Фото: Маја Јаневска-Илиева

Јасно дека на земјоделските производи, особено во услови на нерегулиран пазар каков што е македонскиот, тешко е да им се определи вредноста, но сезонските, годишните и секакви други осцилации, дефинитивно ги обесхрабруваат земјоделците, потрошувачите ги оставаат без стабилно снабдување со продукти, а на трговците им даваат можност за неограничени манипулации со цените

КОЈ ДА МУ ЈА ПОКАЖЕ НА ЗЕМЈОДЕЛСТВОТО ВИСТИНСКАТА НАСОКА

Овошјето што со својот вкус и мирис досега неизоставно го дополнуваше уживањето во долгите летни денови и кое, според легендата, ја крие тајната на здравјето и на долговечноста на македонските далечни роднини, Хунзи, а притоа важи и за една од најпогодните култури за одгледување во Македонија, на зелените пазари и во маркетите во Скопје, минатиот викенд се продаваше за 150 денари по килограм. Некој можеби ќе рече дека во период на вртоглав раст на цените на основните животни намирници, тоа и не е некоја новост за споделување, но, сепак, тешко е да се одбегне споредбата со состојбата од пред само неколку години, кога килограм кајсии, во овој период од годината, можеше да се купи за по 50 или 60 денари, колку што сега треба да се плати за килограм банани, кои се одгледуваат дури од далечната Јужна Америка. Вистина, љубителите на кајсии и во текот на нивната ланска сезона мораа подлабоко да посегнат во своите џебови за да уживаат во омиленото овошје. А тоа веќе наведува на помислата дека, во случајов, не станува збор само за некаква моментална осцилација на пазарот туку за загрижувачка тенденција, поради што наместо да им се лутиме на трговците, кои толку скапо ги продаваат кајсиите, тргнавме да ги бараме производителите низ вообичаено со плодови обилно надарената Тиквешија.

Искрено, освен богат принос, очекуваме и цени поскромни од тие во метрополата, а надежите ни ги подгреваше и попатниот впечаток дека тамошните овоштари пролетва добро си ја завршиле работата. И покрај големиот дел неискористени земјоделски површини, па и очигледно запуштени посеви и насади, сепак, доминираа, повеќе или помалку, уредно одржувани земјоделски парцели, барем според она што можеа да го досегнат нашите погледи и фотографскиот објектив, додека се возевме по патот низ регионот благословен со мошне плодна почва и со реките какви што се Вардар, Црна Река, Раечка Река, Дошница, Бошава, но и познатото Тиквешко Езеро.

Сепак, очекуваниот амбиент на интензивни активности поврзани со бербата и продажбата на раното овошје во тој регион се сведе на глетката на по неколку мошне сиромашни тезги на зелените пазари со цени во однос на квалитетот ништо пониски од скопските и на по неколку комбиња со скиснати возачи групирани на местата што беа означени како кванташки, што, целосно ја урна нашата претстава за Тиквешијата, низ која во овој период од годината би требало да врват транспортери со ладилници, носејќи ја драгоцената стока до пазарите во државата и надвор од неа.
– Што да извезуваме, кога ни тука не можеме да го продадеме ова малку што со тешки маки сме го одгледале. Првиот род ни отиде поради мразот. Вториот род, еве, гледате, ваков каков што е, остана без наводнување токму кога му беше најпотребно бидејќи „Водостопанството“ наместо кон средината на април како што е предвидено, ни ја пушти водата дури на почетокот на овој месец – објаснува росоманката Нада Јованова, која на тамошниот пазар желно чека купувачи за нејзините производи, меѓу кои и кајсиите од кои едните ги продава за сто денари по килограм, а вторите по 150 денари за два килограми.

