Она што го очекува македонското малцинство, не само во Албанија туку во целиот регион, е интерес и повик за обединување од институциите на државата Македонија. Ние, како Македонци од соседните држави, бараме да бидеме слушнати од македонската држава. Затоа, наместо да се дебатира дали имало или немало тиранска платформа и да ѝ се дава значење на пропагандата што произлегува од неа, најсоодветен одговор би било да се направи една македонска платформа, со која ќе се истакнат и заштитат правата на македонското малцинство во соседните држави, порачуваат нашите соговорници
Статусот и предизвиците на македонското малцинство во Албанија
За статусот и предизвиците на македонското малцинство во Албанија, претседателот на македонското друштво „Илинден“ од Тирана, Никола Ѓурѓај, е дециден дека во концептот на Уставот на албанската држава не се номинално наведени, па ниту македонското малцинство. Малцинските прашања се регулирани со Законот за малцинства, кој формално е усвоен, но и понатаму не се донесени подзаконските акти со кои тој би станал оперативно функционален во делот на образованието, културата и другите права што им припаѓаат на малцинствата. Според овој закон, усвоен во 2017 година, Ѓурѓај вели дека правно е надмината онаа состојба Македонците да можат да ги остваруваат своите малцински права само во регионот на Мала Преспа. Односно во овој текст на законот, во кој се наведени малцинствата во Албанија, не се споменуваат региони, па тој треба да е ефективен на територијата на целата држава. Никола Ѓурѓај, претседателот на македонското друштво „Илинден“ – Тирана, истакнува дека иако Македонците во Албанија по бројност се второ малцинство (по грчкото), нивните права се многу помали од правата на албанското малцинство во Македонија. Последниве петнаесетина години, покрај нивните иницијативи и борба за некаков реципрочен статус на македонското малцинство во Албанија и албанското во Македонија, се соочени со особен предизвик од бугарската пропаганда за наметнување на бугарското малцинство на сметка на македонското во Албанија.
– Ние, како македонско малцинство во Албанија, на своевиден начин сме колатерална штета на плановите и стратегијата на Бугарија да ја опколи Македонија со бугарско малцинство. На бугарските политичари им успеа, под слична уцена со ветото за ЕУ, да ги внесат Бугарите во Законот за малцинства во Албанија, а сега се обидуваат да го направат тоа и во Косово. Во Србија веќе имаат малцински статус Бугарите. Но во Албанија и во Косово нема Бугари, па се настојува тоа да се направи на штета на Македонците што се дел од овие држави. Албанија како држава речиси педесетина години беше изолирана, па тешко одеше комуникацијата преку границата со Македонија, а не пак со Бугарија. Во Албанија никогаш немало Бугари, а сега сме соочени со тоа да се справуваме со бугарската пропаганда во Албанија – вели Никола Ѓурѓај.
За прашањето за некаков уставен реципроцитет во статусот на македонското малцинство во Албанија, сличен на албанското во Македонија, Ѓурѓај вели дека тие не очекуваат таква иницијатива ниту од албанската држава ниту од албанското малцинство во Македонија. Она што го очекува македонското малцинство, не само во Албанија туку во целиот регион, е интерес и повик за обединување од институциите на државата Македонија.
– Тоа што албанскиот премиер Еди Рама ги повикува Албанците од регионот е легитимно, но ние како македонско малцинство не очекуваме од нив да се интересираат за нашите права. Тоа го очекуваме од Македонија, од македонските институции и политичари. Наместо медиумите од Македонија да расправаат дали имало или немало тиранска платформа и да ѝ даваат значење на пропагандата што произлегува од неа, најсоодветен одговор би било да се направи една македонска платформа. Некоја македонска институција да нѐ повика и да ги слушне барањата на Македонците што како малцинство живеат во државите во регионот: во Албанија, Грција, Бугарија… Во Уставот на Албанија постои член дека државата се грижи за сите Албанци, каде и да се. За жал, ние како Македонци надвор од Македонија сме избришани од македонскиот устав. Институциите на албанската држава ги повикуваат Албанците од регионот да ги слушнат нивните барања. А ние, како Македонци од соседните држави, бараме да бидеме слушнати од македонската држава. Сепак, добро би било претседателот Пендаровски или премиерот Ковачевски да нѐ повикаат нас, претставниците на Македонците од регионот, на некое новогодишно кафе во Скопје, па нека се прашуваат во регионот дали се прави македонска платформа – порачува Никола Ѓурѓај, претседателот на македонското друштво „Илинден“ од Тирана.
