Според новата методологија за преговарање, ги нема поглавјата 34 и 35. Поглавјето 34 за нас е многу битно. Тоа е делот – институции. Според тоа поглавје треба да се впише дека македонскиот јазик ќе биде еден од официјалните јазици на ЕУ, кога ќе завршат преговорите со Европската Унија. Но, во оваа нова методологија, го нема тоа.
Во пресрет на почетокот на парламентарната процедура за уставни измени
Во општествен амбиент на изразено мнозинско јавно неприфаќање на „интегрирачкиот“ услов од ЕУ за уставни измени за внесување на Бугарите како „дел од народ“ во преамбулата, денеска, 18 август, започнува пленарната седница во македонското собрание, на која треба да се донесе одлука за потребата од отворање на Уставот. Единствено што е извесно во неизвесноста, која трае повеќе од една година (од изразената согласност на Владата за т.н. француски предлог со преговарачката рамка на ЕУ за Македонија), е неопходноста од исполнување на законското решение дека за Собранието да донесе одлука за отворање на Уставот е потребно да гласаат 80 пратеници, или две третини од 120-те пратеници во овој парламентарен состав. Неизвесноста создадена од непочитувањето на правото на различни нивоа (на меѓународното, но и на внатрешното право), со помош на различните ирационални политички наративи, квазиаргументи, калкулации, па и домашни и странски дипломатски притисоци, насочени исклучиво кон исполнување на условот „Бугарите во Устав“ за одржување на втората меѓувладина конференција на Македонија со ЕУ (т.е. отворање на поглавјата), некако како да ја стави во втор план реалната содржина на предложената преговарачка рамка, со тенденција да се прикаже како „неважна и формална“.
Рамката за преговори не е ниту неважна, ниту проформа, не е ниту фер, ниту пак принципиелна како други такви документи на ЕУ со други субјекти
По исполнувањето на сите нестандардни и непринципиелни услови што досега ѝ беа поставувани на Македонија од ЕУ, само за да ги започне преговорите, доколку навистина започнат, тие ќе се одвиваат според нова методологија на кластери во кои се распоредени досегашните поглавја, кои никогаш нема да бидат затворени до крајот на преговорите, во пакет со принципот на реверзибилност, по кој може да посегне секоја членка на Унијата доколку не е задоволна од напредокот на реформите во одредено поглавје или кластер. Дополнително искушение во овој новопроектиран процес на преговори со земјите-кандидати е тоа што ни во Брисел не се сосема сигурни како би се спроведувал и нема расположение да понудат некоја предвидливост на процесот, а не пак гаранции.
Поранешниот македонски министер, амбасадор и пратеник во македонското собрание Марјан Ѓорчев лоцира еден феномен во преговарачката рамка на ЕУ за Македонија дека има многу мистификации. Тој во својата аналитичка споредба со преговарачките рамки на другите земји-кандидати од Западен Балкан заклучува дека таа не е ниту фер ниту идентична. Дури, во преговарачката рамка според новата методологија, открива предизвик за официјализирање на македонскиот јазик како рамноправен во семејството на јазици на Европската Унија.
– Според новата методологија за преговарање, ги нема поглавјата 34 и 35. Поглавјето 34 за нас е многу битно. Тоа е делот – институции. Според тоа поглавје треба да се впише дека македонскиот јазик ќе биде еден од официјалните јазици на ЕУ кога ќе завршат преговорите со Европската Унија. Во оваа нова методологија го нема тоа. Останува нејасно како ќе се реши прашањето со унилатералната изјава од Република Бугарија дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот јазик. Во тој контекст, исто така останува нејасно колку таа преговарачка рамка за Македонија е фер и идентична со тие на другите кандидати, кога не се преговара за поглавјето 34, а Србија и Црна Гора ги имаат поглавјето 34 и 35 во своите преговарачки рамки, додека Албанија ги нема. Ние пак преговараме во една друга насока со билатерален спор со Бугарија и Грција ставен во рамката… Ние уште еднаш треба децидно да ѝ кажеме на Европската Унија – бараме фер и идентични услови. Не сакаме билатералните спорови да ни ги вградувате во преговарачката рамка – вели Марјан Ѓорчев по анализа на преговарачката рамка за Македонија од т.н. француски предлог.
Зошто европските претставници сѐ поочигледно избегнуваат да го споменуваат македонскиот јазик?
Прашањето за рамноправноста на македонскиот јазик во семејството на јазиците во ЕУ е особено важно за преговарачкиот процес на Македонија, што всушност би значело своевидно официјално безрезервно и од сите членки признавање на македонската идентитетска посебност во мултинационалната унија. Бугарија, со неколку официјални документи во вид на изјави до европските институции, како и објаснувачки писма до земјите-членки на ЕУ, ги оспорува токму автентичноста на македонскиот јазик и посебноста на македонскиот народ. Македонските официјални политичари, кои актуелно го водат евроинтегративниот процес, но и високи претставници од ЕУ и Европската комисија, наведуваат дека тоа што договорот со Фронтекс е напишан и потпишан и на македонски јазик всушност е некаква потврда дека македонскиот јазик „влегол во ЕУ“. Но и понатаму е индикативно загрижувачки што европските претставници избегнуваат да го споменуваат македонскиот јазик, дури и кога доаѓаат во убедувачка мисија за Бугарите да бидат внесени во македонскиот устав.
Поранешниот македонски дипломат Ристо Никовски критички забележува дека таквата оспорувачка позиција на Бугарија спрема македонскиот јазик, за жал, е потврдена и во неколку билатерални договори, со кои македонската страна практично ја потврдува позицијата на Софија дека „македонскиот јазик е според Уставот“, кодифициран во 1945 година.
– Сите што редовно ја следат проблематиката забележале дека и Брисел и речиси сите членки на ЕУ го игнорираат и избегнуваат да го спомнат македонскиот јазик. Случајот со Фронтекс не е наш голем успех, како што се претставува, туку, напротив, е илустрација и потврда дека цели три-четири години Европската Унија го игнорираше македонскиот јазик, а ние молчевме и се правевме недоветни.
Мораме да бидеме свесни дека на крајот од процесот, кога навистина ќе ги завршиме преговорите со Брисел (кога и ако некогаш навистина се случи тоа) и кога членките на Унијата ќе треба да го ратификуваат тој протокол за наше членство, Софија нема никогаш да прифати дека постои македонски јазик и евентуално таквиот протокол нема да го ратификува. Со други зборови максимумот што можеме да го добиеме од Брисел е формулацијата „македонски јазик според Уставот“ (?!), што значи дека јазикот не е автентичен, изворен, како што повеќепати понижувачки и срамно потпишавме во договорите со Бугарија. Во дипломатијата тоа обврзува и последиците не ни гинат. Излез од ова е поништување на сите катастрофални договори со Бугарија, што успешно ќе води до целосна промена на преговарачката рамка – вели поранешниот македонски дипломат Ристо Никовски.
Со сите мистификации во преговарачката рамка и непознати предизвици што нѐ очекуваат во преговарачкиот процес, прашањето што се наметнува пред почетокот на собраниската седница за уставните измени е дали таа е кулминација на еден погрешно воден процес за евроинтеграција на Македонија, како од нас самите, така и од ЕУ. Но уште поголем предизвик е како да се постигне позицијата таа да се врати во стандардната преговарачка форма (со исти услови како за сите членки што досега преговарале за членство) без невообичаени и непринципиелни услови!