Динамичното општество во кое живееме бара ефикасни институции и вештини и знаење од носителите на државниот апарат, но бара и граѓански сектор и одговорни медиуми што ќе бидат коректив за преземените зафати на надлежните.
Поради фактот што имаме дефицит на т.н. „општествен апсорпциски капацитет за решавање на секојдневните проблеми“, а немаме ниту „визија за предвидување и превентивен приод кон предизвиците, проблемите и тешкотиите што надоаѓаат“, ние каскаме зад реалните состојби и предизвици во државата, заостанувајќи сѐ повеќе и повеќе… Проблемите се нижат со голема динамика, не оставајќи ниту простор ниту време општествениот инструментариум да се справи со истите тие во интерес на државата и граѓаните
Дали „немањето решение за реалните проблеми“ се покрива со „барање решенија за новосоздадените тешкотии“
Последниот период македонските граѓани се буквално бомбардирани со редица настани што се нижат како на филмска лента, почнувајќи од последната афера со доделувањето македонско државјанство на контроверзниот Украинец Олександар Онишченко, преку секојдневните дојави за поставени бомби во скопските средни училишта, скандалите со огласите за вработување во МНАВ, високите функционерски плати, меѓуетничките тензии и уште многу ситни скандалозни епизоди со кои секојдневно се пополнува јавниот простор. Проблемите се нижат со голема динамика, не оставајќи ниту простор ниту време општествениот инструментариум да се справи со истите тие во интерес на државата и граѓаните.
Претпоставки за „пиар- дефокус на јавноста“, дали има вистина?
Во јавноста често се среќаваме со тезата дека „исклучително високиот интензитет на случувањата наведува само на еден логичен заклучок дека кога нема вистински решенија за тешката состојба во која од ден на ден запаѓаат македонските граѓани, тогаш наједноставна формула е одвлекување на вниманието на широките народни маси од секојдневните проблеми, така што континуирано ќе бидат бомбардирани со скандали и инциденти врз кои ниту можат да влијаат, а уште помалку да ги решат“. Тоа постои во теоријата на пиар-стратегиите и се нарекува „дефокус на јавноста“, односно се пласира некој скандал што привремено ќе им го одвлече вниманието на луѓето и ќе затскрие реални проблеми што надлежните не знаат да ги решат, иако нивниот мандат е да ги решаваат актуелните проблеми на граѓаните, а не да продуцираат нови. На пример, од анкета со повеќе граѓани, тие навистина имаат впечаток дека јавниот простор е преокупиран со коњички спортови, бомби, тепачки, хонорари, неплатени милионски сметки, а луѓето и натаму мака мачат како да врзат крај со крај поради високите цени и инфлацијата, која ја обезвреднува нивната и онака скромна заработувачка, а компаниите стравуваат дали воопшто ќе можат да опстанат во услови на енергетска и економска криза.
– Цело време само некоја афера избива. И тоа почна да ги има на дневна основа по неколку. Те украинскиот олигарх сега добил македонски пасош, претходно еден куп белосветски криминалци добија македонски пасоши, па ова секојдневие со дојавите за бомби во училиштата, па Арачиново не плаќало струја, сега и клиниките исто, едноставно човек нема време да им се посвети на реалните проблеми. Претходно ако на храна трошев 4.000 денари, сега ми се двојно поголеми давачките. И тоа покачување на платата што ми го дадоа на работа го изеде инфлацијата. И јас сега треба да се заморувам со украински олигарси што се полни како брод, со маалски тепачки, со подметнати пожари, со неплатени сметки, со триста други глупости. Треба државата вистински да се грижи за своите граѓани, а аферите, ако институциите си ја работат работата како што треба, нема ни да се случуваат. Само никој не верува веќе во тоа што се пласира на социјалните мрежи и медиумите. А и народот не е толку наивен веќе и знае добро што е намерно одвлекување на вниманието – вели Горан Столев, приватен занаетчија.
Има „дефицит на институционален капацитет“ за да се решаваат и да се превенираат предизвиците, а не дека некој намерно продуцира дефокус-проблеми
Експертите од различни области (право, економија, политика, социологија и психологија) со кои се консултиравме ја истакнуваат неподготвеноста на македонското општество во целост (институции, надлежни органи, но и внатре во професионалната администрација како поединци, потоа политичките партии и од власта и од опозицијата, невладиниот граѓански сектор), односно дека немаат капацитет да се справат со предизвиците и динамиката на општествените промени.
Според соговорниците, динамичното општество во кое живееме бара ефикасни институции и вештини и знаење од носителите на државниот апарат, но бара и граѓански сектор што ќе биде коректив за преземените зафати на надлежните.
Поради фактот што имаме дефицит на т.н. „општествен апсорпциски капацитет за решавање на секојдневните проблеми“, а немаме ниту „визија за предвидување и превентивен приод кон предизвиците, проблемите и тешкотиите што надоаѓаат“, ние каскаме зад реалните состојби и предизвици во државата, заостанувајќи сѐ повеќе и повеќе. Во таквиот контекст на нискофункционална држава и институционални слабости што влечат корења од осамостојувањето, експертите со кои се консултиравме велат дека нерешените проблеми само ќе се наталожуваат, сѐ повеќе загрозувајќи го нормалниот тек на функционирање на државата и општеството. Според нив, во таквиот контекст, граѓаните имаат впечаток дека некој намерно ги генерира проблемите, дека постои некаков центар на моќ од каде што се трансмитираат тие тешкотии и им го загорчуваат животот на граѓаните и државата. Но соговорниците сметаат дека вината е повеќе во самите нас и дека ние ги генерираме проблемите и ги правиме сѐ поголеми, бидејќи не се справуваме ефикасно со нив, навремено и во моментот кога се појавуваат и кога се и помали и решливи. Сѐ повеќе „ги туркаме под тепих“ и ги оставаме за некои подобри времиња, кои, ако не се решат проблемите тековно, помала е веројатноста да дојдат.
Затоа, мислењето на соговорниците е дека треба да почнеме „од својот двор“! Факт е дека „имаме доволно показатели каде ни се општествените и институционалните слабости“. И ние внатре како граѓани веќе многу добро ги препознаваме, по триесетина години самостојност. Наедно и меѓународната заедница во своите забелешки сѐ почесто ни ги посочува.
Соговорниците подвлекуваат дека е доволен тридеценискиот период во кој се однесувавме како „рогови во вреќа“ и дека веќе конечно стигнал моментот да се согласиме за поширок спектар на области (економски, стопански, енергетски, внатрешнополитички и надворешнополитички). Според аналитичарите, веќе е сосема е јасно дека постои заеднички именител од гореспоменатите општествени области кај сите носители на општествениот живот во Македонија. Препораката, всушност, е дека што побргу се дефинира заедничката цел за државата и граѓаните, толку побрзо ќе се почне со чекорење во тој правец, без разлика по кој пат ќе се чекори, во зависност од владините програми, бидејќи секој од патиштата ќе води кон заедничката цел и кон сеопштиот просперитет и благосостојба.