Макрон пред Европскиот парламент порача дека „Европа мора да се вооружи, не поради недоверба во однос на другите сили, туку за да ја обезбеди својата независност во овој свет на насилство, за да не биде подложна на избор на други, да ја вратат контролата над границите и просторот“. Неговата гласна порака беше препознаена како континуитет на неговите заложби за европска стратегиска автономија: безбедносна, политичка, економска, енергетска… Основната идеја на стратегиската автономија е силна Европа, која не мора нужно да има идентични ставови по многу прашања со САД, па ниту по прашањето за актуелната руско-украинска криза. Но првиот предизвик за оваа идеја на францускиот претседател е каков ќе биде одговорот на САД…
Насоки за крупни политики и правци на идниот развој на ЕУ
Заедничкиот именител во реакциите и анализите, по претставувањето на планот за шестмесечното претседателствување со Европската Унија од францускиот претседател пред Европскиот парламент, е дека Емануел Макрон всушност ги даде насоките на крупните политики и правците на идниот развој на Унијата. Неговата порака дека „Европа мора да се вооружи, не поради недоверба во однос на другите сили, туку за да ја обезбеди својата независност во овој свет на насилство, за да не биде подложна на избор на други, да ја вратат контролата над границите и (нечиј) простор“ беше препознаена како континуитет на неговите заложби речиси од почетокот на неговиот претседателски мандат за европска стратегиска автономија. Некои од регионалните аналитичари на тековите на развојот на ЕУ, велат дека Макрон, уште во 2017 година, во познатиот говор на „Сорбона“, всушност го скицирал сето она што сега го говорел пред ЕП, а наликува на воспоставување „нов европски поредок“.
– Основната идеја е силна Европа, која не мора нужно да има идентични ставови по многу прашања со Соединетите Американски Држави, па ниту по прашањето за сегашната руско-украинска криза. Имено, забележливи се разликите во ставовите на САД и источноевропските членки на ЕУ – од една страна, и на западноевропските, на кои им припаѓа и Франција, од друга страна. Макрон повика на искрен иако можеби тежок дијалог со Москва, а додаде дека Франција и Германија треба да ги продолжат разговорите со Русија во „нормандиски формат“ – оценува Сузана Грубјешиќ, потпретседателка на Центарот за надворешна политика од Белград. Притоа таа потенцира дека Макрон во Европскиот парламент настапил многу конструктивно, свесен за реалноста и фактот дека стратегиската автономија на ЕУ, значи и нејзина енергетска безбедност. Сепак, францускиот претседател во говорот пред ЕП рече дека „новиот поредок за безбедност и стабилност“, прво мора да биде усогласен во рамките на ЕУ и на НАТО, па дури тогаш да ѝ биде предложен на Русија. Макрон е свесен дека кога говори за европскиот суверенитет и одбрана, дека првиот предизвик за успехот на таа негова идеја е односот на САД со Германија, Холандија, Данска и државите од северот на Европа. Евроаналитичарите забележуваат дека сите тие држави се повеќе насочени кон соработката со САД отколку кон изградбата на европска одбрана и единствена европска надворешна политика. Тие практично живеат од сојузот со САД (што често се изедначува и со НАТО) и тоа го создава првиот предизвик за концептот на Макрон за европскиот безбедносен и надворешнополитички суверенитет. Веројатно поради свесноста за таквата состојба, Макрон го поврзува предизвикот на ЕУ во борбата за нејзината безбедност и контролата на миграциските текови со „дефиницијата за чиста безбедносна политика“ во партнерство со НАТО.
– Во една геополитичка анализа би било целосно погрешно доколку односите НАТО – Русија и нивното безбедносно влијание ги симплифицираме исклучиво на односите (секако и интересите) на релацијата САД – Русија. Задолжително и неопходно е да ги имаме предвид и улогата, интересите и влијанијата на Велика Британија (како голема империјална сила со директно влијание во ООН), како и на Франција, а секако во однос на европскиот безбедносен простор не смееме да ја изоставиме ниту Германија. Сите овие држави, големи сили или регионални сили, имаат свои, честопати и спротивставени интереси во НАТО, (особено во однос на поедини региони) економски интереси, допир до ресурси или едноставно влијание, па така секоја од нив има свои специфични односи и интереси. Сето тоа влијае врз формирањето на интересите на НАТО и безбедносните импликации во повеќе региони и геополитички. Другите актери од ЕУ водени од своите интереси, како земји-членки на НАТО, често и самите играат двојна или тројна игра кон своите партнери во НАТО, па и во актуелниот однос спрема Русија, но и во одредени други региони, што секако е комплексен предизвик за воспоставување европска стратегиска автономија, односно за суверена надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Притоа, треба да се има на ум дека односите во НАТО се секогаш дефинирани, односно во сенката на интересите на САД – смета македонскиот безбедносен експерт, професорот Оливер Андонов.
Без оглед на предизвиците за „новиот европски поредок“ според Макрон, неговата амбициозна програма за шестмесечното претседателство со Советот на ЕУ, укажува на сериозноста на Франција да работи на стратегиската автономија на ЕУ, и тоа на сите полиња: на безбедносен, политички, економски и енергетски план. Во поглед на безбедносната автономија на ЕУ и досега често се говореше за европска војска и одбрана, но навистина малку се правеше на тој план, но се чини дека Франција не се откажува од таа идеја и покрај тоа што погледите на сојузниците од ЕУ најмногу се насочени кон САД по тоа прашање. Кога станува збор за политичката автономија, се чини дека Макрон не смета дека ЕУ мора секогаш да има исти политички гледишта за светската геополитика како САД, и дека може (по)остро да реагира и да се спротивстави на најголемиот НАТО-сојузник, ако се загрозени нејзините интереси. Впрочем, Париз тоа го покажа и со лутата реакција на подмолното преземање од САД на бизнис-зделката од Франција за вооружување на Австралија. Спорот навидум е измазнет, но Франција не го заборава некоректниот и дрзок однос на САД, кој ѝ донесе загуба од десетици милијарди долари. Макрон е свесен дека стратегиската автономија на ЕУ значи и енергетска безбедност, но исто така знае дека тоа не може да се постигне прекуноќ, зашто ЕУ во голема мера на енергетски план е зависна од рускиот гас. Секако, за постигнување на таква стратегиска автономија на ЕУ, основен предуслов е нејзината економска стабилност и независност, што за разлика од другите сегменти, Унијата ја има постигнато. И тоа е, се чини, најголемиот мотив на Макрон да ја направи ЕУ влијателен геополитички играч и да излезе од улогата на спроведувач на туѓи интереси.
Иако Македонија има комплексен долгогодишен статус на земја-кандидат за членство во ЕУ, во програмата на Макрон јасно е кажано дека регионот на Западен Балкан (а со тоа и Македонија) е предвиден во заедничката иднина на „новиот европски поредок“. Но колку долго и да е пред портите на ЕУ, условувана и уценувана за почеток на преговорите за членство, Македонија треба да покаже национален интегритет, визија и да не отстапува од европските вредности, за да си го добие местото што ѝ припаѓа и во новиот европски поредок.