албанија Ментор Назарко, кој нагласува дека „Албанија игра важна улога на постигнување компактност на албанскиот политички чинител во Македонија. Средбата во Тирана е напор на Албанија да се постигне уставното мнозинство, што би ги отворило вратите на Македонија и Албанија за интегрирањето во ЕУ“.Но порачува и дека гласањето на албанските партии не треба да биде без условувања, што значи дека треба да се формулираат серија услови што ќе послужат за унапредување на уставниот статус на Албанците во Македонија. Н.М.