Во што е разликата, не знае да објасни, освен што вели дека вторите ѝ се „отепани“. За сортите ништо не знае да каже и се жали дека не само за кајсиите туку ни за самата себе веќе не може да води сметка.
– А што да ви кажам, не само што немаше вода за кајсиите туку и за нас, за да се измиеме нема вода. Како јас, по работата на нивата, да дојдам на пазар неизмиена, а вода повеќе нема одошто има. Лани, целиот род на кајсијата ни го уништи мразот. Оваа година, тоа што не го уништи мразот, подоцна го уништи сушата зашто не ни ја пуштија водата навреме. Ја пуштија дури кога лозјето требаше да се вади – објаснува повозрасната жена, револтирано мавтајќи со рацете со исушената и од сонцето потемнета кожа.
Таа и нејзиното семејство, од околу осум декари земја, извадиле едвај 300 килограми кајсии. Поради нередовното наводнување, скапиот бензин неопходен за механизацијата, неквалитетните, но мошне скапи репроматеријали, од едно дрвце, како што вели, по едвај 20 плода собирале.
Уште појадовито настапи жената што на поминување разбра за што станува збор.

– Од сѐ ќе се откажеме. Ништо не се исплати. Колку треба ние да вложиме за да одгледаме нешто на земјата додека властите само нѐ саботираат. Со наводнувањето мајтап си прават, патиштата ги запуштија, од трње до ниви не можеме да пристапиме, а да не ви зборувам за тоа што сме принудени да купуваме секакви неконтролирани семиња, садници, ѓубрива, пестициди и средства за прехранување. Не само што се неквалитетни туку се и прескапи. И кога на сето тоа ќе се додадат и сѐ поскапите горива испаѓа дека ние, земјоделците, сме најголемите будали – револтирано ни упаѓа во муабетот велешанката Катерина, која секојдневно доаѓа во Росоман за да работи на своите ниви.

Јасно дека на земјоделските производи, особено во услови на нерегулиран пазар каков што е македонскиот, тешко е да им се определи вредноста, но сезонските, годишните и секакви други осцилации, дефинитивно ги обесхрабруваат земјоделците, потрошувачите ги оставаат без стабилно снабдување со продукти, а на трговците им даваат можност за неограничени манипулации со цените.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, пред некој ден најави дека инспекциските служби ќе утврдуваат дали порастот на цените во малопродажбата е реален, по што Владата ќе ги објави сите компании што направиле вештачки скок на цените, што, се разбира, се однесува на индустриските продукти, но засега нема објаснување дали и како во овие нестабилни времиња ќе се регулира пазарот на земјоделските производи.

– Дека има вртоглаво и вештачко зголемување на цените кажав и минатата недела. Еве, два примера зошто го тврдев тоа. За само два дена, маржата на добивка кај тестенина од еден производител, пораснала од четири проценти на 31 мај на 72,5 проценти т.е. граѓаните плаќаат 65 проценти повисока маржа на добивка за тестенина од еден производител – изјави пред некој ден Битиќи.
Инаку, кајсијата важи, или барем досега важеше, за еден од најодгледуваните видови традиционално овошје на овие простори. По Втората светска војна, според достапните извори, производството на кајсии во Македонија изнесувало околу 2.700 тони. Во последната декада од социјалистичкиот период (1980–1990) површините под плантажни насади достигнаа до 900 хектари, а производството до 12.000 тони. Со приватизацијата и влошувањето на состојбата во општествениот сектор, насадите се напуштени, а производството нагло опаднало. Последниве години официјалната статистика регистрира 140.000 родни стебла кајсии, со производство меѓу 2.000 и 4.000 тона, а неофицијалните информации говорат дека се произведуваат само околу една илјада тони годишно.
Иако, барем, според експертите, условите во Македонија се мошне поволни за одгледување кајсија, врз што впрочем и економска сила каква што е Турција го темели својот извоз, ситуацијата со одгледувањето на оваа култура и понатаму е нејасна. Вистина дека таа има понесигурен принос, по краток период на берба и поограничени можности за одгледување од, на пример, праската, но таа е релативно отпорна на болести и штетници вообичаени за другото овошје, а нејзините плодови имаат голема употребна вредност и се секогаш барани на пазарот.

Д.М.М.

Фотографии: Маја Јаневска-Илиева