И во албанскиот устав нема наброено малцинства
За статусот и предизвиците на македонското малцинство во Албанија свое видување имаат и политичките аналитичари и дипломати.
– Добро е што ја отворивте темата, бидејќи и во албанскиот устав нема наброено малцинства, туку постои само членот 20, кој им гарантира на малцинствата право на образование, здружување и слично, ама без да спомене кои се малцинствата. Карактеристично за Македонците во Албанија е што имаат статус на малцинство, но само оние што живеат во областа Мала Преспа. А тоа се само неколку проценти од вкупниот број Македонци што живеат во Албанија. Во голем број Македонците ги има во градовите Тирана, Драч, Елбасан… Со други зборови, малцинските права во Албанија се крајно лимитирани и тоа е наш силен аргумент да им возвратиме во нивната сегашна жестока офанзива да ги ставиме и непостојните Бугари во нашиот, македонскиот устав. За разлика од нашите политичари, кои распродаваат за џабе сѐ што е македонско, сите други ги бранат сопствените интереси. Да немаме дилеми дека поголем интерес на Тирана е да влезат Бугарите во македонскиот устав, за да започне процес на бугаризација на Македонците (што води директно во голема Албанија), отколку наш, бидејќи сѐ укажува дека Македонија нема да влезе во ЕУ во наредните 20 години – вели Ристо Никовски, поранешен македонски амбасадор во Тирана, Албанија.
Тоа што во уставите на Бугарија и на Албанија не се споменуваат
малцинствата не значи дека имаат граѓански устави
Изговорите што ги користат соседите, кои имаат претензии за интервенции во македонскиот устав, зошто во нивните устави ги нема Македонците како малцинство, најчесто се сведуваат дека нивните устави биле граѓански.
– Тоа што во уставите на Бугарија и на Албанија не се споменуваат малцинствата не значи дека имаат граѓански устави. Таквите устави не се демократски, туку повеќе личат на устави на тоталитарни држави. Без оглед на тоа што во преамбулите на овие устави на соседите не се наведуваат малцинствата, државите како дел од меѓународната заедница имаат потпишано конвенции, а со тоа се должни да овозможат спроведување на човековите права и граѓански слободи за сите свои граѓани, во чиј корпус се подразбира и почитување на правото за здружување на националните малцинства. Што се однесува до статусот на малцинствата во Албанија, односно на македонското малцинство таму, тој не е експлицитно наведен во Уставот. Малцинските права се регулирани со Закон за национални малцинства, донесен во 2017 година, по препорака на Советот на Европа и ОБСЕ. Во овој закон, во последен миг, под притисок на Софија, како малцинство во Албанија беа внесени и Бугарите. Сепак, фактичката состојба е дека во Македонија, во Албанија и во Косово нема Бугари. Мислам дека и Бугарија има закон за малцинства, во кој се наведени триесетина малцинства, но не и македонското малцинство. Ваквата уставна состојба со почитување на правата на македонското малцинство во соседните Албанија и Бугарија не остава никаков простор за нивните барања за внесување на Бугарите во Уставот на Македонија. Последните настани со парадата на бугарскиот национализам во Скопје, и без да бидат наведени во македонскиот устав, се сосема илустративен показ што би се случувало во и со Македонија доколку бидат дел од уставната преамбула – вели Тодор Петров, претседател на Светскиот македонски конгрес.
Во таа насока албанските политички лидери што неодамна беа во Тирана на средба со албанскиот премиер Еди Рама требаше да го постават и прашањето за зголемување на правата на македонското малцинство во Албанија. Така, наместо да праќаат пораки за внесување на Бугарите во македонскиот устав, тие пред Рама требаше да побараат внесување на Македонците во албанскиот устав и давања исти права како што ужива и албанското малцинство во Македонија. Само на тој начин ќе ја одиграа улогата на мост за соработка помеѓу двете држави.