Што ќе се случи кога светот повеќе нема да биде униполарен, биполарен или дури мултиполарен, прашува Ијан Бремер
Издвојуваме еден експертски поглед на
актуелните настани
Кој управува со светот? Порано беше лесно да се одговори ова прашање. Ако имате над 45 години, пораснавте во свет во кој доминираат две суперсили. САД и нивните сојузници ги поставија правилата на едната страна од Берлинскиот ѕид, додека Советскиот Сојуз беше задолжен за другата. Речиси секоја друга земја мораше да ги усогласи своите политички, економски и безбедносни системи со едната или другата страна. Тоа беше биполарен свет. Потоа, во 1991 година, Советскиот Сојуз се распадна, оставајќи ги САД како единствена светска суперсила. Вашингтон ги диктираше исходите и преку својата доминантна улога во меѓународните организации и преку практикување сурова моќ. Тоа беше униполарен свет.
Пред околу 15 години, светот повторно се промени и стана посложен. САД станаа помалку заинтересирани да бидат светски полицаец, архитект на глобалната трговија, па дури и поборник за глобалните вредности. Другите земји, станувајќи сѐ помоќни, сè повеќе можеа да ги игнорираат правилата што не им се допаѓаат и, повремено, самите да поставуваат некои. Тоа е неполарен свет, без глобални лидери.
Се случија три работи што ја предизвикаа оваа геополитичка рецесија,
кога глобалната архитектура повеќе не се усогласува со основната рамнотежа на силите
Прво, Русија не беше внесена во меѓународниот поредок предводен од Западот. Како поранешна голема сила во сериозен пад, Русија стана крајно лута и го гледа Западот како главен противник на глобалната сцена. Без разлика дали најголемиот дел од вината за ова лежи во САД и нивните сојузници или кај Русија, фактот зборува до каде сме.
Второ, Кина беше внесена во институциите предводени од САД, но под претпоставка дека како што Кинезите ќе стануваат поинтегрирани, побогати и помоќни, тие ќе се американизираат (т.е. ќе станат демократија со слободен пазар, подготвена да даде свој удел во американски предводениот поредок и да постапува според правилата без да ги менува). Како што се испостави, тие не се променија и сè уште се Кинези, а САД не се подготвени да го прифатат тоа.
И трето, САД и нивните сојузници ги игнорираа десетиците милиони свои граѓани што се чувствуваа заборавено од глобализацијата. Нивните поплаки беа дополнително поттикнати од растечката нееднаквост во приходите и платите, промената на демографијата и политиката на идентитетот, како и поларизацијата од новите медиумски технологии. По децении бенигно запоставување, повеќето од овие граѓани станаа во суштина недоверливи кон нивните влади и кон самата демократија, што ги прави нивните лидери помалку способни или подготвени да водат.
Што е со сите геополитички кризи што секојдневно ги гледате во насловите во
медиумите?
Војната во Украина, конфронтацијата околу Тајван, нуклеарните тензии со Иран и со Северна Кореја сочинуваат околу 90 отсто од нив и се директно или индиректно последица на геополитичката рецесија предизвикана од овие три прашања. Со други зборови, кризите не се однесуваат на индивидуални лидери, туку тие се структурна карактеристика на нашиот геополитички пејзаж. Сепак, геополитичките рецесии не траат вечно. На крајот на краиштата, природата не сака вакуум на моќ, а претстојниот глобален поредок е нешто многу различно од она на што се навикнавме.
Ние веќе не живееме во униполарен или биполарен или мултиполарен свет. Зошто? Затоа што веќе немаме повеќедимензионални суперсили како земјите што применуваат глобална моќ во секој домен. САД и Кина не се суперсили денес, барем не на начинот на кој отсекогаш го користевме терминот. Ако нема суперсили, тогаш значи дека нема единствен глобален поредок. Наместо тоа, она што го имаме денес се повеќе светски поредоци што се одвоени, но се преклопуваат.
Прво, имаме униполарен безбедносен поредок. САД се единствената земја што може да испрати војници, морнари и воена опрема во секој агол на светот. Никој друг ни оддалеку не располага со толкав капацитет. Улогата на Америка во безбедносниот поредок денес е посуштинска и подоминантна отколку пред една деценија.
Кина брзо ги зголемува своите воени капацитети во Азија, но никаде на друго место на значителен начин. Тоа сè повеќе ги загрижува американските индопацифички сојузници, кои сега се потпираат на безбедносниот чадор на САД повеќе од порано. Руската инвазија на Украина на сличен начин ја направи Европа во последните децении најзависна од НАТО, кое е предводено од САД. Во меѓувреме, руската војска е ослабена со загубата на околу 200.000 војници и голем дел од својата критична воена опрема во Украина, а сето тоа тешко ќе го обнови додека е соочена со западните санкции.
Кина, Русија и други држави располагаат со нуклеарно оружје, но всушност нивното користење сè уште е еднакво на самоубиство. САД се единствената светска безбедносна суперсила и така ќе остане барем во следната деценија.
Воената моќ не му дозволува на Вашингтон да ги постави правилата за глобалната економија, бидејќи економскиот поредок е мултиполарен. САД имаат силна и динамична економија, сè уште најголема во светот, но глобалната моќ овде е широко споделена.
И покрај сите предупредувања за нова студена војна, САД и Кина се премногу економски меѓусебно зависни за да се одвојат едни од други. Билатералната трговија меѓу двете земји продолжува да достигнува нови врвови, а други земји сакаат пристап и до американската сила и до растечкиот кинески пазар (кој наскоро ќе стане најголем во светот). Не можете да имате економска студена војна ако нема некој што сака да се бори со неа.
