Германскиот претседател Франк Валтер Штајнмајер при посетата на Македонија се повика на зборовите и делата на големите македонски великани Блаже Конески и Петре М. Андреевски, сакајќи да прозвучи поуверливо и сентиментално во своите пораки, кои во суштина ги демаскираат обидите однадвор за разнебитување на Македонија. Но, очигледно, германскиот гостин погрешно ги одбра и Конески и Андреевски, кои уште многу одамна го предвидоа денешното лицемерство на Европа.
„Ќе дојде време на лажни пророци / што божем во мое име / ќе ве збираат по плоштадите, / ќе креваат врева до небеси, / ќе се бувтаат во градите. / Немојте да им верувате! Тие мислат само на себеси. / Бес ги распина внатре /душите да ви ги затре./ Тие варосани гробови!/ Не да им станете робови!“, порача Конески во незаборавната „Лажни пророци“
Блаже Конески точно предвиде – дојде времето на лажните пророци
Европската дипломатска офанзива за промена на македонскиот устав и вметнување на Бугарите добива сè поголем интензитет, така што без оглед на дебатата што веќе некое време се одвива во државава „за“ и „против“ уставни измени, Европа веќе не избира средства како да ја оствари оваа најнова бугарска цел.
Кон тоа се приклучи и германскиот претседател Франк Валтер Штајнмајер, кој дводневната посета на земјава ја искористи да испрати порака до политичарите, но и до македонските граѓани, да не скршнуваат од патот на ЕУ, бидејќи, како што рече, сега не е време за националистички призвуци. Свесен дека сите европски политичари го имаат загубено кредибилитетот пред македонските граѓани, кои повеќе не веруваат во никакви европски ветувања, германскиот претседател се обиде да игра на картата на сентименталност, цитирајќи делови од романот „Пиреј“ на Петре М. Андреевски и стихови од поезијата на Блаже Конески.
– Во романот на векот „Пиреј“, Петре М. Андреевски на впечатлив начин ја опишува судбината на Македонците Јон и Велика во почетокот на 20 век. Овој роман ни предочува, покрај сето страдање, дека има нешто што е посилно и поважно од националистичките интереси и политичките несогласувања. Нескротливиот копнеж за мирен живот. Тој копнеж верувам дека постои и денес, го има секаде во Европа, тој постои и тука. И сто години по објавувањето на овој роман, дозволете на овој нескротлив копнеж за мир и слобода да му дадеме заедничка татковина во Европа – рече Штајнмајер.
Понатаму, сакајќи да остави добар впечаток, германскиот претседател се наврати и на зборовите на големиот Блаже Конески, дека „јазикот е наша татковина“.
Очигледно Штајнмајер одбра погрешни личности за цитирање, бидејќи ако малку подобро проникнеше во нивните пораки, тогаш ќе увидеше дека „нескротливиот копнеж за мирен живот“ не е ништо друго туку гласен крик до сите оние што сакаат да го разнебитат македонскиот народ конечно да го остават да си живее мирно и спокојно на ова мало парче земја во срцето на Балканот. Германскиот гостин погрешно го одбра и Конески, кој уште многу одамна, небаре пророк, го предвиде денешното лицемерство на Европа.
„Ќе дојде време на лажни пророци / што божем во мое име / ќе ве збираат по плоштадите, / ќе креваат врева до небеси, / ќе се бувтаат во градите. / Немојте да им верувате! Тие мислат само на себеси. / Бес ги распина внатре /душите да ви ги затре./ Тие варосани гробови!/ Не да им станете робови!“, порача Конески во незаборавната „Лажни пророци“.
Едно е сигурно, да беа живи, обајцата македонски великани никогаш немаше да дозволат вакво разнебитување на македонската држава и обезличување на македонскиот идентитет, јазик, историја и култура. Тоа го оставиле како аманет во своите дела, аманет што сега некој сака да го протолкува поинаку и да го стави во поинаков контекст, кој е далеку од реалноста.
