Фото: Игор Бансколиев

Повеќе од една година функционирањето и работата на Уставниот суд се блокирани поради неекипираност и партиско-политички надмудрувања и расправања. Во светски рамки не постои држава во која не функционира уставниот суд, кој се смета за главен заштитник на уставноправниот поредок на секоја земја. За Македонија, која неодамна го започна скринингот со ЕУ, токму владеењето на правото е клучната одредница од која зависи нејзината интеграција. За жал, како што моментално стојат работите, очигледно како никому да не му е грижа за заштита на уставноста и законитоста, а уште помалку за владеењето на правото

Со нефункционалноста на уставниот суд загрозени уставноста и законитоста

Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија уште еднаш покажа дека владеењето на правото и спроведувањето на законите се клучни елементи за подготвеноста на една земја да се приклучи кон Европската Унија, но примерот со (не)функционирањето на Уставниот суд покажува дека политичарите не ги сфаќаат сериозно забелешките од Брисел и продолжуваат да тераат партиска политика во судството.
Имено, подолго од една година трае сагата за потребата од пополнување на испразнетите места за судии во Уставниот суд, така што наместо да биде во полн состав со девет судии, Судот сега работи со пет, а за нецели два месеца ќе остане со четворица судии поради пензионирање на уште еден судија, со што оваа институција по 31 година функционирање во независна Македонија би можела да престане да постои.
Изборот на нови судии остана заглавен во Собранието поради политичките надмудрувања и обвинувања. Власта обвинува дека на опозицијата ѝ одговара да не функционира судството поради, како што велат, огромниот криминален багаж што го има, а опозициските пратеници враќаат така што ја обвинуваат власта дека во Уставниот суд сака да инсталира партиски подобни судии што ќе постапуваат по партиска директива.
Во целата оваа политичка какофонија, само една работа е јасна, дека ако Уставниот суд не профункционира, тогаш ќе нема кој да ги контролира уставноста и законитоста, да решава за судирот на надлежности на законодавната, извршната и судската власт, да одлучува за одговорноста на претседателот, но ќе нема ни кој да ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот.

За ЕУ, граѓанските права и слободи, како и владеењето на правото преку почитување и спроведување на законите, се клучните елементи за напредок во преговорите, во спротивно Македонија и натаму ќе остане заглавена во долг и неизвесен преговарачки процес, на кој нема да му се гледа крајот. Дополнително, сликата со нефункционалниот Уставен суд што ја остава земјава пред европските партнери е крајно лоша и со тоа само дополнително ќе им се дадат аргументи на противниците на проширувањето дека не е само Бугарија пречка, со своите неразумни условувања, туку дека има и објективна пречка, а тоа е нефункционирањето на правото и институциите што треба да го спроведуваат.
Нема држава во светот во која не функционира уставниот суд, кој се смета за главен заштитник на уставниот поредок и столб на правниот систем на една земја, а како што кај нас се одвиваат работите, очигледно никој не води грижа за заштита на уставниот поредок, а уште помалку за владеењето на правото.
– Со ваквото однесување испраќаме крајно лоша порака пред Европа, со оглед на фактот дека Уставниот суд е институција што ги штити уставноста и законитоста, како и слободите и правата на граѓанинот. Со оглед на тоа што судот не може да функционира, а со четири судии воопшто не може да ја врши својата дејност, тоа значи дека не се остварува неговата уставна функција. Тоа не е слабост само на Уставниот суд туку е слабост на целата држава, бидејќи нема уставност и законитост, а тоа значи дека не се остварува темелниот принцип за владеење на правото – вели поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски.
Според него, политичарите мора да се издигнат над партиските интереси и да дејствуваат во интерес на државата и нејзиниот углед, пред сè во очите на меѓународната заедница.

