ОН и во минатото правеа слични провокации за да го напипаат пулсот на јавноста во земјава, па пред нешто повеќе од десетина години, „ненамерно“ го избришаа зборот „македонски“ пред официјалниот јазик на државата, а променета беше и националноста, каде што наместо „македонска“, се појави терминот „граѓани на ПЈРМ“. Очигледно овој експеримент на ОН воопшто не бил „грешка“ како што објаснуваа тогаш службите во светската организација, туку „пилот-проект“ што токму сега се реализира. А за последниов случај и во нашето истражување е констатирано дека на официјалната веб-страница на ОН, јазикот и натаму стои како „македонски“, но извори за „Нова Македонија“ велат дека од почетокот на годината веќе се применува практиката за која се алармираше. Се разбира дека промената на наша штета нема да се случи прекуноќ, туку најпрво се оди со препорака за да се „одомаќини“ употребата на терминот „јазикот на РСМ“ меѓу службите во ОН, по што по извесно време би следувала и официјализација на оваа практика…

Интерната препорака за употреба на терминот „јазикот на РСМ“ меѓу службите во ООН како повод

Откако беше реализирана промената на името на нашата држава со додавањето географска одредница, не запираат активности однадвор, во одредени држави и во меѓународни институции, во кои се забележуваат индикатори што упатуваат на уште посилна агресија кон нас, во насока на наша национална деноминација, почнувајќи од името на нашиот народ, со некакви кованици, па сè до (пре)именувањето на нашиот македонски јазик. Не само што во овој проект активно учествуваат центрите на моќ од нашето соседство, чија веќе толку очигледна намера е да се избришат македонскиот народ и сите негови обележја, туку уште пофатално е што во ваквото сценарио влегуваат и одредени меѓународни институции.
Имено, сè почесто се слушаат термините „северномакедонци“ и „северномакедонски“ како ознака за народот и јазикот, што несомнено е резултат на променетото име, врз кое сега се гради еден нов франкештајновски идентитет, а стариот изворен македонски идентитет неосновано се сака да се присвојува од соседите.

Добронамерното укажување на изворите е повеќе од потребно

Во таа насока може да се протолкува токму интерната препорака во Секретаријатот на Обединетите нации, во која на службите им било препорачано да го користат терминот „јазикот на РСМ“, наместо „македонски јазик“.
На официјалната веб-страница на ОН, јазикот и натаму стои како „македонски“, но извори за „Нова Македонија“ велат дека од почетокот на годината веќе се применува ваквата практика, со тоа што промената нема да се случи прекуноќ, туку најпрво се оди со препорака за да се „одомаќини“ употребата на терминот „јазикот на РСМ“ меѓу службите во ОН, по што по извесно време би следувала и официјализација на оваа практика.
ОН и во минатото правеа слични провокации и лансираа пробни балони за да го напипаат пулсот на јавноста во земјава, па пред нешто повеќе од десетина години, „ненамерно“ го избришаа зборот „македонски“ пред официјалниот јазик на државата, а променета беше и националноста, каде што наместо „македонска“, се појави терминот „граѓани на ПЈРМ“.
Очигледно овој експеримент на ОН воопшто не бил „грешка“ како што објаснуваа тогаш службите во светската организација, туку „пилот-проект“ што токму сега се реализира според истото претходно зацртано сценарио.
Од тие причини, добронамерното укажување на извори е повеќе од потребно, за надлежните служби од постојаната мисија на земјава во ОН подобро да ги проверат информациите околу новите препораки и соодветно да реагираат, за да не ни се случи да го загубиме и македонскиот јазик во ОН. На тоа предупредуваат и амбасадорите и дипломатите со кои се консултираше весникот и кои ги посочуваат сите механизми со кои државата треба навреме да ги спречи ваквите појави.
– Ако постои таква препорака, тогаш треба веднаш да се реагира. За тоа треба веднаш да се информира амбасадорот при постојаната мисија на Македонија во ОН, а тој, ако се потврди информацијата, директно треба да се јави до генералниот секретар на ОН и да му укаже за оваа недоследност – вели Слободан Ташовски, амбасадор, кој своевремено беше на челната функција при постојаната мисија на земјава во ОН.
Според него, актуелниот македонски амбасадор во ОН треба да провери дали постои ваква интерна препорака, а ако сомнежите се потврдат, тогаш мора да преземе итни чекори.
– Амбасадорот телефонски се јавува кај генералниот секретар Антонио Гутереш и бара средба со него, на која ќе го информира за своите сознанија. Интерните препораки ги даваат некои помошници внатре во организацијата и тие работи не се исклучени, но затоа нашиот амбасадор мора да реагира и да ги преземе сите процедури што му стојат на располагање – појаснува Ташовски.