Македонците ги знаат пораките на Андреевски и на Конески, ги знае ли Европа?
Македонските граѓани многу добро знаат кои биле и Андреевски и Конески, така што нема потреба од „поетско-прозни“ европски толкувања и беседи ако ЕУ не го реши проблемот со Бугарија и нејзината анахрона негаторска и геноцидна политика кон цел еден народ, неговиот идентитет, јазик и историја.
Без оглед што Штајнмајер се обиде да ги фати Македонците на сентименталност, тоа веќе не поминува. Можеби пратениците во Собранието ќе му аплаудираат, политичарите ќе го величаат и ќе се фотографираат со него, но меѓу обичните граѓани тој ќе остане уште еден во низата што дошол тука поради европските, а никако македонските интереси. Едноставно, од многуте разочарувања од Европа, не остана ниту малку сентимент што може да се разбуди кај овој напатен македонски народ, дури ни тогаш кога германски претседател цитира македонски дејци.
Академик Катица Ќулафкова се согласува дека европските политичари користат поинаков пристап знаејќи дека македонските граѓани се емоционални.
– Очигледно е дека се игра и на таа карта на сентименталност. Знаат луѓето што го брифираат германскиот претседател дека Македонците реагираат емоционално, дека е дојдена точка на вриење, но нема кој да ја поведе државата во вистинска насока. Од една страна Штајнмајер ни вели дека треба да направиме компромис околу уставните измени, но од друга страна нè опоменува така што ни посочува дека одговорноста на одлуките што ќе треба да ги донесеме ќе биде само наша и на некој начин нè охрабрува да си го тераме својот национален интерес – вели Ќулафкова.
Според неа, европските политичари се свесни дека ги изневериле сите македонски очекувања и затоа сакаат и поинаку да допрат до македонските граѓани.
– Тие се свесни дека претерале, свесни се за сопствената вина, но повторно целата вина сакаат да ни ја префрлат нам и на некој начин еве сега сакаат малку да нè трогнат со цитатите на Петре М. Андреевски и Блаже Конески, демек се загрижени за нашата иднина, ама од друга страна велат никако да не ја испуштаме европската шанса, која вака како што е понудена за нас е погубна. Треба ние да направиме пресврт во нашето однесување оти неколку опомени добивавме и порано кога се разговараше за идентитетските прашања, за историјата, за јазикот. Тоа се прашања што не треба да се спомнат во какви било преговори – појаснува Ќулафкова.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски смета дека европските политичари секогаш ќе ни го кажат она што сакаме да го слушнеме, но дека изневерените очекувања повеќе не можат да се дополнат со цитати од дела на македонски писатели и поети.
– Научивме дека европските политичари доаѓаат тука и ти го кажуваат тоа што сакаш да го слушнеш, а сето тоа да звучи импресивно. Таков е случајот и со цитирањето на Андреевски и на Конески. Порано паѓавме на тие нивни финти, но тоа повеќе не е случај. Во суштина, сите доаѓаат со една намера, само да се потврдат бугарските барања, и тоа го кажуваат преку еден дипломатски речник – вели Пекевски.
Тој додава уште и дека македонските граѓани отрпнале на сите тие убави зборови и фалби, бидејќи немаат никаква бенефиција од нив.
– Мачно е да ги гледаме оние лажни додворувања од нивна страна и наводната поддршка што ја добиваме. Ништо не добиваме, веќе е прозрено тоа. Ова само им годи на домашните политичари за да се сликаат со високите гости, додека обичните луѓе немаат ништо од тоа и затоа тие не им веруваат, без оглед на сите умилкувања и играња на сентименталната карта. Ќе дојдат, ќе извршат некаков притисок и толку е нивната агенда. Дури и самите се свесни колку е лицемерна таа политика, но генерално не им е гајле за тоа – заклучува Пекевски.