Повторно заживуваат идеите за поинаков концепт и рекомпонирање на македонската држава
Носењето целосно нов устав во суштина значи и нов почеток на секоја држава. Можеби и намерата е да се воспостави некоја нова држава, која ќе почнува од промената на името, за многу полесно Република Македонија да замине во заборав. Така полесно и ќе се реализира идентитетскиот инженеринг при создавањето нова „северномакедонска“ нација Откако стана јасно дека нема услови за уставни измени, имајќи ја предвид актуелната констелација на политичките сили во Собранието, но и противењето на мнозинството македонски граѓани за Бугарите да бидат впишани во македонскиот устав како услов да продолжат евроинтеграциите, повторно се актуализираат некои идеи за носење целосно нов устав, кој би ја „отсликувал новата реалност во државата“. Промотор на идејата е првиот човек на Алијансата на Албанците, Арбен Таравари, според кого со носењето нов устав ќе се овозможи државата да тргне напред.
– Можеби е легитимно да се зборува и за нов устав, кој ќе овозможи државата да оди напред – смета Таравари.
Интенцијата на ваквата идеја е повеќе од очигледна, односно да се прекине секаква врска на независната македонска држава воспоставена токму врз темелите на АСНОМ, сето тоа зацементирано со Уставот донесен во ноември 1991 година. Токму тој устав беше резултат на народната волја и на народното изјаснување на референдумот на кој се одлучуваше за независна Македонија, врз основа на традициите на АСНОМ и на Илинден. Впрочем, македонскиот устав од тогашните европски уставни експерти, на чело со Роберт Бадентер, беше оценет како еден од најдобрите европски устави. Сега некој сака да ја погази таа волја.
Од друга страна, носењето целосно нов устав во суштина значи и нов почеток на секоја држава. Можеби и намерата е да се воспостави некоја нова држава, која ќе почнува од промената на името, за многу полесно Република Македонија да замине во заборав. Така полесно и ќе се реализира идентитетскиот инженеринг при создавањето нова „северномакедонска“ нација.
– Ова што го заговара Таравари, тој го говори од поодамна. Ако се оди на нов устав, тоа дефинитивно ќе значи нов концепт на државата, во кој нема да биде за изненадување да има и дводомен парламент, официјални два јазика, повеќе државотворни народи, едноставно ќе се официјализира повеќенационална држава. Нов устав им оди во прилог на Албанците, но и на соседните земји, кои многу полесно ќе го проблематизираат македонскиот идентитет. Нам не ни треба нов устав, туку ни треба нашиот устав исчистен од сите фелери и аномалии што му се надградија овие изминати години и кои од него направија вистински правен „франкенштајн“. Уставот треба да се врати на својата изворна форма, во која македонскиот народ и македонскиот јазик се носители на државотворноста – посочуваат експертите за уставни прашања со кои разговаравме околу идејата за нов устав.
Тие без никакви резерви истакнуваат дека подготвувањето целосно нов устав ќе го прекине историскиот континуум на Македонија и на македонскиот народ.
– Штом ќе се изгласа нов устав, тоа ќе значи нова држава, нов почеток. Тоа ќе значи дека сè започнува со С. Македонија, другото ќе отиде во заборав. Така и ќе се официјализира полесно новиот идентитетски инженеринг. Имаме добар устав, не ни треба нов, само да ги отстраниме дивите меса што беа всадени во него под притисок од надвор – заклучуваат соговорниците.