Ивица Боцевски ексклузивно за „Нова Македонија“
Во услови на целосното разнебитување на македонскиот народ што ни се одвива пред очите во изминативе години, а кое кулминира со Преспанскиот договор, во услови на целосно разградување и преименување на сите македонски национални институции, рушење споменици и брусење шахти за да се дотолчи сè што е македонско и сè што асоцира на македонска посебност и суверенитет, беше тешко да се поверува во чудо.
Оттука, јас бев многу скептичен и отворено ги споделив моите сомнежи со целата јавност околу најавените разговори на МПЦ и СПЦ, заедничкото сослужување на поглаварите на двете цркви во Белград и во Скопје, како и од крајниот исход на целиот овој црквен дипломатски процес.
Јас, кој бев најгласниот „неверен Тома“, вчера конечно бев разуверен на најдобар можен начин кога патријархот Порфириј, насред Скопје, во Соборниот храм, по сослужувањето со Светата литургија со архиепископот Стефан, ја обзнани едногласната одлука на Соборот на Српската православна црква, да ѝ даде автокефалност на Македонската православна црква.
Ова е историски момент и зенит на македонско-српските односи.
Најголеми честитки за овој чин одат кон српскиот патријарх Порфириј, кој на дело покажа дека умее да ги чита најдлабоките струи на историските текови, подземни и надземни, но и докажа дека знае цврсто да ги брани националните интереси на српскиот народ. Најголемо признание, пак, заслужува и архиепископот охридски и македонски, Стефан, кој ја засрами македонската дипломатија со овој невиден успех на одбрана на достоинството на Македонската православна црква и на тивка дипломатска игра во заднината, која доведе до признавање на автокефалноста на МПЦ, врвен интерес на македонскиот народ и блескава победа во борбата за македонска национална посебност. Да потцртам, дипломатска игра каде што македонскиот народ ништо не загуби, а доби многу, каде што МПЦ од ништо не се откажа, а ѝ беше дадена автокефалност, каде што националното име е потврдено, а националното достоинство е зачувано. Дедо Стефан повторно докажа дека негова могила раѓа патриоти, а не фанариоти.
По најновите балкански војни од 1990-тите години, за припадници на српската нација веќе се сметаат само личностите што му припаѓаат на културниот круг овичен со припадност на Српската православна црква, насекаде на Балканот. Одбивањето на СПЦ да ја признае автокефалноста на МПЦ значеше и одбивање на српскиот народ да ја признае посебноста на македонскиот народ, како посебен народ, одвоен од српскиот народ, а не како културна група во рамките на српскиот етнос. Тоа беше последното отворено прашање во македонско-српските односи и вчера патријархот Порфириј и симболично го пресече тој Гордиев јазол. Иако изгледа парадоксално, но раскинувањето на сите врски на надреденост и подреденост помеѓу српскиот и македонскиот народ сега целосно ги зближува и ги братими Србите и Македонците. Вчера, на 24 мај 2022 година, на Денот на светите сесловенски просветители Кирил и Методиј беше ставена точка на сите историски македонско-српските конфликти. Имаше ли подобар момент, од ова време-невреме кога се ниша архитектурата на целиот свет, конечно заедно Македонците и Србите да зачекорат низ историјата, како браќа, најблиски пријатели и без никакви меѓусебни отворени прашања. Интересно, но и Србите и Македонците вчера добија барем по еден непосреден сосед со кој немаат никакви проблеми, големо постигнување на вечно раскараниот Балкан и голем исклучок за политиката на полуостовот.
Искрено посакувам овој чин на признавање на автокефалноста на Македонската православна црква да биде само првиот чекор во борбата за враќање на македонското национално достоинство, што еден ден ќе кулминира и со враќање на нашето национално име и завршување на оваа епоха на македонските понижувања.