Граѓаните очекуваат од политичарите да наоѓаат најдобри решенија во интерес на државата, а не постојано да копаат нови ровови на национални поделби, да предизвикуваат дополнителна поларизација и сегрегација, меѓусебни кавги и поделби. Наместо да се гледаат националниот и јавниот интерес, се препознава исклучиво партискиот интерес. Сите, и стручната јавност и граѓаните, се истоштени од вакви и слични веќе видени сценарија

ПОЛИТИЧКО-ПАРТИСКА РЕТОРИКА ВО ЈАВНОСТА ПО 18 АВГУСТ

За тоа каква е политичката реалност во Македонија, по само неколку дена од седницата за уставните измени, најдобро сведочат политичките и партиските изјави и соопштенија што доаѓаат постојано, како да се штанцаат на фабричка лента.

Кратки исечоци од политичката реторика по 18 август

Партиите од власта и од опозицијата остануваат закопани во своите ровови, а партиските кујни работат под полна пареа. Како илустрација еве само неколку кратки исечоци од политичката реторика по 18 август.
Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, во ТВ-интервју, посочи дека политичките кариери и партии не се приоритет, туку иднината на граѓаните, нагласувајќи дека ќе направи сѐ за земјата да влезе во ЕУ.
– Клучно е ова прашање да биде решено заради државата. Политичките партии постоеле, ќе постојат, власти имало, ресори воделе едни, па ги заменувале други. Но ние најдобро самите сфативме што значат изгубени години и декада. Ние процесот го започнавме со Хрватска, 2006 година. Денес Хрватска е член на ЕУ, дел од Шенген и воведе евро. Ние сега сме во група со Албанија, Црна Гора и Србија. Ако ја испуштиме оваа шанса ќе отидат они пред нас и остануваме со Босна и Херцеговина и Косово – смета Ковачевски.
Веднаш по седницата за уставни измени со свој став во јавноста излезе и лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, кој вели дека и неговата партија е за влез во Унијата, но дека не сака гласањето за уставните измени да се претставува како црно-бела слика, или си за ЕУ или си против.
– Влезот во ЕУ е нашиот единствен пат. Но не по цена на себеодрекување, не по цена на диктат што е Пандорината кутија за идентитетско обезличување и отворање на портата за многу други барања – порача Мицкоски.
Речиси секојдневно на темата за уставните измени со свои соопштенија, изјави и реакции излегуваат и партиите од власта и од опозицијата.

Губење витална национална енергија во партиските обвинувања

Партиските соопштенија се т.н. „енергетски вампири“, полни со меѓусебни обвинувања, напади и квалификации за (не)сработеното, што ја вшмукуваат енергијата за национална синергија.
– ДПМНЕ и Мицкоски одново дејствуваат против интересите на државата, против подобра иднина на граѓаните. Обидот за блокада на европската иднина е опасна, антидржавна и антимакедонска постапка на ДПМНЕ и Мицкоски. Проевропската коалиција предводена од СДСМ нема да подлегне на штетното, неодговорно и недржавничко однесување на ДПМНЕ.
СДСМ заедно со граѓаните и проевропските политички субјекти ќе направи сѐ да ја разбие таа блокада – порачуваат од СДСМ.
Од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ веднаш возвратија.
– Ковачевски цела година лаже дека ВМРО-ДПМНЕ прифатило уставни измени. Во петокот цела Македонија виде дека Ковачевски лажел. СДС и ДУИ не само што немаат легитимитет, и не само што немаа 80 пратеника, туку едвај имаа 70 пратеника. Никој повеќе не ги слуша Ковачевски и СДС, ниту некому му е важно што тие мислат. Тие ја донесоа државата во ќор-сокак и не се способни да ја извадат од таа ситуација. Ковачевски и ЕУ се далеку како зима и лето – порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
За очекување е во следниот период ваквата реторика уште повеќе да се засилува?!

Комуниколозите ја дијагностицираа штетноста на ваквата ПР-стратегија на партиите за граѓаните и државата

За комуниколозите нема сомнение дека ваквата реторика и поларизација не водат напред и се штетни за општеството и за државата.
Граѓаните очекуваат од политичарите да наоѓаат најдобри решенија во интерес на државата, а не постојано да копаат нови ровови на национална поделби, да предизвикуваат дополнителна поларизација и сегрегација, меѓусебни кавги и поделби.
Наместо да се гледаат националниот и јавниот интерес, се гледа исклучиво партискиот интерес. Сите, и стручната јавност и граѓаните, се изморени од вакви и слични веќе видени сценарија. Со вакво однесување и реторика не можеме да стигнеме ниту до најблиското маалско сокаче, а камоли да го изодиме патот до ЕУ, тврдат комуниколозите.