– Политичарите мора да се вразумат и да најдат некакво палијативно решение. Под вакво решение подразбирам тоа што веќе се утврдени имињата на двајца судии, има можност уште еден кандидат да назначи Судскиот совет независно од Комисијата за избори и именувања на Собранието, па на тој начин може да се случи да се изберат двајца или тројца судии и со самото тоа би се надминала сегашната криза околу изборот на уставните судии и функционалноста на Судот – појаснува Ивановски.
Тој проблемот за неизборот на судиите го гледа во неможноста во Собранието да се обезбеди потребно мнозинство за гласање на предложените кандидати.
– Ако Собранието има 61 функционален пратеник, тоа значи ако позицијата го има тоа мнозинство, не е воопшто проблем да се избегне кризата со Уставниот суд, иако таа криза ни донесе голема неавторитетност на самата држава, со оглед на тоа што 17 месеци овој Уставен суд се мачи, не дека претходно беше некаков шампион во работењето, но со ова целосно се дезавуира неговата улога. Ако во следниот период не се изберат судиите, не би сакал да поверувам дека партиите би допуштиле таква глупост, односно сите одговорни фактори во државата, вклучувајќи ги претседателот, Владата, Собранието, кое е најодговорно за ова, мислам дека доколку би се допуштила таква лакрдија, Европа ќе дојде до заклучок дека ние не ги исполнуваме основните елементи за какво било евроатлантско интегрирање – истакнува Ивановски.
Поранешниот прв човек на Уставниот суд смета дека ова што го прават политичките партии е само, како што вели, пимплање, без да ја сфатат важноста државата да излезе од овој уставен ќор-сокак.

– Сета одговорност ако Уставниот суд не се комплетира и оваа криза продолжи, ја има постојната власт, бидејќи не може да ги менаџира проблемите во државата. Ако може да обезбеди мнозинство, може да избере и еден судија, двајца, тројца, дури може да ги избере и петтемина судии одеднаш, со што Уставниот суд ќе се комплетира. Но, еве, не мора сите да бидат избрани на една седница, макар да е и корисно и тоа ја подразбира вредноста на владеењето на правото, но доколку не е можно тоа, сепак изборот на секој судија е индивидуален. Може да се избира еден по еден судија, кој ќе го добие мнозинството на пратениците, тој ќе биде избран – потенцира Ивановски.
Негово мислење е дека за да се надмине оваа криза со изборот на уставни судии и да се прати позитивна порака кон Европа, потребна е политичка волја на сите политички чинители во земјата.
– Ако се има волја, може сè да се совлада. Иако малку како држава се извалкавме, сепак не се потонати сите бродови. Но, за жал, по сè изгледа како да нема интерес да се одвиваат работите како што треба да се одвиваат. Тие се евтините трикови меѓу позиција и опозиција, кој е подобар, кој е полош, кој што предлага, кој не предлага, меѓутоа сите тие партиски игри, поточно интереси да продолжи криминалот, мислам дека ги надминуваат сите граници и дека тоа треба да исчезне. Во спротивно, ако продолжат така, тие ќе дозволат исчезнување на една држава и еден систем и како да не се свесни за тоа. Тука не е битна ниту една партија, сите имаат одговорност, но ако дозволат да престане да функционира Уставниот суд, последици ќе имаме ние, граѓаните, за жал. А тоа нема да го толерира ниту Европа – заклучува Ивановски.


Загрозена шестдецениската уставна традиција

Македонија важи за држава со долга уставна традиција, а во 2024-та треба да прослави 60 години постоење на уставното судство. Уставниот суд функционира според уставните одредби од 1991 година и Деловник од 1992 година.
Во моментот, Уставниот суд е на работ на кворум за работа, односно наместо девет судии, сега има пет, а на почетокот на декември ќе бидат четири, односно претседателката Добрила Кацарска и тројца судии.
Во декември ѝ истекува мандатот на судијката Вангелина Маркудова, со што судот останува со четворица судии. Претходно, во 2021-та, им истече мандатот на Сали Мурати, Никола Ивановски и Елена Гошева, а потоа и на судијата Јован Јосифовски. Кога Маркудова ќе замине во пензија, ќе останат претседателката Кацарска и судијата Насер Ајдари, како и Осман Кадриу и Дарко Костадиновски, двајцата доктори на науки.
Според Уставот, Собранието ги избира судиите на Уставниот суд со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Мандатот на судиите трае девет години, без право на повторен избор. Судиите се избираат од редот на „Истакнати правници“.