И во НАТО имаше одвреме-навреме појава на вакви препораки

Многу подетално механизмите со кои македонските претставници во меѓународните организации можат да ги спречат интерните препораки што се на штета на земјава ги појаснува Зоран Дабиќ, поранешен македонски амбасадор во НАТО.
– Бев амбасадор во НАТО и секогаш кога ќе се користеше неправилно име, веднаш пишував нота до генералниот секретар и до службите. Во овој случај, најмалку што може да направи амбасадорот во Њујорк е да му се обрати на генералниот секретар и да бара објаснување. Секогаш истите тие генерални секретари подоцна се срамеле, објаснуваа дека е некаква техничка грешка и слично – вели Дабиќ.
Тој појаснува дека тоа е основата алатка што може да ја употреби нашата мисија во ОН.
– Треба да се реагира едноставно и најдиректно, наедно да се праша врз основа на кој акт и кој документ е користено тоа име, но и да се замоли тоа да не се користи повеќе во иднина – појаснува Дабиќ.
За него воопшто не се изненадувачки ваквите интерни препораки со задни намери што се случувале и во времето додека тој бил амбасадор во НАТО, така што не би бил изненаден тоа да се прави и во ОН.
– И во НАТО имаше одвреме-навреме појава на вакви препораки, да не речам провокации. Таму имаше разни оддели и во еден оддел за стандарди имаше Грк, кој повремено ќе протуреше некои кратенки што не беа дозволени, но беа спречувани од наша страна. Апсолутно може да има провокации, но затоа треба да се реагира. Најважно од сè е амбасадорот веднаш да изреагира и неговата реакција да биде доволно силна – категоричен е Дабиќ.
Тргајќи од основните модуси на функционирањето на меѓународното право, поранешниот македонски амбасадор во НАТО тврди дека секаква промена, па макар и за интерна употреба, треба да е со наша согласност, а не да се одвива тајно.
– Македонија е членка на ОН и не смее да се случи употреба на некакво име за интерна употреба без наша консултација и согласност. Секое нереагирање, односно непостапување, значи дека ние молкум се согласуваме. Самата провокација е една цел и тоа помала. Поважната цел е подолгорочна – создавање перцепција дека новото ословување е регуларно и неговото зацврстување прво во неформалната комуникација. Кога ќе се процени, тогаш би се направил и обид за негово формализирање. Ова бара секојдневно отворање очи и ургентно интервенирање во секој поединечен случај, со наведување на документот каде што се прави тоа. Неинтервенирањето од наша страна (амбасадорот, со нота) е непостапување со штетна последица – категоричен е Дабиќ.

Ако работата ескалира, тогаш треба да постапува МНР

Поранешниот македонски амбасадор во НАТО, Зоран Дабиќ, вели дека следен чекор ако целата работа отиде предалеку и ескалира, е реакција од страна на министерот за надворешни работи.
– Ако работата ескалира, тогаш треба да постапува министерот. Обично работите не одат дотаму бидејќи во најголем број случаи работата се завршува на амбасадорско ниво, на начин што се пишува дискретна нота до генералниот секретар, до службите и тоа е дипломатска практика. Ако работата дојде до министерот, тоа е веќе премногу. Тука се вклучува и јавноста, а ниту една организација не го сака тоа. Процедурите се тие – објаснува Дабиќ.
Во меѓувреме, „Нова Македонија“ постојано се обидува да стапи во контакт по електронски пат и со постојаната мисија на Македонија во ОН за да добие информација дали и нашите претставници имаат сознанија за ваквите интерни препораки во Секретаријатот на ОН за употреба на терминот „јазикот на РСМ“, но до затворањето и на овој број на изданието, за жал, не добивме повратен одговор.