При претставувањето на владината програма и новиот владин кабинет во Собранието, Димитар Ковачевски, во својство на мандатар за претседател на Владата, кажа дека не очекува и не бара сто дена грејс-период, вообичаени за нова влада, туку директно влегуваат во жарот на проблемите и предизвиците, зашто нема време за запознавање и анализи. Првиот предизвик за Ковачевски доаѓа уште утре, со посетата на бугарскиот премиер Кирил Петков
Дводневната расправа во Собранието, која се случуваше изминатиов викенд, а беше посветена на изборот на новата македонска влада, предводена од лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, предизвика големо внимание во македонската јавност. Разбирливо, бидејќи граѓаните сакаа да дознаат што ќе понуди мандатарот, но исто така какви ќе бидат реакциите меѓу собранискиот состав во врска со неговата екипа и владината програма.
Пред почетокот на собраниската дебата, Ковачевски во својство на мандатар пред пратениците ја претстави својата програма, во која како главни приоритети се истакнуваат заложбите за економски раст, инвестиции, борба против корупцијата, зголемување на платите и пензиите, економско-енергетска стабилност, завршување крупни инфраструктурни проекти… Уште на почетокот, Ковачевски кажа дека тој не очекува и не бара сто дена грејс-период, вообичаени за нова влада, туку директно влегуваат во жарот на проблемите и предизвиците, зашто нема време за запознавање и анализи. Првиот предизвик за новиот македонски премиер се поставува уште на вториот ден од неговиот мандат, со посетата на неговиот колега од Бугарија, премиерот Кирил Петков, кој доаѓа со намера за воспоставување нов почеток во македонско-бугарските односи. Во контекст на високиот напон што се создаде во односите со источниот сосед на Македонија, предизвикан од ветото за македонските евроинтеграции и историско-идентитетските услови што ги постави Бугарија, Ковачевски во своето експозе пред пратениците истакна дека „никој нема право и никој не смее да преговара за идентитетот и јазикот во спортот со Бугарија за остварување на стратегиските цели“.
– Историјата е на историчарите, но идентитетските прашања се темели на народот и на државата. За Владата не постои никаква дилема – никој не смее и никој нема да преговара за идентитетот на македонскиот народ и за историски и научно потврдената специфичност и уникатност на македонскиот јазик. Разговорите со Република Бугарија ќе продолжат и ќе се интензивираат, бидејќи ние сме пријателска земја што развива добрососедство и бидејќи имаме исклучителен стратегиски интерес да ги започнеме преговорите за членство во ЕУ – рече Ковачевски во своето обраќање во Собранието.
Во дводневната расправа што следуваше во Собранието по излагањето на програмата на мандатарот и претставувањето на неговиот кабинет, во дискусиите на пратениците од опозицијата доминираше ставот дека оваа влада нема легитимитет и затоа се неопходни брзи предвремени избори. Од друга страна, пратениците на владејачките партии сметаат дека со новата влада ќе биде обезбеден континуитет во политиките, а дека легитимитетот добиен на изборите пред две години е потврден со влезот на Алтернатива во парламентарното мнозинство.
Според собранискиот деловник, расправата за избор на нова влада трае најмногу два дена, а за изборот на владиниот состав се гласа по нејзиното завршување, односно најдоцна до 24 часот вториот ден. Во согласност со оваа одредба, пратениците требаше да се изјаснат со гласање за новата влада до синоќа, недела, 16 јануари, пред полноќ. Владата се смета за избрана ако за неа гласа мнозинството од вкупниот број пратеници во Собранието, односно ако добие 61 глас.
Влада со 21 министер
На списокот на мандатарот Ковачевски фигурираат имиња на 21 министер. Пратениците што го дадоа гласот за премиерскиот мандат на Ковачевски ги поддржаа и Славјанка Петровска (СДСМ) како министерка за одбрана, Оливер Спасовски (СДСМ) за Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда ќе го води Никола Тупанчевски (СДСМ), Министерството за земјоделство – Љупчо Николовски (СДСМ), Министерството за култура – Бисера Костадиновска Стојчевска (СДСМ), Министерството за труд и социјална политика – Јована Тренчевска (СДСМ), Министерството за локална самоуправа – Горан Милевски (Коалиција СДСМ). Од редовите на СДСМ се и вицепремиерите Фатмир Битиќи за економски прашања, Бојан Маричиќ за европски прашања и Славица Грковска за борба против корупцијата и криминалот.
Артан Груби (ДУИ) останува во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, во Министерството за надворешни работи – Бујар Османи (ДУИ), Министерството за екологија – Насер Нуредини (ДУИ), Министерството за финансии – Фатмир Бесими (ДУИ), Министерството за економија – Крешник Бектеши (ДУИ), Министерството за образование – Јетон Шаќири (ДУИ).
Од Алтернатива се Беким Сали во Министерството за здравство, во Министерството за информатичко општество и администрација – Адмирим Алити, додека Џемаил Чупи министер без ресор задолжен за дијаспора.