Фото: Игор Бансколиев

Холокаустот е еден од најтрагичните настани во историјата на целото човештво. „Нова Македонија“ истражуваше во историските архиви за да потсети на овие немили настани, кога беа убиени милиони, вклучувајќи и илјадници македонски Евреи, со цел никогаш повеќе да не се повторат. Како општество сме должни, врз основа на историските извори и други документи, да ја прикажеме вистината онаква каква што била, а не како што некој сака да ја прикаже или ревидира

ПО ПОВОД 27 ЈАНУАРИ, МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН ЗА СЕЌАВАЊЕ НА ЖРТВИТЕ ОД ХОЛОКАУСТОТ

Идеолозите што доведоа до погромот на македонските Евреи

Стотиците документи до кои дојдовме во историските архиви, а и многубројните истражувања говорат дека тогашната бугарска држава, и покрај тоа што според тогашниот устав имала царско уредување, по својата суштина била фашистичка и националсоцијалистичка. Не само поради својата соработка и сојузништво со Адолф Хитлер и со Бенито Мусолини туку и поради тоа што во тој период со Бугарија раководат лица што идеолошки припаѓаат на фашизмот и нацизмот.
Меѓу главните идеолози на расната политика во Бугарија, која доведе до погром на македонските Евреи, може да се набројат повеќе личности. Меѓу нив се Богдан Филов – бугарски премиер, Петар Габровски – министер за внатрешни работи и Александар Белев – бугарски комесар за еврејското прашање. Тие се главните учесници во холокаустот, меѓутоа зад нив стојат сите бугарски државни институции, вклучувајќи ги бугарското собрание и бугарскиот цар Борис, односно царска Бугарија.
Петар Габровски, министерот за внатрешни работи на царска Бугарија, е еден од основачите на Сојузот на ратниците за напредок на бугарштината. Според бугарскиот историчар Николај Поппетров, споменатата политичка групација се залагала за национализам, националсоцијализам (нацизам), расизам и симпатии кон Третиот рајх.
Близок до оваа групација бил и Александар Белев, бугарскиот комесар за еврејското прашање, всушност Белев бил протеже на Петар Габровски. Александар Белев, како комесар за еврејското прашање, директно соработува со Теодор Данкер, специјален претставник на Адолф Ајхман (еден од главните творци на холокаустот) и припадник на германското Гестапо.
Според бугарскиот автор Н. Недев, Богдан Филов, тогашниот бугарскиот премиер, бил симпатизер на Народното социјално движење (НСД), бугарска екстремна политичка партија. Бугарскиот историчар Николај Поппетров вели дека НСД идеолошки клонела кон италијанскиот фашизам и германскиот националсоцијализам (нацизам).

Закон за заштита на нацијата, создаден по примерот на законодавството на нацистичка Германија и врз основа на расистичката и нацистичката идеологија

Бугарската влада, предводена од Богдан Филов, до бугарското собрание го предлага Законот за заштита на нацијата, законот е усвоен од Собранието и стапува во сила на 23 јануари 1941 година, а во сила е до 27 ноември 1944 година.
Тогашниот бугарски министер за внатрешни работи, Петар Габровски, во својот говор за предлог-законот за заштита на нацијата, меѓу другото, истакнал: „Законот е насловен како заштита на нацијата. Тоа не ниту случајно ниту погрешно. Законот се донесува поради потребата за особена грижа на нацијата, тој се однесува до нацијата и има цел, не да проследува некои организации или лица, тоа се само средства на законот, туку да се заштити нацијата.“
Според бугарската историчарка Фани Милкова, Законот за заштита на нацијата бил создаден по примерот на законодавството на нацистичка Германија, како и врз основа на расистичката и нацистичката идеологија.
Законот вовел голем број рестриктивни мерки против Евреите што живееле во рамките на царска Бугарија. На лицата со еврејско потекло им било забрането да извршуваат државни служби, не смееле да стапуваат во брак или да живеат со лица од бугарско потекло. Биле воведени ограничувања за прием и престој во образовните институции, а бил воведен и вонреден данок за еврејскиот имот. Била формирана Комисија за еврејски прашања, која требало да го спроведе законот, а нејзин главен комесар бил Александар Белев. Законот стапил во сила со уредбата број 3 од 21 јануари, која била потпишана од бугарскиот цар Борис Трети и објавена во „Државниот весник“ на 23 јануари 1941 година. По окупацијата на Македонија од страна на царска Бугарија, со Законот за заштита на нацијата биле опфатени и македонските Евреи.

Ова е сметка за превозните трошоци што бугарската држава ги платила за транспорт на 4137 еврејски граѓани, 3545 возрасни и 592 деца на возраст од 4-10 години, од Македонија до нивната смрт во Треблинка.

Договорот Белев – Данекер

На 22 февруари 1944 година, Александар Белев, бугарски комесар за еврејското прашање, и ополномоштениот претставник на германскиот СС, Теодор Данкер, потпишуваат договор, со кој им ја запечатуваат судбината на Евреите во окупираните територии, вклучувајќи и на македонските Евреи. Во договорот се вели дека 20.000 Евреи – без разлика на возраста и полот – ќе бидат подготвени за депортација, а Германскиот рајх е подготвен да ги прими Евреите во своите источни региони. Евреите што се наоѓаат во Скопје и во Битола ќе бидат депортирани по 15 април 1943 година.
Според договорот, бугарските државни железници и германските државни железници директно ќе се договорат за распоредот на возовите, како и за транспортните средства. Бугарската влада исто така се обврзала дека во никој случај нема да бара враќање на депортираните Евреи.
Споменатиот договор бил продолжување на политиката што била прокламирана со Законот за заштита на нацијата на царска Бугарија и конечното решение на еврејското прашање.

Судбината на македонските Евреи

Бугарскиот комесаријат за решавање на еврејското прашање, со помош на бугарската војската и полицијата, активно е вклучен во депортацијата на македонските Евреи.
Според македонските автори Жамила Колономос и Вера Весковиќ-Вангели, сите Евреи од Македонија биле депортирани во логорот „Треблинка“ во Полска, каде што биле задушени во гасни комори. Од „Треблинка“ не се вратил никој. Не останал ниту еден сведок да прераскаже за стравотиите на уништувањето на еврејското население од Македонија. Документите се единствените сведоци за докажување на судбината на Евреите во Македонија.

Говорот на Петар Габровски за Законот за заштита на нацијата