Во меѓувреме, Европската Унија (ЕУ) е најголемиот заеднички пазар во светот и таа е способна да постави правила и стандарди што Американците, Кинезите и другите мора да ги прифатат како цена за водење бизнис со неа. Јапонија е сè уште глобална економска сила, иако едвај може да се смета како таква. Индиската економија рапидно расте, а со тоа и нејзиното влијание на глобалната сцена. Релативната важност на овие и на другите економии ќе продолжи да се менува во текот на следната деценија, но она што е сигурно е дека глобалниот економски поредок е и ќе остане мултиполарен.
Тензии постојат и помеѓу безбедносниот и економскиот поредок. САД сакаат да дефинираат сè повеќе области на економијата како критични за националната безбедност и ги притискаат другите земји соодветно да ги усогласат своите политики, од полупроводниците, критичните минерали, а можеби наскоро и до социјалните мрежи. Од своја страна, Кина сака да ги искористи своите комерцијални и трговски предности за да го зголеми своето дипломатско влијание. Европа, Индија, Јапонија и другите земји сакаат да се погрижат ниту безбедноста ниту економскиот поредок да не доминираат над другите и најверојатно ќе успеат во тоа.
Постои трет поредок што брзо се појавува и кој наскоро ќе има поголемо влијание од другите, а тоа е дигиталниот
Во дигиталниот поредок, за разлика од секој друг геополитички поредок во минатото и сегашноста, доминантните актери што поставуваат правила и имаат моќ не се владите, туку технолошките компании.
Сте слушнале досега како оружјето, разузнавањето и обуката на НАТО им помогнале на Украинците да ја одбранат својата земја. Но, ако западните технолошки компании не дојдеа брзо на помош во почетокот на инвазијата, притоа одбранувајќи ги руските сајбер-напади и дозволувајќи им на украинските лидери да комуницираат со своите војници на фронтот, Русија ќе ја исклучеше Украина целосно од интернет за неколку недели и ефективно ќе ја завршеше војната. Украинскиот претседател Володимир Зеленски веројатно немаше да биде на власт денес ако не беа технолошките компании и нивната моќ во новиот дигитален поредок.
Технолошките компании одлучуваат дали поранешниот американски претседател Доналд Трамп може да зборува без филтри и во реално време со стотици милиони луѓе додека повторно се кандидира за претседател. Без социјалните медиуми и нивната способност да промовираат теории на заговор, немаше да има бунт на 6 јануари на Капитол хил, немири на камионџиите во Отава и бунт на 8 јануари во Бразил.
Технолошките компании дури ги дефинираат и нашите идентитети. Порано се прашувавме дали човечкото однесување е првенствено резултат на природата или на воспитувањето. Но повеќе не е така. Денес тоа вклучува природа, воспитување и алгоритам. Дигиталниот поредок станува критична детерминанта за тоа како живееме, во што веруваме, што сакаме и што сме подготвени да направиме за да го добиеме.
Тоа е неверојатно количество на моќ што го стекнаа технолошките компании, и тоа толку многу што станаа геополитички играчи сами по себе. Овие профитерски актери веќе ги контролираат аспектите на општеството, економијата и националната безбедност, кои долго време беа ексклузивно под заштита на државата. Нивните приватни одлуки директно влијаат на егзистенцијата, интеракциите, па дури и на размислувањата на милијарди луѓе низ светот. Тие исто така сè повеќе ја обликуваат глобалната средина во која функционираат и самите влади.
Но, како технолошките компании ќе ја искористат својата новооткриена моќ? Постојат три можни сценарија. Ако американските и кинеските политички лидери продолжат да се наметнуваат уште посилно во дигиталниот простор и ако технолошките компании се усогласат со нивните матични влади, ќе завршиме во технолошка студена војна меѓу САД и Кина. Дигиталниот свет ќе се подели на два дела, другите земји ќе бидат принудени да избираат страни, а глобализацијата ќе се раздели, бидејќи овие разединети стратегиски технологии ќе ги диктираат националната безбедност и глобалната економија.
Ако технолошките компании се држат до стратегиите за глобален раст, одбивајќи да се усогласат со владите и зачувувајќи го постојниот јаз помеѓу физичкото и дигиталното поле на конкуренција, тогаш ќе видиме нова глобализација, поточно глобализиран дигитален поредок. Технолошките компании ќе останат суверени во дигиталниот простор, натпреварувајќи се во голема мера меѓу себе за профит, а и со владите за геополитичка моќ, на ист начин како што главните државни актери во моментов се обидуваат да влијаат на просторот каде што се преклопува економскиот и безбедносниот поредок.
Но, ако самиот дигитален простор стане најважната арена на конкуренцијата на големите сили, при што моќта на владите продолжува да еродира во однос на моќта на технолошките компании, тогаш самиот дигитален поредок ќе стане доминантен глобален поредок. Ако се случи тоа, ќе имаме поствестфалиски свет, односно технополарен поредок во кој доминираат технолошките компании како централни играчи во геополитиката на 21 век.
Сите три сценарија се целосно веродостојни и ниедно не е неизбежно. Во кое од нив ќе завршиме, ќе зависи од тоа како експлозивната природа на вештачката интелигенција ги поттикнува промените во постојните структури на моќ, дали владите се способни и сакаат да ги регулираат технолошките компании и, најважно, како технолошките лидери ќе одлучат дека сакаат да ја искористат својата новооткриена моќ.
(Ијан Артур Бремер е американски политиколог, автор и претприемач. Предава применета геополитика на Факултетот за меѓународни и јавни односи на универзитетот „Колумбија“)