Превирањата, поделбите и влијанијата во албанскиот политички кампус во Македонија на чуден начин го демаскираат етноцентристичкиот концепт на дејствување на овој етнички политички блок во државата. Се чини како главниот фокус на дејствување и влијанија да е насочен на консолидација и обединување за создавање фронт со национален албански предзнак, за некакви етноцентрични цели, наместо да се мобилизираат во рамките на едни сеопшти граѓански интереси, имено во интереси на сеопштиот просперитет и благосостојба на заедничката држава на сите, односно за Македонија!

Поделбите во етничко-партиските кампуси сериозен предизвик во кампањата за претстојните претседателски и парламентарни избори во Македонија

Поделбите во етничко-партиските кампуси се чини се наметнуваат како важен предизвик во кампањата на претстојните претседателски и парламентарни избори во Македонија, кои имаат сериозен потенцијал да манипулираат со приоритетните – националните интереси на државата! Дури и стратегиските цели за членство во НАТО и во ЕУ, декларирани речиси кај сите политички субјекти во државата, досега на одреден начин се манипулативно искористени за подметнување на една етничка агенда како „европска“. Но, исклучително е индикативно и препознаено во јавноста дека пораките за „етничко обединување“ станаа сѐ позачестени и понеопходни и во албанскиот политички блок во Македонија. Но токму таквата потреба како да го наметна процесот на фрагментацијата на тој етничко-политички блок на позиција и опозиција, по долгогодишната монолитност кога беа во прашање етничките интереси. Дополнително, за засилување на ваквите процеси меѓу албанските партии во Македонија, се чини дека е контроверзно влијанието на менторството на регионалниот албански фактор, односно конкурентноста на косовскиот премиер Албин Курти и на албанскиот Еди Рама. Експертите со кои контактиравме исклучително сликовито и метафорично се изразија за споменатава ситуација, употребувајќи една стара народна изрека дека „на буништето треба да запее нов петел и дека треба да има само еден“…

Менторство за поделби, а не за сеопшт граѓански интерес

– Влијанието на Курти е повеќе за граѓаните да се определат за едниот или другиот блок во албанскиот политички кампус, а не конкретно за Курти, иако тој и неговата партија се обидоа тука да регистрираат партија, но тоа не се случи. Не би рекол дека тој и неговата партија се толку популарни, туку повеќе влијанието кај луѓето, односно оние што имаат симпатии за Курти да стекнуваат и градат симпатии и кон опозициските албански партии. Она што мислам дека може да биде проблем е што тоа може да доведе до поделба во албанскиот кампус, и политички и кај граѓаните, затоа што со ова веќе имаме надворешен фактор што може да влијае врз тие поделби, кои може да станат и поголеми – вели политичкиот аналитичар Ибрахим Мехмети.
Ваквите превирања, поделби и влијанија во албанскиот политички кампус во Македонија на чуден начин го демаскираат етноцентристичкиот концепт на дејствување на овој етнички политички блок во државата. Се чини како главниот фокус на дејствување и влијанија да е насочен на консолидација и обединување за создавање фронт против националните интереси на мнозинскиот македонски народ, со кој албанските граѓани ги споделуваат животот и сите негови предизвици во државата Македонија. Неодминлив е впечатокот дека потребата за обединување на албанскиот политички фактор, за претстојните избори е во интерес на притисокот за спроведување на уставните измени за внесување на Бугарите во македонскиот устав (кои се наметнати како услов за почеток на преговорите за членство во ЕУ), секако за притоа да се издејствуваат и измени на истиот устав во насока на легитимирање на посакуваната конститутивност на статусот на Албанците во Македонија, односно изедначување со мнозинскиот македонски народ.

Дефицит од општа општествена одговорност и кон граѓаните и кон државата

Обземеноста со етноцентристичка агенда во албанскиот кампус како да им ги „блокира“ политичкото чувство и општата општествена одговорност на кандидатите од албанскиот блок партии на претстојните избори во Македонија во своите програми да изразат ставови за политичкото уредување на земјата, за клучни држави прашања, да се посветат на прашања со економски и социјален предизвик за државата…
– Не е потребна некоја поголема анализа за да се добие впечатокот дека албанските политички партии во Македонија не ја доживуваат државата како нешто кон кое имаат одговорност. И покрај тоа што го споделуваат животот со Македонците и другите малцинства во државата, албанските политичари како и понатаму да се обземени со таа романтичарска фасцинација за голема Албанија. Македонија ја доживуваат како држава од која само бараат права, а спрема која немаат никаква одговорност. Притоа за спроведување на таа нивна албанска агенда, итро ги користат наративите за ЕУ и се оддалечуваат од суштинските национални интереси за Македонија – вели поранешната амбасадорка Мелпомени Корнети.
За влијанието на албанските лидери од регионот врз лидерите на партиите од албанскиот политички блок во Македонија, амбасадорката Корнети смета дека тоа фрла сомнеж врз нивната политичка зрелост.
– Влијанието на косовскиот премиер Курти врз лидерите од албанскиот политички блок во Македонија (не го изземам и влијанието на Рама), еден контроверзен и тежок политичар за соработка дури и за ЕУ, алудира на немање идеја на македонските Албанци како да ја реализираат својата политичка позиција во Македонија. Колку и да тврдат дека демократски ги освоиле институциите во македонското државно уредување, ваквите контроверзни менторства од надворешен албански фактор ја доведуваат во прашање нивната политичка зрелост. Тоа менторство што го бараат е менторство за поделби. Таквото менторство не интегрира ни етнички ни национално. Дури остава простор за констатација дека власта во Македонија за албанскиот политички фактор е преголем залак – ги изразува своите сомнежи амбасадорката Корнети. Ј.П.